Прејди на содржината

Баниште

Координати: 41°33′33″N 20°31′45″E / 41.55917° СГШ; 20.52917° ИГД / 41.55917; 20.52917
Од Википедија — слободната енциклопедија
Баниште
Бањиште

Воздушен поглед на Баниште

Баниште во рамките на Македонија
Баниште
Местоположба на Баниште во Македонија
Баниште на карта

Карта

Координати 41°33′33″N 20°31′45″E / 41.55917° СГШ; 20.52917° ИГД / 41.55917; 20.52917
Регион  Југозападен
Општина  Дебар
Област Горен Дебар
Население 35 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1250
Повик. бр. 046
Шифра на КО 08002
Надм. вис. 860 м
Слава Илинден (за православните жители)
Баниште на општинската карта

Атарот на Баниште во рамките на општината
Баниште на Ризницата

Баниште (се сретнува и под имињата Бањиште, Баништа, Бањишта) — село во Општина Дебар, во областа Горен Дебар, во околината на градот Дебар. Познато е по својата истоимена бања, дел од Дебарските бањи.

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]
Куќи во селото

Името на селото првпат е забележано во XV век (1467 г.). Името може да доаѓа од Бана или Баница што означува „место каде што се наоѓа(ла) Бана, Баница“ или пак од баниште што означува „место каде што имало бања“,[2] како што се двата извори на лековита топла вода, кои биле претворени во два амами во јужниот дел на селото.[3]

Бранислав Русиќ во својата книга „Дебарско Поле“ забележал дека мештаните селото го нарекувале Баништа. Во поменикот на манастирот „Св. Андреја“ во Матка, покрај Скопје, издаден во периодот XVII и XVIII век, селото се споменува како Баница. Како Баништа е забележано и во преписот на поменикот од страна на Бигорскиот манастир во 1863 година. Слично е запишано и во другите извори од крајот на XIX век. Во поново време се споменува и како Бањиште.[3]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во северниот дел на територијата на Општина Дебар, на јужните огранки на планината Дешат, а чиј атар се допира со државната гранична линија со Албанија.[4] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 860 метри. Од градот Дебар, селото е оддалечено 4,5 километри.[4]

Селското подрачје се наоѓа помеѓу атарот на селото Клобучишта на север (во Албанија), Скудриње и Горно Косоврасти во Долна Река на исток, Хаме на југ и Спас на запад.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Варварица (некогашно село), Орлов Камен, Клобучишки Ливади, Рудина, Штирна (Голема и Мала), Пашина Ливада, Свети Илија (црква), Србин Дол (тука се наоѓаат гробишта на Хаме), Грмада, Џуглиница, Долна Цес(та), Спаски Пат, Арбанавци, Ваков (на времето имало манастирче), Вакоски Ливади, Ѓоноица, Улица, Џаферица, Спаиско Гумно, Леништа, Ограѓе, Костење, Свети Јоан (некогашна црква), Круша, Рамниште, Листомниче, Гребен (Горни и Долни), Упарки или Уперки, Присој, Страна, Глобоко Ѓубре, Голема Ливада, Цепен Камен, Дрличица, Банишки Дол, Барна, Мажлец, Беличов Камен, Краста, Спротија и Салаици.[3]

Поглед на селото, вгнездено во планината Крчин
Хотелот во рамки на бањата Баниште

До селото води локален асфалтен пат, кој се исклучува од регионалниот пат 1202.

Тлото кај Баниште кон исток е планинско и нерамно, додека на запад преоѓа во блага рамница. Најголемиот дел од земјиштето е варовничко, но се појавуваат и шкрилци. Обработливите површини на некои места се растресити (песокливи со слаби приноси), додека на други места леплива. Освен кон полето, каде има ретки дрвја и овоштарници (главно јаболкници), на останатите страни има ниска шума.[3]

На јужниот крај од селото, од исток на запад тече рекичката Ров, која настанува со спојување на неколку извори во планината на месностите Солишта и Ѓорѓов Орев. Реката го раздвојува селото од бањите. Нејзината вода се користела и за пиење, но најмногу за водениците, наводнување на полето и за поење на стоката. Постои издвоен крак кој влегува во селото и носи вода на чешмата Ридоици. Други чешми за пиење се Вилијица и Пишкаиче (Стара Чешма).[3]

Селото е поделено на Горно и Долно Маало, чии куќи се свртени кон југ и запад. Куќите биле изградени од камен.[3]

Историја

[уреди | уреди извор]

Подрачјето на Баниште е населено уште од средниот век, за што сведочат повеќе наоѓалишта во неговата околина.[5]

Баниште за првпат е споменато во Опширниот пописен дефтер од 1467 година, а Јохан Хан го споменал во свој патопис од 1863 година, каде детално и ги опишал бањите во селото. Според натпис со арапско писмо, кој се наоѓал во еден од објектите на бањата, како сопственик и добротвор се споменува Хаџи Муџидин Илхами, син на Сулејман, потомок на семејството Орук-заде. Во натписот се потврдува годината на градба 1798-1799 година (или 1213 по хиџра). Денес, натписот се чува во просториите на хотелот.[6]

Кон крајот на XIX век, во Баниште живееле 300 Македонци христијани во 60 куќи, но веќе во 1908 година нивниот број се намалил на 35-40, а во селото веќе имало 3-4 неодамна населени арбанашки куќи.[3]

Вкупно 6 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[7]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот на селото зафаќа простор од 9,2 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 496,7 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 244 хектари, а на пасиштата 208 хектари.[4]

Во основа, може да се каже дека селото има мешовита земјоделска функција. Во селото работат продавници.[4] Во минатото, во селото работеле две гостилници со преноќевалиште и пекарница. Мештаните се занимавале со воденичарство, угостителство и ѕидарство.[3]

Во самото село избиваат термоминерални извори, што се користат за лекување на повеќе болести во истоимената бања, дел од Дебарските бањи.[4]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948219—    
1953282+28.8%
1961205−27.3%
1971174−15.1%
1981186+6.9%
ГодинаНас.±%
199116−91.4%
1994195+1118.8%
200290−53.8%
202135−61.1%

Според податоците од 1873 година во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, селото имало 50 домаќинства со 94 жители христијани (Македонци).[8]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Баниште живееле 300 жители, сите Македонци.[9] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Баниште имало 320 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[10]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[11]

Во 1961 година, Баниште броело 205 жители, од кои 131 биле Македонци, а 70 Албанци, додека во 1994 година биле попишани 195 жители, од кои 182 биле Албанци, а 13 жители Македонци.[4]

Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Баниште, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[б 1]

Според пописот од 2002 година, во селото Баниште живееле 90 жители, од кои 10 Македонци и 80 Албанци.[12]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 35 жители, од кои 3 Македонци, 28 Албанци и 4 лица без податоци.[13]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Баниште:

Година Македонци Албанци Срби Ост. б.п. Вкупно
1948 219
1953 229 42 10 1 282
1961 131 70 4 0 205
1971 58 116 0 0 174
1981 27 159 0 0 186
1991[б 1] 16 0 0 0 16
1994[б 2] 13 182 0 0 195
2002 10 80 0 0 90
2021 3 28 0 0 4 35

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Баниште е македонско-албанско село.[3]

Според истражувањата од 1954 година, родови во селото биле:

  • Македонски родови:
    • Староседелци: Тунчовци или Танасковци (4 к.), Нелковци или Неделковци (1 к.), Јаќовци (2 к.), Марковци (1 к.), Мерџановци или Томовци (1 к.), Мазниковци (4 к.) и Стефановци (3 к.), сите наведени родови се староседелски. Во родот Марковци имало еден призетен човек од Србија.
    • Доселеници: Влаовци (5 к.), потекнуваат од предок Влав. Овде се доселиле околу 1845 година, но не знаат точно од каде, а и не знаат за најстариот предок дали зборел влашки: Мандаловци или Милошовци (1 к.), доселени се од блиското село Коњари; Таранешовци или Јакововци (2 к.), доселени се од селото Селокуќи, односно од неговото маало Таранеш: Голеиштани (1 к.), доселени се во 1885 година од селото Голеишта во Голо Брдо, денес во Албанија.
  • Албански родови:

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Од ова село има многу иселено муслиманско и православно население. До 1954, од македонското население иселеници има во Софија, Скопје, Лом, Белград, Дебар, итн. Највеќе иселени во Скопје и Софија.[3]

Големо иселеништво има и после 1954 година, така да македонско население речиси и да нема повеќе во селото.

Подетално се знае за следниве иселени македонски родови: Поповци (2 к.) заминале во Софија во периодот 1915-1943; Дамовци (2 к.), едни заминале во Скопје пред 1900 година, додека другите на гранична служба во 1936 година; Секуловци (2 к.), дел од нив заминале во Скопје во 1938 година; Негријовци (2 к.), заминале во 1918 година во Скопје; Јанковци (7 к.), во 1903 година се преселиле во Дебар, а понатаму преминале во Скопје; исто така имало иселеници од Тунчовци во Скопје (2 к.) и во Софија (3 к.), Марковци во Скопје (2 к.), Калевци во Лом (2 к.) и Стефановци во Скопје (4 к.) и во Софија (1 к.), Таранешовци во Белград (1 к.) и на државна служба (1 к.) и Голеиштанци (1 к.) во Скопје. Од албанските семејства се знае за иселените Лешовци во Дебар во 1941 година.[3]

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Поранешното основно училиште
  • Амбуланта
  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век, Баниште било село во Дебарската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Дебар, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така припаѓало на некогашната Општина Дебар.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Дебар.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Дебарска градска општина, во која влегувал градот Дебар и селата Баниште, Бомово, Елевци, Коњари, Кривци, Рајчица, Селокуќи, Спас и Хаме. Во периодот 1950-1952 година селото било седиште на некогашната Општина Баниште, во која влегувале селата Баниште, Кривци и Хаме.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0550 според Државната изборна комисија, сместено во простории на поранешната касарна во Дебар. Во ова избирачко место се опфатени и селата Кривци и Хаме.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 301 гласач.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 306 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Поглед на двата историски амами во селото
Археолошки наоѓалишта[5]
  • Арбановци — средновековна некропола;
  • Краста — средновековна црква и некропола; и
  • Ров — средновековна некропола.
Цркви[17]
Споменици на културата[6]
Реки[18]

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
Слави[3]

Личности

[уреди | уреди извор]
Родени во или по потекло од Баниште

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 34. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 Русиќ, Бранислав (1954). Дебарско Поле. Скопје: Филозофски факултет - Скопје. стр. 164–167.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 46.
  5. 5,0 5,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 118. ISBN 9989-649-28-6.
  6. 6,0 6,1 Стари дебарски бањи Архивирано на 9 декември 2022 г.“. Управа за заштита на културното наследство.
  7. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  8. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 170-171.
  9. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 249.
  10. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 152-153.
  11. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  12. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 1 јануари 2023.
  13. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 1 јануари 2023.
  15. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2023-01-01. Посетено на 1 јануари 2023.
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  18. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 9. ISBN 978-9989-2117-6-8.
  19. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 34.
Забелешки
  1. 1,0 1,1 Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да земат учество (го бојкотираа) во Пописот.
  2. Податоците за вкупното население во Пописот од 1994 година за населените места: Баниште, Горно Косоврасти, Дебар, Кривци, Отишани, Оџовци, Селокуќи, Спас, Хаме и Џепиште претставуваат збир на фактички попишаното и проценетото население.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]