Прејди на содржината

Врбјани (Охридско)

Координати: 41°25′3″N 20°47′39″E / 41.41750° СГШ; 20.79417° ИГД / 41.41750; 20.79417
Од Википедија — слободната енциклопедија
Врбјани
Врбјани во рамките на Македонија
Врбјани
Местоположба на Врбјани во Македонија
Врбјани на карта

Карта

Координати 41°25′3″N 20°47′39″E / 41.41750° СГШ; 20.79417° ИГД / 41.41750; 20.79417
Општина  Дебрца
Население 32 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 19010
Надм. вис. 919 м
Врбјани на општинската карта

Атарот на Врбјани во рамките на општината
Врбјани на Ризницата

Врбјани — село во Општина Дебрца, недалеку од патот Кичево - Охрид.

Потекло на името

[уреди | уреди извор]

Според искажувањата на месните жители селото Врбјани своето име го добило по врбите кои ги имало во околината.[2]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]

Селото Врбјани се наоѓа на надморска висина од 919 м, на источната страна на планината Стогово. Тоа е прво село во Горна Дебрца после највисоката точка на патот Кичево - Охрид наречено Пресека. Селото се наоѓа на 3км оддалеченост од регионалниот пат. Низ селото течат две реки, Голема река и Бигришка Река, како извори на реката Сатеска. Изобилува со вода и извори на вода. Последната куќа од селото во горно маало, се наоѓа на 970м надморска висина. Оддалечено е 26 километри јужно од Кичево и 39 километри северно од Охрид.

Селото е со куќи од збиен тип и се состои од горно и долно маало. Маалата се разликуваат и по родови, како на пример, Ќемалоски, Ангелески, Патникоски, Радески и други. Во селото има околу 100 домаќинства. Селото е на место каде отсекогаш можело да има населба. Има многу поволни природни и економски услови. Од западната страна се издига пространа планинска падина, израсната со дабова и букова шума. Изнад нејзината горна граница се простира голина т.е. планинска испаша. Од источна страна се простира ниско земјиште погодно за обработка. На планинскиот дел од атарот се наоѓа Црвено млаче (главна испаша), Годијов дол, Манастирец, Јагњештица, Локви, Секулица, Папрадница, Мирослајца, Јасика, Смрдешница, Божинарамен итн. Источно се наоѓа плодно обработлива земја Предалиште, Галвје, Св.Петар, Жежница, Луда вода, Дупчиња, Петрчане, Крст, Цер, Патница, Царев кладенец и др. На планинската падина се наоѓа Стојански извор, Жежов извор и Манастирец, а во подножјето на планината извира Петрчански извор и Царев кладенец. Многу е значаен Петрчански извор од кој извира јака вода како река на која некогаш имало воденица, а денес дел од таа вода се каптира и се упортебува за селскиот водовод.

Соседни села на селото Врбјани се: Иванчишта, Попоец и Ехлоец од север, Годивје од југ, Сливово од југоисток, и Селци и Елевци од запад.

Историја

[уреди | уреди извор]

Селото Врбјани постоело пред доаѓањето на Турците во 1371 година. Името Врбјани го добило по многуте врби кои ги имало меѓу двете реки, Голема и Бигришка, како извори на реката Сатеска. Покрај с. Врбјани постоело село Нивишта со црквата „Св. Петар и Павле“, која постои и денес. Црквата „Св. Ѓорѓи“ во село Врбјани, според преданијата на старите жители Ристо Сиљанов, Спиро Ставрев, Крсте Ќемалоски, Стојан Донески и други, била градена од 1322 до 1340 година. Црквата Свети Ѓорѓија требала да биде осветена во 1345 година од охридскиот архиепископ Николај I, кој бил поканет да ја освети црквата. Во меѓувреме Охридскиот Архиепископ Николај добил покана да оди во Скопје и да го круниса царот Душан и архиепископот Николај да му ја стави круната на глава на царот Душан Силни како поглавар на најстарата архиепископија, иако постоела и Пеќската.

Поради овие збиднувања Архиепископот не дошол на осветувањето на црквата Свети Ѓорѓија и црквата останала неосветена сè до 1605 година според летописот кој е над влезната врата запишан на западната страна. Со доаѓањето на Турците народот од село Нивишта и село Врбјани, бегајќи од Турците, побегнале во планина во месноста Манастирец каде што формирале село со црква во која имало крст со златен синџир, а ископини постојат и денес. Дел избегале и во Прилепскиот крај каде што формирале село Врбјани и Годивје кои и денес постојат.

Црквата Свети Ѓорѓија е осветена во 1605 година (и тоа несигурно бидејќи дел од летописот со годината е одлепен со малтерот, а асоцира на 1606 година). Според кажувањата на старите селани дека црквата била изградена а неосветена 300 години (се совпаѓа 1340 до 1605 година), како доказ се фреските на јужната страна на олтарот Свети Сава и Свети Симеон Столпник. Заклучок е дека црквата Свети Ѓорѓија е градена од 1322 до 1340 година зашто не е можно фреската на Свети Сава да биде донесена подоцна во XVI век, кога турското владеење било големо и Турците биле семоќни господари. Црквата Свети Ѓорѓија била изгорена а иконите издупени со шајки по очите на светците од турски војници. Селанецот Доне Донески бил скриен во една капина до црквата и гледал што прават турските војници, отишол кај јумбашијата (турски командант) и го известил што направиле неговите војници во црквата и војниците биле повикани и камшикувани. Во 1903 година после Илинденското востание целото село е запалено и тогаш е изгорена и црквата со иконостасот. Иконостасот во црквата Свети Ѓорѓија е обновен во 1916 година, и него го имаат работено браќата Ѓоре и Доне од мијачкото село Гари.

Селанецот Никодин (Канџо) од село Врбјани, протеран од српските власти, побегнал и живеел во Украина во Киев. Како желба на Никодин да се споменува неговото име, нарачал два црковни барјака.На едниот е Мајка Марија а на другиот е Свети Никон - Чудотворец. Црковните барјаци се донесени од Никодин во 1917 година и оставени во црквата Свети Ѓорѓија за црковни обреди. Овие записи се искажани од Ѓорѓе Костадиноски од село Врбјани.

Црквата „Св. Петар и Павле“, која се наоѓа на околу 200 метри источно од селото Врбјани, која била подигната 1938 година од страна на селанецот Ристо Серафилов-Матевски за кого се кажува дека бил многу болен и сонил сон на местото на кое е сега црквата (пред тоа на истото место имало манастир кој бил срушен за време на Отоманското Царство) да ги постави темелите за да оздрави. Селаните кои биле во црковниот одбор како ги носеле камењата за да биде подигнат темелот, Ристо почнал да закрепнува и заедно го поставиле темелот.

Црквата Свети Петар и Павле, е осветена на 21 јули 2012 година од тројца службеници испратени од страна на митрополитот Тимотеј Дебарско-кичевски па после осветувањето може да се одржува света литургија во црквата. До црквата Свети Петар и Павле, во 2008 година пролетта започна да се гради манастир.

За време на Илинденското Востание Врбјани било до темел запалено, тогаш населението се криело во околината. За време на востанието постоела Врбјанска чета во која главен комита бил Спиро Гаврилов.

Во текот на втората светска војна,Врбјани било под окупација на фашистичка Италија и балистите, во борбите против непријателот учествувале многу Врбјанци и Врбјанки, а некои и го положиле својот живот.

Врбјани има најголем атар во Горна Дебрца. На тој атар постоеле и други помали населби како Манастирец, Жежница и Петрчани. Првото село лежело во долината на Голема река во планинскиот дел од атарот. Жежница била на североисточната страна веднаш над ридот Предалишта. Петрчани било 3 км североисточно од денешното место на Врбјани.

Петрчани прво било христијанско славјанско село кое во 1863 година е населено од Турците со Черкези. Како што е познато кога Русите го освоиле Кавказ, еден дел Черкези од таму се преселени во Турција и турската власт ги населила на балканското полуострово. Петрчани имало 40 домаќинства меѓутоа Черкезите биле многу лоши соседи и не дозволувале движење на христијани во близина на своето село, а со стоката нанесувале штета на соседните села. Имале и опасни кучиња кои ги напаѓале минувачите. Во 1890 година убиле еден маж од село Годивје а потоа и една жена бегалка која одела по патот Охрид - Кичево. Поради тоа против нив се здружиле Македонците од околните села Врбјани, Сливово и Годивје и ги нападнале и ги потепале, а селото го запалиле. Некои кои успеале да се спасат пребегале преку планината Стогово во Дебар. Земјата ја поделиле меѓусебно. Тоа се случило околу 1890 година.

Според податоците од 1873 година, селото имало 60 домаќинства со 172 жители христијани (Македонци).[3] Според податоците на Васил К’нчов од 1900 година, селото имало 480 жители христијани (Македонци).[4]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Жителите во главно се занимаваат со земјоделство и сточарство. До шеесеттите години од дваесеттиот век работеле и Стоговските рудници за железна руда и во тоа време било развиено и рударството. Денес рудниците се затворени како државни резерви. Издршка некои жители гледаат во пчеларството, а во погодни климатски услови жителите собираат печурки кои ги има во изобилие, особено печурката Вргањ која е доста ценета. Бидејќи има многу малку стока во денешно време а многу пасишта, селани од струшките села Албанци довааат да ја косат тревата и за мали пари ја носат за храна на својата стока во своите села.

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948803—    
1953879+9.5%
1961649−26.2%
1971371−42.8%
1981229−38.3%
ГодинаНас.±%
1991129−43.7%
1994106−17.8%
200258−45.3%
202132−44.8%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Врбјани живееле 480 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Врбјани имало 640 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Врбени е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 74 куќи.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 700 Македонци.[8]

Во селото Врбјани живеат Македонци припадници на племето Брсјаци (Берзити). Од Врбјани се иселил значаен дел од населението, па така од голема преминала во мала населба.

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 58 жители, од кои 57 Македонци и 1 останат.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 32 жители, од кои 22 Македонци и 10 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 480 640 803 879 649 371 229 129 106 58 32
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Врбјани е македонско село.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1948 година, родови во селото Врбјани се:

  • Староседелци: Анѓелевци (14 куќи) меѓу нив е Никола, кој е посинет од Волино, а по потекло од Оздолени. Живеат во својот крај во Горно Маало; Шамалевци (7 куќи) живеат во своето Шамалеско маало; Поповци (14 куќи), Митревци или Куловци (6 куќи), Божиновци (4 куќи), Гавриловци (4 куќи), Радевци (2 куќи), Јанкуловци (4 куќи) и Калајџиовци или Јоновци или Ропаковци (3 куќи) сите потекнуваат од заеднички предок, и живеат во своето маало Вир, но почнале да се одродуваат; Мушевци (4 куќи) и Муратовци (7 куќи) потекнуваат од ист предок, и сите живеат во Мушевско маало; Ќемаловци (14 куќи), Вретовци (10 куќи) и Пејовци (3 куќи) потекнуваат од ист предок; Савевци (7 куќи) живеат во Горно Маало; Матевци (4 куќи) куќите им се наоѓаат измеѓу маалото Вир и Шамалеско Маало; Андревци (4 куќи) куќите им се наоѓаат измеѓу Анѓелевските и Матевските. Сите староседелски родови слават Ѓурѓовден, Петровден.
  • Со непознато потекло се: Патниковци (25 куќи) за нив се вели дека предокот кој се доселил дошол уште во времето кога постоело селото Манастирец, и основачот на родот бил ковач. Куќите им се наоѓаат во Патникоско Маало, и слават Ѓурѓовден и Петровден.
  • Доселеници со позната старина: Дошлаковци (7 куќи) доселени се средината на XIX век од Сливово, каде припаѓале на староседелскиот род Смилевци, куќите им се 4 во Вретовско Маало, и 3 во Анѓелевско Маало, слават Петровден; Војневци (1 куќа) доселени се 1860 исто така од Сливово, живеат во Анѓелевско Маало, слават Ѓурѓовден; Локовци (11 куќи) доселени се од селото Локов, Малесија, живеат во своето Локовско Маало, слават Петровден.[2]

Според истражувањата пак на Јован Трифуноски во 1978 година, родови во селото се:

  • Староседелци; Патниковци (20 к.), Анѓелевци (10 к.), Ќемаловци (10 к.), Радевци (8 к.), Поповци (8 к.), Вретовци (7 к.), Савевци (7 к.), Муратовци (5 к.), Мушевци (4 к.), Шамалевци (4 к.) и Пејовци (3 к.).Сите наведени родови се староседелски, а некои од нив живееле во раселените села Петрчани, Жежница и Манастирец. Од Поповци потекнувале селските свештеници Мате, Ристе и Сиљан.Сиљан умрел 1955та. Жителите на родот Радевци некогаш биле големи сточари, меѓутоа правеле штета во нивите на родот Муратовци, и затоа еден член од родот Муратовци убил еден овчар од Радевци, и потоа плашејќи се од крвна одмазда пребегнал во Тетовско (Туденце) таму го основал родот Вражевци. Во родот Анѓелевци се знае следното родословие: (Кирил-Златко-Кире-Петре-Лазар-Трајче-Ангеле-Петре)
  • Доселеници: Локовци (7 к.) доселени се во 1820та од селото Локов,Струшка Малесија,се знае следното родословие: Стојан(жив на 62 г. во 1978 год) Данил-Јовче-Ристо-Ѓоре основачот на родот кој се доселил.Ѓоре во Врбјани купил имот од некој Мијак,и сега имаат најубави ниви во селото; Дошлаковци (7 к.) доселени се во 1850та од соседното село Сливово,го знаат следното родословие: Горјан(жив на 25год во 1978 год) Ристе-Варсе-Петре-Смиле основачот на родот кој дошол од Сливово.[15]

Општествени установи

[уреди | уреди извор]

Образоваие

[уреди | уреди извор]

Првата училишна зграда била изграде во 1860 година. Во почетокот на 20 век во селото постоело егзархиско училиште, во кое ученици учеле на бугарски јазик. За времето помеѓу двете светски војни во селото имало српско училиште, а поради немање свои пропагатори во Врбјани, во селото Србите поставувале за учители од други краишта, па така во селото учител прво бил Душан Ѓуровиќ од Вирпазар, Црна Гора. Потоа во селото дошол како помошник за Душан Ѓуровиќ, Душан Милосавлевиќ од Књажевац, Србија. Некое време во селото била учителка и Нада Мискарова-Ставриќ од Охрид. А последни учители по српски во Врбјани биле, Добросав Ангелковиќ и неговата сопруга од струшкото село Лабуништа.

Во периодот по Втората светска војна во селото имало училиште до осмо одделение со интернат за децата од околните села. Па така во селото покрај децата од Врбјани, во школото учеле и деца од селата Годивје, Лактиње, Арбиново, Мраморец, Сливово, Турје и Иванчишта, во овој период наставата се одржувала на мајчиниот јазик (македонски), а учителите биле од Врбјани и околните села.[16]

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамки на Општина Дебрца, која била создадена откако се споиле поранешните општини Белчишта и Мешеишта во 2004. Од периодот на 1994-2004 селото влегувало во некогашната Општина Белчишта.

Во периодот од 1965 до 1996 селото било во рамките на големата Општина Охрид.

Во периодот 1952-1955 селото било во рамките на Општина Сливово, во која општина освен Врбјани, влегувале и селата Сливово, Мраморец, Турје, Арбиново, Годивје, и Лактиње. Во периодот 1950-1952 селото влегувало во рамките на Општина Годивје, во која Општина биле селата Врбјани, Годивје и Лактиње.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото посто избирачко место бр. 1333, според Државната изборна комисија, кое е сместено во задружниот дом на Врбјани.

На Референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 33 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Археолошки наоѓалишта

Личности

[уреди | уреди извор]

Илинденци

[уреди | уреди извор]

Учесници во НОБ

[уреди | уреди извор]

Младината на ова село покрај другите спортски активности најголемо внимание му посветувало на фудбалот.Првата фудбалска средба врбјанци ја одиграле против екипата на Лазарополе во 1937,потоа одиграле натпревар и против тимот на Мешеишта во 1939.Според искажувањата на Благоја Ангелески, тимот на Врбјани во периодот од 1945 до 1995 одиграле многу натпревари и учествувале во регионалната лига,каде константно биле во горниот дел од табелата,а освоиле и еден трофеј. Првиот познат состав од Врбјани бил следниот,одигран натпревар во селото Ржаново,против истоимениот тим во состав; Костадин Јоноски-голман (кој од Белград ја донел првата фудбалска топка во селото) Јордан Лазароски-Чеперко, Онофрија Попоски, Крсте Чакар, Круме Јовчески, Гаврил Гаврилоски, Павле Попоски, Злате Патникоски, Стојан Стаматоски, Живко Ѓурчиноски и Мито Спасески. Потоа одигран натпревар во Белчишта,против тимот на Белчишта во состав; Илија Филипоски-Голман, Добре Костески, Цветан Гаврилоски, Велјо Чадлиноски, Ристе Најдески, Никола Николоски, Ристо Момчоски, Размо Ќемалоски, Руме Вретоски, Раде Гаврилоски и Зоре Смилески, а настапиле уште Ѓоре Савески како голман и Зарко Локоски. На 4 јули 1963 тимот на Врбјани го освоила пехарот на турнирот по повод празникот денот на борците во селото Белчишта,и настапила во состав; Стојан Божиноски, Добре Јанкулоски, Тоде Ќемалоски, Трајко Божиноски, Перо Исјаноски,Трајан Војдиноски, Јован Јованоски, Благоја Ангеловски, Насте Ангеловски, Стојан Панделески, Стојан Муратоски, а под број 11 настапил и Круме од селото Турје, натпреварот во финалето завршил со резултат 4-3 (3-0) а стрелци на головите биле: Благоја Ангеловски (2 гола) а по еден дале Насте Ангеловски и Круме. Тимот на Врбјани учествувал и во Општинската фудбалска лига на општинскиот фудбалски сојуз на Охрид во 1980/81,а првиот натпревар тимот го одиграл против екипата на Рибар од селото Трпејца,на ова натпреварување тимот на Врбјани играл со следните играчи; Јован Јованоски, Крсте Блажески, Јоне Јоноски, Ноле Попоски, Блаже Исјаноски, Цветко Савески, Перо Ставрески, Блаже Блажески, Крсте Ангеловски, Стевчо Костевски, Стојан Стаматовски, Наум Филоповски, Драге Јовановски-Пеле, Ацо Максимоски, Секула Секулоски, Кузман Секулоски и Мате Попоски. Во 1983 Општинската фудбалска лига-Охрид била поделена во два дела поради финансиски трошоци и големиот број клубови. Во таа натпреварувачка сезона фудбалскиот клуб на Врбјани како првак играл квалификации со првакот од другата група,фудбалскиот клуб Бетон од Охрид,на стадионот Грешница во Охрид,за добивање на првак во рамки на Општинската лига. Овој натпревар завршил со резултат 1-0 за екипата на Бетон.Во Општинската лига фудбалскиот клуб на Врбјани престанува да се натпреварува од сезоната 1995/96. Прв гол во ова натпреварување за екипата на Врбјани го постигнал Стево Костески.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Од селото Врбјани постари иселеници има во кичевското село Свињиште (Караџовци), во прилепското село Врбјани (Поповци и Коруновци), во тетовското село Туденце (Вражевци), во Ново Село (Сиљановци или Вретовци), во мијачкото село Росоки (Мелоски). Во периодот помеѓу светските војни имало малку иселеници од селото во САД, Бугарија, Аргентина, во прилепското село Бело Поле (Мартиновци и Трајковци), и во селото Издеглавје (Цолевци или Гавриловци). После Втората светска војна иселеници имало во Војводина, во селата Глогоњ и Јабука.

Врбјани преку прироред пат постепено растело до 1948 година кога имало околу 150 домаќинства и околу 1000 жители и тоа било максимумот на жители кои можеле да се преранат на тој простор, а еден селанец во тоа време кажал „На планина не остана неизорано ни едно падинче“. Поради тоа после војната е основано училиште до осмолетка со дом-интернат за децата од другите села. Меѓутоа после затворањето на стоговските рудници за железо и укинувањето на возот Скопје - Охрид кој поминувал близу селото, народот нагло се растурил и се одселил. Иселениците живеат во Охрид (околу 40 куќи), Скопје (околу 40 куќи) каде што се вработија во главно во железници и железарница. Во Струга се отселиле 10 домаќинства, Кичево 10 домаќинства, Битола 10 домаќинства и Австралија 14 домаќинства.

Од 1974 година во ова село не постои ниту еден ученик и во куќите во главно живеат постари луѓе. Во 2008 година има околу 25 постојани жители кои целата година живеат таму, а од мај до октомври во селото живеат над 100 жители.[2][15][16]

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 Русиќ, Бранислав. Дебрца-Врбјани. Архивски фонд на МАНУ АЕ 89/1.
  3. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.102-103.
  4. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.253
  5. Васил Кънчов. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 253.
  6. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, рр. 162 – 163.
  7. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 31.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. 15,0 15,1 . Трифуноски, Ф. Јован. „Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања“. САНУ, 1980. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  16. 16,0 16,1 Костадиновски, Бранко. Врбјани. Скопје.
  17. „iVote ДЕМОКРА - Интегриран изборен информатички систем на Државна изборна комисија на Република Македонија“. referendum.sec.mk. Посетено на 2018-11-09.[мртва врска]
  18. Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. стр. 871–876.
  19. 19,0 19,1 19,2 19,3 19,4 19,5 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  20. 20,0 20,1 20,2 20,3 20,4 20,5 20,6 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  21. 21,0 21,1 21,2 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  22. 22,0 22,1 22,2 22,3 22,4 22,5 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]