Трновци
Трновци | |
Куќи во селото | |
Координати 41°15′05″N 21°19′50″E / 41.25139° СГШ; 21.33056° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Могила |
Област | Пелагонија |
Население | 280 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7245 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02119 |
Надм. вис. | 586 м |
Слава | Мала Богородица |
Трновци на општинската карта Атарот на Трновци во рамките на општината | |
Трновци на Ризницата |
Трновци — село во областа Пелагонија, во Општина Могила, во околината на градот Битола.
Потекло на името
[уреди | уреди извор]Името на селото првпат е забележано во 1335 година. Се верува дека потекнува од трн и дека ова сега претставува само придавна форма, или пак дека е множинска форма од трновци, луѓе кои живееле во месноста Трново или Трнов Дол.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во Пелагонија, во крајниот северен дел на Битолското Поле, во северниот дел на територијата на Општина Могила, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Крушево.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 620 метри.[3]
Селото се наоѓа помеѓу полето на запад и планината на исток. Околни села се: Бучин, Свето Тодори, Древеник и Бела Црква.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Бозд, Елезоа Ограда, Црни Земји, Три Круши, Чаирче, Чолачица, Грчалница, Једјабара, Мемоица, Фератагица, Листој, Ливадичиња, Тутунски Пат, Ќерамидница, Караџоица, Лопатка, Амзодаб, Партало, Крувче, Ендечиња, Гола Мртвица, Воѓански Пат, Шиклејца, Бучински Пат, Лозја, Под Село, Забел, Липа, Вртешка, Вирои, Куса Присојница, Длаги Рид, Клапа, Солишта, Гарваноец, Водоврица, Сарај, Мала Река, Асаној Шпили, Бегоа Корија, Пачкоец, Габерче, Кале, Коларник, Бели Брежиња, Осојница и Рамнина.[4]
Селото има збиен тип и е поделено на три маала: Горно, Оно и Долно Маало. Маалата се состојат од роднински куќи.[4]
Селото се наоѓа во Битолското Поле, оддалечено 29 километри североисточно од Битола, а 21 километар од општинското средиште Могила.[5]
Историја
[уреди | уреди извор]Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Прилепскиот вилает кога имало 22 семејства, 3 неженети и 1 вдовица, сите христијани.[6]
На тромеѓето помеѓу селата Трновци, Древеник и Света, се наоѓа утврдувањето Кале (1.425 метри), каде биле пронајдени мали траги од градби и заштитниот бедем околу нив. Биле ископувани и стари монети.[4]
Во средиштето на Долно Маало селаните донеле мермерен столб, висок 1,2 метри, најден во месноста Висои, сместена во полето. На него порано постоеле одредени написи. Во месноста биле пронаоѓани и други блокови, ќерамиди и земјени садови.[4]
Селото се смета за стара населба, спомената уште во средниот век. Во 1335 година било предадено од страна на Цар Душан на манастирот Трескавец, во близина на Прилеп. Селото, најпрвин, било православно словенско село, но од почетокот на XVIII век, тука се населувале муслимани. Поради тоа, еден дел од христијаните го примиле исламот, а друг дел од христијаните во текот на XIX век се иселиле. Најмногу се иселиле во соседните села: Свето Тодори, Ивањевци, Новоселани (Битолско) и Бучин.[4]
Во минатото, во Горно Маало постоела црква посветена на Свети Атанас. Денес, нема остатоци од таа црква и таму биле изградени некогашните муслимански куќи.[4]
Во XIX век, Трновци било село во Битолската каза на Отоманското Царство.
Вкупно 3 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[7]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот зафаќа простор од 11,8 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 620 хектари, на пасиштата отпаѓаат 202 хектари, а на шумите 232 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Трновци живееле 450 жители, сите Македонци-муслимани.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 850 Турци.[9]
Во минатото целото население во Трновци го сочинувале Македонци од муслиманска вероисповед. Во 1953 година, биле регистрирани 1.312 жители во селото, од кои најголем дел се иселиле во Турција. На нивно место се населуваат Македонци христијани од областа Железник.[10]
Трновци во 1961 година имало 839 жители, од кои 808 биле Македонци, а 27 жители Турци. Во 1994 година, бројот се намалил на 435 жители, од кои 373 биле Македонци, 36 Албанци и 25 жители Турци.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Трновци живееле 427 жители, од кои 383 Македонци, 30 Албанци, 13 Турци и 1 останат.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 280 жители, од кои 193 Македонци, 51 Албанец, 8 Турци, 3 останати и 25 лица без податоци.[12]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Трновци:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Срби | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | 1.129 |
1953 | 35 | 2 | 1.261 | 1 | 0 | 13 | — | 1.312 |
1961 | 808 | 0 | 27 | 0 | 4 | 0 | — | 839 |
1971 | 856 | 0 | 8 | 0 | 3 | 6 | — | 873 |
1981 | 670 | 5 | 58 | 0 | 1 | 2 | — | 736 |
1991 | 588 | 37 | 16 | 0 | 0 | 1 | — | 642 |
1994 | 373 | 36 | 25 | 0 | 0 | 1 | — | 435 |
2002 | 383 | 30 | 13 | 0 | 0 | 1 | — | 427 |
2021 | 193 | 51 | 8 | 0 | 0 | 3 | 25 | 280 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
[уреди | уреди извор]Трновци е торбешко-македонско село. Сите родови секогаш говореле на македонски јазик, дури и муслиманските родови, кои имаат турско, албанско и словенско потекло.[4]
- Торбешки родови во селото се: Сулеманаговци (6 к.), доселени се на крајот од XVIII век, од некое село од областа Матија (во Албанија) го знаат следното родословие: Сулејман (жив на 60 г. во 1952 година) Мустафа-Сулејман-Мустафа, Сулејман-ага, кој се доселил во селото, порано зборувале албански; Парталовци (14 к.) и Муаремовци (7 к.), потекнуваат од двајца браќа, доселени се од областа Матија во Албанија, порано зборувале албански; Реџовци (6 к.), Абазовци (3 к.) и Феровци (1 к.), потекнуваат од тројца браќа Реџо, Абаз и Феро, доселени се од околината на Корча (Албанија), во Абазовци се знае следното родословие: Асан (жив на 60 г. во 1952 година) Ариф-Сулејман-Абаз-Даљо-Абаз, кој се доселил, порано зборувале албански; Сулишовци (5 к.) и Рамушовци (3 к.), доселени се од околината на Корча, порано зборувале албански; Нуришовци (3 к.), потекнуваат од предок Албанец; Древеничани (3 к.), доселени се од селото Древеник, подалечно потекло од Албанија; Мусо (1 к.), доселени се од селото Пресил, подалечно потекло од Албанија; Лимановци (14 к.), Аљовци (9 к.) и Џаферовци (5 к.), доселени се од Анадолија, порано зборувале турски; Садиковци (7 к.), по потекло се од Анадолија, од каде најпрво се населиле во Дедебалци, па во Трновци, го знаат следното родословие: Јашар (жив на 53 г. во 1952 година) Мемет-Јашар-Садик-Суљо, првиот доселеник; Коџобашиовци (4 к.), Далиповци (4 к.), Садуловци (6 к.) и Бељуловци (1 к.), сите доселени од Анадолија; Муцалевци (7 к.), доселени се од селото Пласница, Кичевско, каде биле староседелци; Усеиновци (14 к.), Ристемовци (3 к.), Баневци (8 к.), Зеќировци (8 к.), Муслиовци (3 к.), Синановци (3 к.), Асановци (1 к.) и Демовци (1 к.), доселени се однекаде. Родот Ристемовци е гранка од родот Усеиновци, родовите Баневци и Зеќировци потекнуваат од ист предок.
- Македонски родови во селото се: Николовци (1 к.) и Талевци (1 к.), доселени се во 1927 година од селото Света, Железник; Секуловци (1 к.), доселени се во 1932 година од селото Сопотница, Железник; Соколовци (1 к.), доселени се во 1936 година од селото Растојца, Железник. После 1952 година, т.е. после масовното иселување на муслиманското население во Турција во домовите на иселените муслимани се населиле нови македонски родови од Охридско (Дебрца, Брежани) и Демирхисарско (Железник) (околу 70 к.).
Општествени установи
[уреди | уреди извор]Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Могила, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото се наоѓало во рамките на некогашната рурална општина Могила.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Тополчани.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Ивањевци, во која селото Трновци, се наоѓале и селата Беранци, Вашарејца, Древеник, Ивањевци, Лознани, Новоселани, Подино, Свето Тодори и Српци. Во периодот 1950-1952, селото било исто така дел од Општина Ивањевци, во која влегувале селата Древеник, Ивањевци, Новоселани, Подино, Свето Тодори и Трновци.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0186 според Државната изборна комисија, сместено во основното училиште.[13]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 312 гласачи.[14] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 306 гласачи.[15]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[16]
- Герамидница — населба од доцноантичко време;
- Дапче — средновековна некропола;
- Селиште — населба од римско време; и
- Трновско Кале — утврдена населба од хеленистичкото време.
- Цркви[17]
- Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ — главна селска црква
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Мала Богородица — селска слава
- Велигденски Собир[18]
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во Трновци
- Демир Идрисовски (? - 2 април 1941, Жван) — македонски борец, убиен од страна на бугарската окупаторска власт
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Покрај христијанското население кое се иселило во XIX век, од селото по 1912 година се иселиле скоро 50 муслимански домаќинства. Се преселиле во градот Битола или заминале во Турција.[4]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Улица во селото
-
Спортско игралиште во селото
-
Патоказ во Трновци
-
Поглед на селото Трновци
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 180.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 302. Посетено на 31 август 2019.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 4,8 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2018-11-25. Посетено на 2019-08-31.
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.89
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 238.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Godisěn zbornik (1969). Volumes 17-18. Univerzitet vo Skopje. Geografski institut. p. 146. „По моите теренски проучувања оживела нова акција за иселување на Торбешите. И тие иселувања водат во Турција. Од 1954 до 1960 г. најјаки биле иселувањата од Трновци, Дебреште и Пешталево. Само од првото село 1954 и 1955 г. се иселиле 70 торбешки домаќинства. На местата од иселените Торбеши се населуваат Македонци од Демир Xисар (во Трновци) и Порече (во Дебреште и Пешталево), како и муслимани од Санџак (во Дебреште).“
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 31 август 2019.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 31 август 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-08-31. Посетено на 31 август 2019.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 17 октомври 2021.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ М.Б. (2019-05-21). „Седми „Велигденски Собир" во село Трновци“. Шеталиште. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 2019-08-31.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|