Прејди на содржината

Оровник

Координати: 41°10′23″N 20°45′15″E / 41.17306° СГШ; 20.75417° ИГД / 41.17306; 20.75417
Од Википедија — слободната енциклопедија
Оровник

Поглед кон Оровник

Оровник во рамките на Македонија
Оровник
Местоположба на Оровник во Македонија
Оровник на карта

Карта

Координати 41°10′23″N 20°45′15″E / 41.17306° СГШ; 20.75417° ИГД / 41.17306; 20.75417
Општина  Дебрца
Население 472 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6000
Шифра на КО 19034
Надм. вис. 913 м
Оровник на општинската карта

Атарот на Оровник во рамките на општината
Оровник на Ризницата

Оровник — село во Општина Дебрца, помеѓу градовите Охрид и Струга.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Аеродромот Свети Апостол Павле

Покрај Охридското Езеро на 7 км оддалеченост од двата туристички града Охрид и Струга во близина на Охридскиот Аеродром. Со новата територијална поделба од 2005 година, атарот на селото е поделен на две општини (единици на локалната самоуправа): Охрид и Дебрца.

Историја

[уреди | уреди извор]

Оровник постои уште од старомакедонско (т.н. „хеленистичко“) време, за што говори наоѓалиштето во центарот на селото.[2]

Според податоците од 1873 година, селото имало 45 домаќинства со 118 жители христијани (Македонци).[3] Според податоците на Васил К’нчов од 1900 година, селото имало 140 жители христијани (Македонци).[4]

Името на селото и куса историја

[уреди | уреди извор]

За името Оровник егзистира следново предание. Кога Отоманското Царство го зазела овој крај, населението се побунило. За одмазда Турците с. Требеништа го истребиле, с. Горенци го изгореле, а селото Оровник, затоа што водачот на народниот отпор бил од него, го изгореле, а потоа го изорале. Оттогаш селото го носи денешното име, како и соседните села што ги носат тие имиња.

Постои и други кажувања за името. Едното е дека на ова подрачје имало многу ореви од каде што селото го добило името. Другото е дека, село со исто име, Оровник, има на источниот брег на езерото Мала Преспа, во Леринско, Егејска Македонија. И тоа било мала населба која настрадала за време на граѓанската војна во Грција. Неговите жители биле насилно протерани од родните огништа, а подоцна во неговиот атар грчката власт населила бегалци од Пинд, кои дотогаш живееле во с. Винени. Има забележани искажувања дека првите во Оровник биле доселени од леринското село Оровник и затоа на новата населба и го дале истото име, Оровник. Ова како и претходните искажувања досега не се научно докажани. Оровник е стара македонска населба. До 1953 година било стуткано на падините од Чука и Св. Петка со сосема мал број на куќи под селската црква.

Општествениот живот во тоа време главно се одвивал кај чешмата, на сретсело, во продавницата, во Управата, младинскиот дом, во црквата и кај ковачницата. Ширењето на селото започна во 1954 година , после поројните дождови и поплавата. Денес селото Оровник е современа населба. Исполнет е просторот од Горна Маала па сè до магистралниот пат Охрид - Кичево. Сите Улици низ селото се асфалтирани, има водовод, а во тек е поставувањето на канализациона мрежа која ќе го поврзе Оровник во колекторскиот систем.

Археолошки наоѓалишта

[уреди | уреди извор]

Подрачјето на КО Оровник не е досега систематски испитувано и не се вршени специјални ископувања. При случајни ископи најдени се остатоци од предмети и некрополи. Во непосредна близина се наоѓалиштата Горенци и Требеништа. На југоисток од оровничкиот синор, до манастирот Св. Еразмо се протегала населба или повеќе населби под името Хермелеја, од која се регистрирани наоѓалиштата: Свети Еразмо, Габавски Рид, Чекоштина, Патерица и Козлук. Меѓу овие два простора, Горенци – Хермелеја не можело да нема живот, односно населби. Присутно е преданието дека од месноста Кулиште во Оровник, па сè до Градиште, Требенишко кале постоел пат кој поминувал: Кулиште – Тројанско Поле – Тројани – Чука – Градиште. И денес има контури од тој пат. Од предметите при случаен наод во 1958 год над самото село во Заводот за заштита на спомениците од културата и Народниот музеј од Охрид е регистрирана една обетка која потекнува од VII и VIII век. Северозападно од селото, во долот Лескоец на неколку места се регистрирани керамички цевки кои се поставувани во правец кон изградените терми. Во месноста Под Лозја, на самата раскрсница на патот Кичево – Охрид и селскиот пат од с. Оровник за с. Мислешево во 1957 г. откриена е илирска некропола. Во наоѓалиштето Селиште на 2,5 км југоисточно од Оровник има купишта од камења од објекти, како и остатоци од два бунари за вода. Во југозападниот дел на ова наоѓалиште има остатоци од еднокорабна црква со ѕидови широки 90 см. Јужно од црквата се протегала некропола која датирала од Средниот развиен век. Меѓу населението од Оровник кружи предание дека токму на тоа место било старото Оровник, а има и свое предание како било уништено. На ова место во 1953 година пронајден е прстен од месинг. Во наоѓалиштето Корија – Манастириште, кој се наоѓа на 1 км источно од селото Подмолје има остатоци од сакрална градба и оградено е со суви ѕидови што наведува на тоа дека се работи за манастирски комплекс.

Наоѓалиштето Тројани се наоѓа во подножјето на Тројанска Чука, оддалечено 2,5 км источно од Оровник. Месноста е котлина во која било поранешното село Тројани. Таму се и изворите од каде селото Оровник се снабдува со вода за пиење. Северно од изворите се наоѓа некропола од античкиот период. Во 1958 год откриени се неколку гроба во кои се пронајдени една кама и грниња. Во наоѓалиштео Вишово има остатоци од камења, а во 1938 биле пронајдени повеќе гробови. Карактеристична архитектура за Оровник е куќа со приземје, ќерал, и еден кат. Во приземјето била сместувана стоката, просторијата за стоката се вика пондила, зимницата, дрвата за огрев, алатите за работа, со еден збор како магацин. На катот има две или повеќе простории и голем чардак. Во една од просториите задолжително има огниште. Тука се приготвувало јадењето, се обработувало млекото, се јадело и служело за дневен престој. Другите простории или одаи биле за спиење, спални соби. Подот од катот е послан со дрвени платици, а преку нив е послана земја, а поретко биле ставани подови од јасикови штици. Чардаците се големи, заградени со штици. На нив или под нив, во ајатот, се чувало есенското семе, пченка, тикви , кромид, суви пиперки итн. Летно време луѓето на чардакот се одморале за време на пладневниот одмор. Внатрешната фасада е од кал, а поретко од вар и песок. Тоалета нема во внатрешноста на куќите. Од градежен материјал се користи: камења за темелите и цоклето, поретко целото приземје, плиќе – тули од кал, дрво, покрив од слама ‘ржаница или со турски ѓерамиди. Асеизмички куќите биле зајакнати со дрвени појаси, отприлика на секој метар височина и поврзување на гредите, чатмите и диреците со дрвени чивии. Близу до куќата има плевна и кошара, пред кои има големо гумно. Современата архитектура во Оровник датира од 1963 година навака. Народната носија во оровник и Подмолје е иста како и во соседните села Горенци, Требеништа, Мешеишта, Волино и Мислешево. Таа е иста со носиите на Струшките полски села. Особено богата е женската носија. И машката и женската носија се изработени од домашна рачна изработка од: платно, клашни и предива. Машката носија се состои од: бечви, џамадан и шут џамадан, сите во природни бои, исто како материјалот. Рабовите од облеката и другите честоупотребувани делови, како џебовите и околу вратот се украсувале со гајтан или со оптока од волна. За зимно време се употребувало и гунче, а за сточарите гуна. Како обувки се користеле опинци од свинска кожа, волнени чорапи, а зиме објала. Преку половината мажите носат широк шарен, најчесто црвено-бел, појас кој на краевите завршува со реси. Капите порано биле округли, а потоа се заменети со капи со качкет. Женската народна носија се состои од: здолница, кошула, елек, ракави, клашеник, појас, поманики, скутина, туљбен, марама, шамија, сокајче, чорапи и опинци. И оваа носија е рачно изработена и украсена со народни мотиви.

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1343 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на дом на културата.[5]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 433 гласачи.[6]

Културни и верски објекти

[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Илија“

[уреди | уреди извор]

Црквата се наоѓа на Сретсело. Црквата е посветена на пророк Св. Илија, а е изградена во 1927 година. Подигната е на темелите на стара црква која била изградена во „турско време“, а била, во сводот, три скали под површината на земјата.Изградена е за 700 златници, наполони, а ја граделе мајстори од с. Вевчани. Фреските и живописот се дело на зографот Доне Донески. Осветувањето на црквата е извршено во 1929 година.

Влезот во црковнитот двор на „Св. Илија“

Потребните средства за изградба на црквата се собирале подолго време. Како извори од кои се собирале парите биле: црковниот имот на Св. Илија (годишно се жнеело до 90 кила жито. Овој имот во 1948 година е конфискуван од страна на комунистичката власт во Македонија. Во 2000 година, после скоро 50-ет години, дел од имотот е повторно вратен во владение на црквата.), доброволни прилози од месното население, како и помош собрана од другите села. Црквата го служи празникот на својот патрон Св. Илија, на втори август – Илинден. Овој празник претставува и селска слава. На овој празник традиционално, Црковниот одбор дава отчет за својата работа, приредувајќи и вечера за соселаните. Според претставите од камбаната, се гледа дека, камбаната била купена во 1935 година од Битола. Таа е излиена во ливницата „Победа“ на Димитри Шекиќ. Авлијата околу црквата, каде што се наоѓаат и селските гробишта е подигната во периодот од 1915 до 1918 година. Придружен објект во кругот на црквата во тоа време бил Ајатот. Во него луѓето отседнувале, а жените раздавале „за душа“. Во 1950 година Ајатот бил подигнат на кат во кој била сместена управата на селската земјоделска задруга „Димитар Влахов“. Некое време се користел како училница во која била сместена една паралелка, а подоцна како училишна кујна. Подолго време во тие простории активно делувала организацијата „Народна Просвета“, а подоцна сè до 1988 година бил младински дом. Со изградбата на домот на културата „Илинден“ во с. Оровник, во 1988 година тој повеќе не се користи. Подоцна во 90-тите години од минатиот век, објектот е урнат. Црквата за своите потреби и потребите на верниците има современа трпезарија во кругот на црквата. Црквата е отворена за верниците секоја недела и за верските празници. Богослужба има за Илинден и поголемите верски празници, како што се Божик, Водици, Велигден и др. Традиционално секоја година на празникот Водици, во водите на Охридското Езеро, кај Оровничка плажа, се фрла крстот.

Манастир „Св. Петка“

[уреди | уреди извор]

Од памтивек малото изворче кое се наоѓа во шумата на Св. Петка го носи нејзиното име. Оровничани отсекогаш оделе таму и оставале подароци. Во почетокот на 80-тите години од минатиот век по иницијатива на оровничанката Цара Ѓорѓиевска, подигнат е привремен објект на манастирот и извршено е каптирање на лековитата вода од малото изворче.

Црква на манастирот „Св. Петка“

Денес благодарение на сестраната помош од: жителите на село Оровник, помошта од верниците од околните села и градови, од нашите сонародници од европските и прекуокеанските земји, од многуте спонзори, од фирми и општините Охрид, Струга и Дебрца, направено е многу. Изградени се манастирска црква и конаци, асфалтиран е патот од с. Оровник до манастирот Св. Петка во должина од 1,5 км., донесена е вода за пиење од водоводниот систем „Тројани“, средена е околината околу црквата и конаците итн. Осветувањето на манастирската црква е извршено на празникот Св. Петка, на 8 август 1999 година. Осветувањето го изврши Архиепископот на Дебарско-кичевската епархија г-дин Тимотеј со своите свештено служители. Во манстирот од неговото осветување постои и „Појас“ кој го носат жените кои не можат да имаат пород. До денес многу жени го добиле своето чедо благодарение на Светиот Појас од манастирот Св. Петка од с. Оровник. Богослужба во манастирот Св. Петка има на ден 8 август, на празникот Св. Петка. На овој ден има и голем Црковно-народен собир, а манастирот за сите посетители дава ручек.

Манастирот „Св. Недела“

[уреди | уреди извор]

Во местото викано „Капеш“, веднаш над селото Оровник, на патот кој води за „Тројанско поле“ и соседното село Лакочереј, се наоѓа месноста „Лекојта Вода“. На ова место од памтивек постои изворче со лековита вода, богата со минерали. Ова место уште од порано меѓу населението било познато како „Св. Недела“.

Порта на манастирот „Св. Петка“

Во 90-тите години од минатиот век, на иницијатива од оровничанецот Крсте Б. Нелоски заедно со неговоото семејство, потпомогнат од жителите на Оровник и околните места, започната е изградба на манастирска црква „Св. Недела“. Прво е извршена каптажа на малото изворче, расчистен е теренот и е подигната црквата. Црквата е осветена на ден 20 јули 1996 год, на празникот Св. Недела. Осветувањето го изврши митрополитот Дебарско – кичевски Тимотеј со своите свештенослужители.

Подоцна наредните години, веднаш над манастирската црква изграден е манастирски конак и камбанарија. Богослужба има за празникот Св. Недела, на 20 јули секоја година. Спроти празникот Св. Недела, вечерта на „заслогот“ има голем Црковно – народен собор, кој секоја година е посетен од многубројни верници од целата држава. На самиот празник, на Св. Недела, 20 јули, има богослужба, а манастирот за сите посетители дава ручек.

Светиот крст

[уреди | уреди извор]

Во месноста „Умалиште“, помеѓу двата селски пата кои водат, едниот кон аеродромот и другиот кон месноста „Лескоец“, на самата ширина, во 2000 год (27 септември 2000 г.), на почетокот на Новиот милениум и 2000 години од Христијанството, подигнат е „Свет Крст“. По иницијатива на оровничаните, браќата Богоја, Душан и Иван (Сидорови) Јолакоски заедно со своето семејство, потпомогнати од жители на с. Оровник и верници од околните места подогнат е околу 10 метри висок крст од метална конструкција. Крстот е осветлен, така што тој ноќе може да се забележи од магистралниот пат Охрид- Кичево, од соседната Струга и од селата во Струшкиот регион. Светиот Крст е посветен на Воздвижението на Чесниот Крст. Осветувањето на „Светиот Крст“ е извршено на 27 септември 2001 г. Осветувањето го изврши митрополитот Дебарско – Кичевски г. Тимотеј, со своите свештено служители. Богослужба има на празникот Крстовден на 27 септември. На овој празник секоја година оровничани и останатите посетители го посетуваат Светиот Крст на церквено-народен собир, каде што „Светиот Крст“ дава мала закуска за сите посетители

Св. Никола - Чекоштина

Параклис поставен во месноста „Чекоштина“ во место викано „Карпа“ до наоѓалиштето „Козлук“. Постои иницијативен одбот за изградба на комплетен храм посветен на св. Никола.[7]

Св. Спас

Најновата селска црква. Малечка еднокорабна црква со камена фасада.

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948371—    
1953410+10.5%
1961476+16.1%
1971454−4.6%
1981522+15.0%
ГодинаНас.±%
1991582+11.5%
1994489−16.0%
2002440−10.0%
2021472+7.3%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Оровник живееле 140 жители, сите Македонци.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Оровник имало 160 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Оровник е претставен како мешано македонско-албанско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 50 куќи.[10]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[11]

Според пописот од 2002 година, во селото Оровник живеат 440 жители, сите Македонци.[12]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 472 жители, од кои 453 Македонци, 1 останат и 18 лица без податоци.[13]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 140 160 371 410 476 454 522 582 489 440 472
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]

Селото Оровник е македонско православно село. Сите родови во селото се доселенички, најстари родови во селото се Мијаковци и Неловци кои се доселиле во ХVIII век, потоа дошле и други.[18]

Родови во Оровник се:

  • Мијаковци (11 к.) доселени се од мијачкиот крај, поточно од селото Галичник, од Галичник тие најпрво дошле во некое село во Дебрца, па потоа се населиле во Оровник;[19]
  • Неловци (14 к.) доселени се од селото Лактиње, во Лактиње дошле од селото Присовјани, а во Присовјани од каде дошле не се знае точно, прв кој дошол во Оровник бил Нело и по него цел род е Неловци;
  • Цветковци (16 к.) доселени се од селото Сошани, Дебрца, во овој род се знае следното родословие: Владо (жив на 52 г. во 1980 година) Атанас-Трифун-Мирче-?-Цветко кој се доселил, тие имаат роднини во селото Сошани;
  • Јолаковци (15 к.) доселени се од селото Коњско го знаат следното родословие: Живко (жив на 31 година во 1980 година) Илија-Димитрија-Јолак предокот кој се доселил;
  • Даљчевци (3 к.) доселени се од селото Злести, Дебрца;
  • Митревци (1 к.) доселени се околу 1950 година од селото Слатино, Дебрца;
  • Бомболовци (13 к.) и Таневци (8 к.) некогаш чинеле еден род, брачни врски и сега нема помеѓу овие два рода, доселени се од селото Лин, Албанија, во селото Ливоишта имаат роднини Трифуновци;
  • Секуловци или Бамболовци (5 к.) доселени се од некое село во околината на Лерин, од Леринско најпрво се населиле во селата Лактиње и Слатински Чифлик, во Слатински Чифлик останал еден дел од родот од нив таму се Китевци.[19]
  • Мартиновци (8 к.) доселени се од преспанското село Герман, тие од Герман најпрво се населиле во Ѓавато, таму останува дел од родот, а другиот отишол поназапад, тие од Ѓавато најпрво се населиле во Црвена Вода, од Црвена Вода отишле во Орман, а од Орман се населиле во Оровник, најстара личност за која се знае е Ристо; и
  • Мојсовци или Лошковци (4 к.) по потекло се од Дебарско, од Дебарско најпрво отишле во Струшка Малесија, а од таму во Лешани, од Лешани во Подмоље и на крај околу 1912 година се населиле во Оровник.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Постари иселеници до крајот на 1940-тите имало во САД (6 семејства) и во Охрид (1 семејство).[20]

Општествени установи

[уреди | уреди извор]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Археолошки наоѓалишта[2]
  • Оровник — населба и некропола од хеленистичко и римско време
  • Под Црквата — некропола од железно време
  • Тројани — некропола од римско време

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 254-255. ISBN 9989-649-28-6.
  3. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.102-103.
  4. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.253
  5. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  6. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  7. Свети Никола се слави и пред параклисот на „Чекоштина". Архивирано од изворникот на 2014-02-22. Посетено на 2015-01-14.
  8. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 252.
  9. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Paris, 1905, pp. 162-163.
  10. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 31.
  11. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  12. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  13. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  14. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  15. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  16. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  17. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  18. Ф., Трифуноски, Јован (1992). Охридско-струшка област : антропогеографска проучавања. Српска академија наука и уметности. ISBN 8670251582. OCLC 27418468.
  19. 19,0 19,1 „Етно-генеза на населението“. Посетено на 2018-09-14.
  20. . Русиќ, Бранислав. Струшко Поле-Оровник. Архивски фонд на МАНУ АЕ 88/1. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  21. „За училиштето“. македонски: ОУ „Дебрца“ - Белчишта. Архивирано од изворникот на 2016-08-25. Посетено на 22 август 2016.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]