Прејди на содржината

Видообразба

Од Википедија — слободната енциклопедија

Видообразба, видообразување или специјација (од лат. species - вид) — поим во еволутивната биологија претставува процес на настанување на нови биолошки видови. Притоа, генетската несовпадливост на новообразуваните видови, односно неможноста да произведуваат плодно или никакво потомство при меѓусебното вкрстување се нарекува меѓувидова бариера или бариера на меѓувидовата совпадливост[1].

Постојат многу теории кои го објаснуваат механизмот на видообразбата, но ниедна од нив не е општопризната и целосно докажана. Една од причините за тоа е сложената емпириска проверка поради долготрајноста на изучуваниот процес.

Дали генетското поместување игра мала или голема улога при видообразбата е предмет на расправа. Постојат четири главни начини на видообразба во природата, поделени врз основа на големината на географската изолираност на една популација од друга: алопатричка, перипатричка, парапатричка и симпатричка видообразба. Видообразбата исто така може да се поттикне и на вештачки начин, во сточарството или преку лабораториски експерименти.

Природна видообразба

[уреди | уреди извор]

Сите облици на природна видообразба се случиле со текот на еволуцијата, но сè уште се дискутабилни поради релативната важност на секој механизам во развитокот на биоразновидноста[2].

Еден пример на природна видообразбата е биоразновидноста на Gasterosteus aculeatus, морска риба која по последното ледено доба специјализирала во нови слатководни колонии во изолирани езера и потоци. По околу 10 000 генерации, единките од оваа риба покажале структурни разлики кои се поголеми од тие кај различните родови на риби, вклучувајќи варијации во перките, промена во бројот или големината на нивните коскени плочки, измени во градбата на вилиците и разлики во обојувањето[3].

Додека некои биолози тврдат дека специјациските настани останале релативно постојани низ времето, некои палеонтолози (како Нилс Елдреџ и Стивен Џеј Гулд) тврдат дека видовите најчесто остануваат несменети во текот на долги временски периоди, како и тоа дека видообразбата се случува само на релативно кратки интервали, гледиште познато како точкест еквилибриум.

Алопатричка видообразба

[уреди | уреди извор]
Споредба на видовите на природна видообразба.

При алопатричка видообразба, популацијата се дели на две географски изолирани (алопатрички) популации (на пример, со фрагментација на станишта што настанала како резултат на некоја географска промена, како издигнување на планина, или социјална промена, како емиграција). Изолираните популации потоа подлежат на генотипска и фенотипска дивергенција поради тоа што: стануваат подложни на различни селективни притисоци или независно подлежат на генетско поместување. Кога овие популации ќе се сретнат, тие еволуирале до тој степен што се репродуктивно изолирани и повеќе не се способни за размена на гени.

Перипатричка видообразба

[уреди | уреди извор]

При перипатричка видообразба, новите видови се образуваат во изолирани, мали периферни популации кои се спречени да разменуваат гени со главната популација. Ова е поврзано со концептот на основачкиот ефект, бидејќи малите популации често подлежат на ефект на тесно грло. Се смета дека генетското поместување игра значителна улога при овој тип на видообразба.

Парапатричка видообразба

[уреди | уреди извор]

При оваа видообразба, зоните на две дивергирачки популации се одделни, но се преклопуваат. Постои само делумна одделеност одржана преку географијата, така што единките на секој вид можат да се сретнат или да ја преминат бариерата од време на време, но редуцираната прилагодливост на хетерозиготот води до селекција во полза на однесувања или механизми кои спречуваат вкрстување меѓу двата вида.

Еколозите секогаш ја поврзуваат парапатричката и перипатричката видообразба со еколошките ниши. Секогаш мора да биде достапна една ниша за да може новиот вид да биде успешен.

Симпатричка видообразба

[уреди | уреди извор]

При симпатричка видообразба, видовите дивергираат иако населуваат ист простор. Често наведувани примери на симпатричка видообразба се кај инсектите кои стануваат зависни од различни домаќински растенија во истата област. Но, постоењето на симпатричка видообразба како механизам на видообразба е сè уште жестоко се расправа. Некои автори сметаат дека доказите за симпатричката видообразба се всушност примери за микроалопатричка или хетеропатричка видообразба. Најприфатен пример за ваков вид на видообразба е тој со циклидите од езерото Набугабо во источна Африка, за која се смета дека настанала по пат на сексуална селекција. Симпатричката видообразба се однесува на образувањето на два или повеќе видови од еден предочен вид, притоа заземајќи ист географски простор.

  1. Значење на поимот „специјација“ во Големата советска енциклопедија (руски)
  2. J.M. Baker (2005). „Adaptive speciation: The role of natural selection in mechanisms of geographic and non-geographic speciation“. Studies in History and Philosophy of Biological and Biomedical Sciences. 36 (2): 303–326. PMID 19260194.
  3. Kingsley, D.M. (January 2009) "From Atoms to Traits," Scientific American, p. 57