Татар Елевци
- За селото во Општина Центар Жупа видете Елевци.
Татар Елевци | |
Куќи во селото | |
Координати 41°31′42″N 20°32′49″E / 41.52833° СГШ; 20.54694° ИГД | |
Регион | Југозападен |
Општина | Дебар |
Област | Горен Дебар |
Население | 0 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1250 |
Повик. бр. | 046 |
Шифра на КО | 08035 |
Надм. вис. | 1.160 м |
Слава | Спасовден |
Татар Елевци на општинската карта Атарот на Татар Елевци во рамките на општината | |
Татар Елевци на Ризницата |
Татар Елевци (познато и како Турско Елевци или само Елевци) — раселено село во Општина Дебар, во областа Горен Дебар, во околината на градот Дебар.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Името на селото првпат е забележано во XVI век (1583 г.) во турски документи како Татар Елевци или Татарелевци. Името потекнува од турскиот збор татар со значење „гласник“, додека зборот Елевци се поврзува дека доаѓа од дрвото евла.[2]
Бранислав Русиќ во својата книга „Дебарско Поле“ забележал дека мештаните селото си го именуваат само како Елевци, додека Македонците од соседните села го именуваат како Град Елевци (поради близината на Дебар) или како Татар Елевци (бидејќи некогаш во него живееле Татари), за да го разликуваат од Елевци во областа Жупа. Во малиот поменик на Раичкиот манастир од 1840 година, селото се наведува како Елевци над град и како Татар Елевци. Во поменикот на Бигорскиот манастир од 1863 година, селото не е споменато под овие имиња, но по селото Рајчица е споменато село Долно Елевци, што најверојатно се однесува за Татар Елевци.[3]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Ова мало село се наоѓа во источниот дел на територијата на Општина Дебар, на јужните огранки на планината Дешат, недалеку од самиот град Дебар, на оддалеченост од само три километри.[4] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 1.160 метри.[4]
Селското подрачје се наоѓа помеѓу подрачјето на Дебар на запад, Кривци на север, Горно Косоврасти и Долно Мелничани (во Долна Река) на исток и Рајчица на југ.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Ѓурѓеица, Средни Рид, Симоноски Извори, Слива, Под Вирој, Пашина Ливада, Горна Пашиница, Трајчев Камен, Елешка Пеш(т), Ристев Осој, Јаблашница, На Стол, Алко(а) Чешма, Елешка Краста, Шаткаоица, Ќерамидница, Гробишта, Рупи Водеинци, Белезен, Студенче, Големи Нивје, Вирои, Старци, Корита, Бачилиште, Орли и Зад Кула.[3]
До селото води локален асфалтен пат, кој се исклучува од регионалниот пат 1202 од самиот град Дебар.
Селското земјиште на исток е косо, планински, додека кон запад има неколку рамни скалести пасишта. Основата му е варовничка, а има и шкрилци.[3]
Во селото е доведена вода од изворите Крштеинца, Студенчета и Глушеника, кои служат за пиење, напојување на стоката, за домашни потреби и за наводнување. Во селото има чешми Кај Црквана и Кај Чешмуле, а во долниот дел На Пив.[3]
Селото е изградена на осојна страна и е највисоко село во Дебарското Поле. Куќите се збиени, од камења, со мали дворови и тесни и кривулкави сокаци. Куќите се свртени на запад.[3]
Историја
[уреди | уреди извор]Основано е во 1500 г. како Градец, а денес се користат имињата Татар Елевци и Град Елевци.[3]
Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[5]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото е мал и зафаќа простор од 4,4 км2, при што преовладуваат пасиштата со површина од 287 хектари, на шумите отпаѓаат 108 хектари, а на обработливото земјиште 37 хектари.[4] Населението воглавно се занимава со сточарство и земјоделство.
Главна стопанска гранка со кое се занимавало населението на Рајчица во минатото било ѕидарството.[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, селото имало 15 домаќинства со 52 жители христијани (Македонци).[6]
Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија, етнографија и статистика“) од 1900 година, селото Татар Елевци имало 155 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Татар Елевци имало 216 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
Селото е мало, населено со македонско население. Тоа, во 1961 година броело 67, а во 1994 година само 13 жители, и е во фаза на раселување.[4]
Според пописот од 2002 година, во селото Татар Елевци живееле 10 жители, сите Македонци.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото немало жители.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 155 | 112 | 82 | 86 | 67 | 44 | 39 | 23 | 13 | 10 | 0 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
[уреди | уреди извор]Татар Елевци е чисто македонско село.[3]
Според истражувањата од 1954 година, родови во селото биле:
- Доселеници: Дурковци (9 к.), доселени се како сточари околу 1764 година од околината на Драч во Албанија. Се делат на Миновци, Трајчевци, Петревци, Неделковци и Силковци; и Мијовци (4 к.), доселени се од селото Волковија во Горна Река. Овде дошле околу 1817 година. Се доселил Мијо со своите синови Симон, Јосиф и Марко. Се делат на Симоновци и Јосифовци.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Од ова село има голем број на иселени Македонци, на многу места во Македонија, како и надвор од неа.[3]
Од ова село има иселеници на следните места: Браила (Миновци, 1 к.), Пловдив (Трајчевци, 1 к.), Дебар (Марковци, 2 к.), Скопје (Трајчевци, 1 к.; Петревци, 1 к.; Неделковци, 1 к.; Марковци, 1 к.), Косовска Митровица (Неделковци, 1 к.; Силковци, 1 к.) и Охрид (Марковци, 1 к.).
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Кон крајот на XIX век, Татар Елевци било село во Дебарската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Дебар, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така припаѓало на некогашната Општина Дебар.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Дебар.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Дебарска градска општина, во која влегувал градот Дебар и селата Баниште, Бомово, Елевци, Коњари, Кривци, Рајчица, Селокуќи, Спас и Хаме. Во периодот 1950-1952 година селото било дел од градот Дебар, во кој влегувале и селата Рајчица и Елевци.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0554 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на средното училиште „28 Ноември“ во Дебар. Во ова избирачко место е опфатен дел од градот Дебар и населените места: Рајчица и Татар Елевци.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 93 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 112 гласачи.[16]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви[17]
- Црква „Св. Димитриј“ — главна селска црква.
- Спомен-плочи
- Спомен-плоча за НОБ
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави[3]
- Спасовден — селска слава
Личности
[уреди | уреди извор]- Починати во Татар Елевци
- Панче Попоски — партизан.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Поток во селото
-
Поглед во селото
-
Стара чешма
-
Спомен-плоча за НОБ
-
Стара куќа во селото
-
Чешма „Кај Црквана“
-
Чешма со спомен-плочата
-
Стара куќа во селото
-
Поток во селото
-
Понова чешма
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 160. ISBN 978-608-220-026-2.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 Русиќ, Бранислав (1954). Дебарско Поле. Скопје: Филозофски факултет - Скопје. стр. 158–159.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 294.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 170-171.
- ↑ Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 259
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 152-153.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 16 јануари 2023.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2023-01-11. Посетено на 16 јануари 2023.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Татар Елевци на Ризницата ?
|