Човекот-слон (филм)
Човекот-слон (англиски: The Elephant Man) — американски филм од 1980 година, во режија на Дејвид Линч. Главните улоги ги толкуваат: Ентони Хопкинс, Џон Харт, Ен Бенкрофт, Венди Хилер, Фреди Џонс итн. Филмот го опишува животот на вистински човек, Џозеф Мерик, кој бил познат како „Човекот-слон“. Филмот освоил вкупно 10 награди, меѓу кои француската награда „Цезар“ за најдобар странски филм, три награди на БАФТА, а бил номиниран и за наградата „Оскар“ во осум категории.[1]
Содржина
[уреди | уреди извор]Џон Мерик, познат како „Човекот-слон“ (го игра Џон Харт) е млад човек со неверојатно големи деформитети на главата и по телото. Тој е во „сопственост“ на расипаниот човек Бајтс (го игра Фреди Џонс), кој за пари го покажува на публиката, како дел од својата изложба на „чудовишта“. Случајно, него го здогледува докторот во лондонската болница, Фредерик Тревес (го игра Хопкинс), кој од хируршка гледна точка се заинтересира за него и така станува славен во научните кругови. Така, за човекот-слон започнуваат да се грижат во болницата и набргу тој станува познат при што многу богати и познати луѓе доаѓаат да го посетат, а меѓу нив е и славната театарска глумица г-ца Кендал (ја игра Бенкрофт). Меѓутоа, обичните луѓе продолжуваат да го гледаат Мерик како чудовиште. Една ноќ, чуварот на болницата носи голема група луѓе во собата на Мерик, каде тие го малтретираат и омаловажуваат. Меѓу нив е и Бејтс, кој повторно го зема Мерик во својот циркус, носејќи го во Европа и притоа постојнао се изживува врз него. Сепак, другите членови на циркуската екипа го ослободуваат Мерик и тој повторно се враќа во Лондон. Таму, тој повторно станува славен, но веќе се наоѓа во лоша здравствена состојба. Една вечер, Мерик присуствува на театарска претстава, каде доживува овации од публиката. По претставата, тој посакува да спие како секој обичен човек (со главата на перница), легнува и умира.[2]