Минато определено свршено време во македонскиот јазик
Минатото определно свршено време (МОСВ), поретко: аорист — граматичко време со кое македонскиот јазик се служи да искаже минато, завршено и заокружено дејство. Со цел да се образува ова време, македонскиот јазик има развиено само четири различни наставки за соодветни лица и две нулти наставки.
Образување
[уреди | уреди извор]За образување на минатото определено свршено време, македонскиот јазик има развиено систем на наставки кои се додаваат на основниот глагол. Наставките кои се додаваат според лица се[1]:
еднина | множина | |
---|---|---|
1. | − в | − вме |
2. | ∅ | − вте |
3. | ∅ | − а / − ја |
Со дадените наставки, сите глаголи од сите глаголски групи и подгрупи можат да се сменат по лица, па така имаме:
а - глаголска група прочита |
и - глаголска група и-раздел: прати |
и - глаголска група е-раздел: оздрави |
и - глаголска група а-раздел: издржи | |
---|---|---|---|---|
Јас | прочитав | пратив | оздравев | издржав |
Ти | прочита | прати | оздраве | издржа |
Тој, таа, тоа | прочита | прати | оздраве | издржа |
Ние | прочитавме | пративме | оздравевме | издржавме |
Вие | прочитавте | пративте | оздравевте | издржавте |
Тие | прочитаа | пратија | оздравеа | издржаа |
е - глаголска група а-раздел: стане |
е - глаголска група е-раздел: сотре |
е - глаголска група о-раздел: дојде |
е - глаголска група раздел без самогласка: измие | |
---|---|---|---|---|
Јас | станав | сотрев | дојдов | измив |
Ти | стана | сотре | дојде | изми |
Тој, таа, тоа | стана | сотре | дојде | изми |
Ние | станавме | сотревме | дојдовме | измивме |
Вие | станавте | сотревте | дојдовте | измивте |
Тие | станаа | сотреа | дојдоа | измија |
Од промената на глаголите во ова време се забележува дека[1]:
- второто и третото лице во еднина се еднакви и без лична наставка;
- основната самогласка не се менува при промената по лице, освен во о-раздел од е-глаголската група, каде што наместо о се јавува е во второто и третото лице еднина;
- кај глаголите со раздел без основна самогласка личните наставки се додаваат на општиот дел од глаголот;
- Наставката -ја се јавува кај глаголите од и-група со и-раздел и кај глаголите од е-група со раздел без самогласка.
Употреба
[уреди | уреди извор]Основното значење на минатото определено свршено време е да се искаже заокружено и засведочено дејство, во присуство или со учество на оној што зборува во еден определен момент во минатото. Временскиот период што го опфаќа ова време може да биде сосема кус (пр: Погледнав накај него.), како и долг (пр: Куќата ја изградија за шест месеци)[1].
За образување на ова време се употребуваат глаголи од свршен вид. Во поретки случаи, обично во народниот јазик, има и образување со несвршени глаголи, како на пример: Три дни лежев болен. Една вечер спав надвор.[1]
Покрај основното значење, со ова време може да се означи и[1]:
- идност
- услов
- современост
Наводи
[уреди | уреди извор]Поврзано
[уреди | уреди извор]- Минато определено свршено време
- Граматика на македонскиот јазик
- Глаголи во македонскиот јазик
- Македонски јазик
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Македонска граматика од Виктор Фридман. (англиски)
- Граматика на македонскиот литературен јазик Архивирано на 30 јуни 2017 г. од Хорас Лант. (англиски)
- Македонска граматика Архивирано на 24 септември 2011 г. од Круме Кепески. (македонски)