Нежилово (Велешко)
Нежилово | |
Поглед од далеку на селото Нежилово | |
Координати 41°39′00″N 21°27′11″E / 41.65000° СГШ; 21.45306° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Чашка |
Област | Азот |
Население | 33 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1415 |
Повик. бр. | 043 |
Шифра на КО | 29044 |
Надм. вис. | 680 м |
Нежилово на општинската карта Атарот на Нежилово во рамките на општината | |
Нежилово на Ризницата |
Нежилово — село во областа Азот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.
Потекло на името
[уреди | уреди извор]Најстариот пишан спомен за велешкото село Нежилово потекнува од 1445 година.[2] Во Македонија постои уште едно село со име Нежилово, кое се наоѓа во Кратовско. Според научните истражувања по топономастика, името Нежилово потекнува од личното име Нежил: Нежа кое што пак доаѓа како прекар (хипокористица) од името Негослав, Негомир. Овие лични имиња со скратената форма Нежо, Нежа во Македонија се среќаваат во пишаните извори од XV и XVI век.[2]
Сепак, постои веројатност топонимот Нежилово да потекнува и од одредена местоположба, појава или растенија во природата, со оглед на фактот што двете села се наоѓаат на многу слична местоположба во високи и тешкопристапни планински предели.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во областа Азот, во западниот дел на територијата на Општина Чашка, во горното, изворишно сливно подрачје на реката Бабуна, чиј атар се издига високо на планината Јакупица.[3] Селото е планинско, на надморска височина од 680 метри. Од градот Велес, селото е оддалечено 54 километри.[3]
Селото е оддалечено 45 километри западно од општинскиот центар Чашка. Селото лежи на дното на длабока долина, а на составот на три реки: Бабуна, Камештица и Чеплеска Река. Долината на Бабуна во горниот дел се протега во правец север-југ, заради што Нежилово е поврзано за селото Богомила на југ и Горно Јаболчиште на север. Други околни села се: Папрадиште, Капиново и Црешнево.
До 1956 година, жителите пиеле вода од коритото на реката Бабуна. Од тогаш се изградени две чешми со вода спроведена од изворот Горна Градина.
Поединечни краеви во селскиот атар ги носат следните имиња: Ливадица, Камештица, Мокров или Солунска Глава, Калуѓери, Горно Село, Говедарник, Катуниште, Скопски Пат, Завор, Глава, Десиловец, Нежиловски Колиби, Борје, Шилегарник.
Нежилово е село од збиен тип. Роднинските куќи се блиску една до друга и повеќето се собрани на куп. Се разликуваат следните групи – „маала“: Митревци, Черенковци, Шоповци, Здравевци и други.
Историја
[уреди | уреди извор]Во пишаните историски извори Нежилово се споменува во 1460 година кога имало 39 македонски христијански домаќинства. Меѓутоа, после тоа сите жители одеднаш се иселиле некаде. Можно е тоа да се случило кон крајот на XVII век за време на Карпошовото востание и Австриско-турската војна. Народното предание наведува дека порано околу Нежилово постоеле и други помали села: Ливадица, Горно Село, Калуѓери, Катуниште и Говедарник, кои се наоѓале на различни делови од нежиловскиот атар, посебно во планинскиот северен и северозападен дел. Поточно, Ливадица се наоѓала околу патот помеѓу денешните села Нежилово и Горно Јаболчиште. Селото Калуѓери (велат и Кауѓери) било сместено во подножјето на врвот Мокров кое е старото оригинално име за врвот Солунска Глава. Селцето Катуниште се наоѓало близу месноста Чеплес (постојат Горни и Долни Чеплес). Горно Село и Говедарник биле во изворишниот дел на Бабуна. За споменатото село Ливадица постои и пишан историски спомен: во 1518 и 1528 се наведува како дервенџиско село со вкупно 4 домаќинства. Народното предание истакнува дека Горно Село располагало со подобри услови за живот. Се вели дека во него постоел и манастир. Наведените села околу Нежилово пропаднале сите одеднаш во исто време. Најверојатно тоа било во времето кога се раселило и старото село Нежилово. Според кажувањата, се одржало само едно домаќинство во Ливадица. Тоа подоцна преминало на пониското земјиште каде што е основано денешното село Нежилово. Од тоа домаќинство потекнува нежиловскиот род Шоповци. Обновувањето на Нежилово е извршено околу 1750 година.
Во XIX век, Нежилово било село во Велешката каза на Отоманското Царство.
Во текот на наредните години во Нежилово се присобрале македонски доселеници и од други поодалечени области и населени места, како на пример Охридско и Кумановско. Македонците од Нежилово пред крајот на турското владеење во услови на политичка поделеност од соседните странски пропаганди, биле во добри односи со соседното село Капиново, додека со Папрадиште и Црешнево биле во лоши односи. Во Нежилово се наоѓа црквата „Свети Стефан“ изградена во XIX век. Се наоѓа крај коритото на Бабуна од левата страна каде што се и гробиштата. На сретсело кај училиштето има остатоци од старо црквиште. Таму селаните се собираат за празникот Свети Антониј, еден ден пред зимскиот Атанасовден.
Низ горниот дел на долината на Бабуна порано водел патниот правец Скопје-Богомила-Прилеп. Според него една месност денес го носи името Скопски Пат. Од Нежилово одејќи кон Скопје тој пат водел во следните села и месности: Ливадица-Горно Јаболчиште-Ламња-Мала Река (населба) или Бродец (на Кадина Река)-Црвена Вода-Горно Количани-Усје-Скопје. Сообраќајот на овој пат престанал во 1935 година кога низ областа на долината на Бабуна е изградена железничката пруга. Пред крајот на турското владеење Нежилово имало најголем број куќи – околу 90.
После двете светски војни населението опаднало поради иселувања и во шеесеттите години имало вкупно 55 домаќинства, а училиштето го посетувале 50 ученици со 2 учители.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот е мошне голем и зафаќа простор од 39,8 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.884 хектари, на пасиштата отпаѓаат 1.012 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 157 хектари.[3]
Селото, во основа, има мешовита функција.[3]
Според составот на атарот селото Нежилово има мешовита земјоделска функција, но поради местоположбата во изразитиот планински крај, населението се занимава со карактеристични стопански гранки за планинските предели. Преостанатото население во Нежилово се занимава со земјоделство, сточарство, шумарство, собирање на печурки и шумски плодови како и лов на дивеч. Од земјоделството во долината крај бреговите на реката Бабуна најмногу се огледува компир, грав, како и други градинарски култури - кромид, лук, грашок, пиперки, претежно за сопствени потреби.
Од сточарството најзастапено е одгледувањето на кози, а во помала мерка се одгледуваат и овци и крупни говеда како крави и телиња. Жителите на Нежилово до 1912 година имале околу 12.000 овци и 5-6.000 кози. Бачила за стоката лете биле подигнувани на местата Корита и Смаилица. Едно домаќинство од денешниот род Ѓоревци тогаш имало 800 овци и кози. Од 1947 година сточарите од ова село повеќе не подигнуваат бачила. Колку опаднало сточарството се гледа јасно по тоа што целото село во шеесеттите години на XX век имало околу 1.000 овци. Дел од мештаните како и жители од Велес и други места, на планинските падини во атарот на селото берат чај и шумски плодови како капини, малини, боровинки. Поради поволната местоположба во подножјето на планинскиот масив Мокра под врвот Солунска Глава која изобилува со голем број на природни убавини во последните години во сѐ поголем подем во Нежилово се угостителството и туризмот.
Од 1998 година во селото активно работи познатиот рибник „Нежилово“. Капацитетот на риба е 20 тони на годишно ниво. Рибникот е целосно приватна инвестиција, а во меѓувреме е изграден и сместувачки капацитет во склоп со рибникот. Ресторанот е со капацитет од 150 седишта. Ресторан на рибникот е посетен од домашни посетители, но многу често во убавината уживаат и странските посетители. Особено е зголемена посетеноста на ресторанот за време на викенд и за празник. Во рибникот се одгледуваат калифорниска, златна и мавровска пастрмка, a во неговиот двор се чуваат срна и зајаци.
Низ селото Нежилово минува и колскиот пат кој води до планинарскиот дом „Чеплес“ поради што селото е доста посетено од планинари, љубители на природата, велосипедисти и мотоциклисти.
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Нежилово имало 470 жители.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Нежилово имало 544 жители.[5]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 450 Македонци.[6]
Нежилово, поради иселувањето на населението, преминало од средно во мало село. Така, во 1961 година броело 333 жители, а во 1994 година 82 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Нежилово живееле 63 жители, сите Македонци.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 33 жители, од кои 30 Македонци и 3 лица без податоци.[8]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 470 | 544 | 319 | 336 | 333 | 276 | 178 | 105 | 82 | 63 | 33 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]
Родови
[уреди | уреди извор]Нежилово е македонско село.
Македонските родови во селото, како што беше истакнато се доселени. Шоповци (6 к.) (слават Свети Никола) се најстар селски род. Нивниот предок Атанас Шоп се доселил од соседното, сега раселено село Ливадица. Тоа било пред околу 260 години. Во родот Шоповци се знае следното родословие: Трајко (86 години во 1966) – Неде-Јанко-Митко-Неде-Атанас Шоп, основач на родот кој се доселил од спомената Ливадица. Една гранка од родот Шоповци се вика Лепевци. Здравевци (5 к.) (слават Петковден) и Станковци (2 к.) (слават Свети Архангел) се доселиле набрзо после родот Шоповци, првите од Охридско, а вторите од врањскиот крај. Миовци (5 к.) (слават Петковден) се „деленици“ од родот Здравевци. Черенковци (10 к.) (слават Свети Никола) дошле во исто време како претходните родови од селото Бусилци во долното сливно подрачје на Бабуна, за нив се мисли дека потекнуваат од предок Ром, и сега во овој род има луѓе со темна боја на кожата. Митревци (17 к.) (слават Митровден) за нив не се знае од каде се доселени. Според презимето можно е и тие да се некаде од Охридско, Кичевско или западна Македонија. Купеновци (4 к.), Ѓоревци (3 к.) и Ивановци (3 к.) слават Свети Никола. Ниту нивното место на потекло не се знае.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Поранешно основно училиште „Невена Георгиева - Дуња“
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Богомила.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Богомила во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Богомила, во која покрај селото Нежилово, се наоѓале и селата Бистрица, Богомила, Капиново, Ореше, Папрадиште и Црешнево. Во периодот 1950-1952, Нежилово влегувало во рамките на некогашната општина Папрадиште, во која се наоѓале селата Нежилово, Ореше и Папрадиште.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачко место бр. 2213 според Државната изборна комисија, кое е сместено во приватен објект.[13]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 36 гласачи.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 33 гласачи.[15]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[16]
- Горно Село — топилница и старохристијанска црква со некропола
- Цркви[17]
- Црква „Св. Стефан“ — главната селска црква; и
- Црква „Св. Петка“ — манастирска црква.
- Манастири
- Нежиловски манастир — нов манастир над селото
- Споменици
- Спомен-плоча на Илија Андовски
- Спомен-плоча на Невена Георгиева-Дуња
- Реки[18]
- Бабуна — голема река под селото
- Камештица — помала притока на реката Бабуна, која тече низ селото
- Чеплеска Река — помала притока на реката Бабуна
Минерали
[уреди | уреди извор]Во месноста Калуѓери бил пронајден минералот нежиловит, кој подоцна е наречен по селото.
Личности
[уреди | уреди извор]- Починати во Нежилово
- Мице Козароски (1910-1942) — партизан
- Невена Георгиева-Дуња (1925-1942) — партизанка
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Од Нежилово население се иселувало во два наврати: после Првата и после Втората светска војна. Повеќе иселеници си заминале после Втората светска војна. Доста нежиловски иселеници има во пониските села во долината на Бабуна: Согле (Нежиловци), Мартолци (Нежиловци), Извор (Нежиловци), Долно Врановци (Шоповци, Здравевци, Плачковци, Ѓоревци, Миовци, Станковци, Нежиловци) и Ново Село кај Стари Град. Иселеници надвор од Азот и оваа област се наоѓаат во: прилепското село Браилово (Мирчевци, Ѓорѓиовци, Шоповци, Најдовци и Маневци), Градско (7-8 к.), Велес, Скопје (околу 15 к.), Ниш (Купеновци) и Панчево. Наведените иселеници се гранки од денешните родови. Има и потполно иселени родови, на пример Влаовци и Милевци. Првиот род денес се наоѓа во селото Мартолци, а потекнувале од некој „Влав“ кој во Нежилово се доселил „со овци“.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Куќа во селото
-
Панорама на селото
-
Селската чешма
-
Поглед на селото
-
Поглед на рибникот во селото
-
Сретселото во Нежилово
-
Нежиловите Стени под врвот Солунска Глава
-
Реката Камештица, која тече низ селото
-
Реката Бабуна, која тече под селото
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 108.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 206. Посетено на 20 август 2018.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 158.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 118-119.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 20 август 2018.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 21 август 2018.
- ↑ „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-10-16. Посетено на 21 август 2018.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 79. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 8. ISBN 978-9989-2117-6-8.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Нежилово (Велешко) на Ризницата ?
|
|