Прејди на содржината

Орниче (Костурино)

Координати: 41°21′25″N 22°36′33″E / 41.35694° СГШ; 22.60917° ИГД / 41.35694; 22.60917
Од Википедија — слободната енциклопедија
Орниче

Карта

Местоположба 41°21′25″N 22°36′33″E / 41.35694° СГШ; 22.60917° ИГД / 41.35694; 22.60917
Основни податоци
Место Костурино
Општина Струмица
Тип

 населба


Период неолит
Портал „Археологија“

Орничеархеолошко наоѓалиште во атарот на селото Костурино во општина Струмица, каде што е откриена населба од периодот на неолитот.[1]

Местоположба

[уреди | уреди извор]

Археолошкото наоѓалиште „Орниче“ – Костурино се наоѓа на висорамнина сместена помеѓу Струмичко-радовишката Котлина односно долината на реката Струмица, притока на Струма, на исток и Гевгелиско-валандовската Котлина односно долината на реката Вардар на запад, на западниот крај на планината Беласица.

Историја

[уреди | уреди извор]

Неолитската населба откриена на ова наоѓалиште е од рамничарски тип. Улогата на населбата била да го контролира преминот кој преку реката Тркајна и Валандовско Брдо ги поврзува Струмичко-радовишката Котлина и Гевгелиско-валандовската Котлина. Според делумно спроведената геомагнетна проспекција, населбата била кружно организирана. Објектите се во неколку концентрични зони. Во централниот дел на населбата не се забележани остатоци од архитектура. Овој дел веројатно бил предвиден за чување на стока.[2]

Со истражувањата заклучно со 2022 година дефинирани се два надземни објекти. Во првиот објект е откриен разноврсен покуќнински инвентар односно одредени постројки поврзани со приготвување на храна, имено мелници, кадички и друго, како и термички постројки за понатамошно процесуирање на храната и загревање на објектот, имено печки и огништа. За разлика од првиот, вториот објект е јасно дефиниран со лежишта од колци кои јасно ги оцртуваат габаритите на објектот. Лежиштата од колци се тринаесет на број и имаат пречник. Во овој објект е откриена и термална постројка, печка, поставена централно во него.[3]

Во однос на материјалната култура, керамичкиот материјал на неолитската населба на „Орниче“ е типичен за ранонеолитскиот период и припаѓа на т.н. монохромна керамика, која вклучува пред сѐ фрагменти од амфоровидни топчести садови со тунелести држалки. Се појавуваат и груби грневидни садови, како и овални или конусни паници со помалку или повеќе длабок реципиент. Се забележуваат и биконусни садови со топчести испакнувања. Некои форми укажуваат на чинии со задебелена устинка. Во однос на декорацијата, најчести се садовите украсени со impresso техника, па садовите украсени и покриени по целото тело со барботин и боцкање, а се забележуваат и садови украсени со штипкање и втиснување на остри предмети. Сите остатоци од грнчарија пронајдени заклучно со 2022 година укажуваат на форми аналогни на Слој 6 во Амзабегово односно раниот неолит, Амзабегово I. Се забележува и присуство на фрагментирани камени мелници со различни димензии, како и кремени и силексни сечива и стругалки. Покрај овие предмети, пронајдени се и наоди на пршлени. Со истражувањата се откриени повеќе глинени проектили во овална форма, веројатно предмети за лов или војување.[4]

Најрепрезентативни за духовната култура на неолитската населба се примероците од антропоморфни фигурини, кои претежно имаат женски карактеристики. Откриени се фрагменти од фигурини со столбовидно тело, но и целосно сочувана фигурина. Слични фигурини пронајдени во Амзабегово се сметаат за дел од најраниот слој на тоа наоѓалиште. Инаку, освен антропоморфните, пронајдени се и неколку фрагменти од зооморфни фигурини кои веројатно претставуваат крупен добиток или каприди. Меѓу керамичкиот материјал се издвојуваат и предмети дефинирани како жртвеници од типот „консекративни рогови“, како и жртвеник во вид на кубус со стилизирани очи и змии поставени на страните. Со истражувањата заклучно со 2022 година откриени се и фрагменти од предмети со нејасна намена кои некаде се определуваат како обредни лепчиња. Пронајдени се и неколку пинтадери.[5]

Првите геомагнетни истражувања на наоѓалиштето се извршени во 2016 година, а врз основа на резултатите од геомагнетната проспекција во 2018 и 2020 година се извршени заштитни археолошки истражувања.[2]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Цивилизација стара 7.500 години пронајдена во струмичко, локалитетот Орниче носи туристички потенцијал[мртва врска]
  2. 2,0 2,1 Материјална и духовна култура на праисториските заедници во струмичко-радовишкиот регион. Струмица: НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј. 2022. стр. 8.
  3. Материјална и духовна култура на праисториските заедници во струмичко-радовишкиот регион. Струмица: НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј. 2022. стр. 8–9.
  4. Материјална и духовна култура на праисториските заедници во струмичко-радовишкиот регион. Струмица: НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј. 2022. стр. 9–10.
  5. Материјална и духовна култура на праисториските заедници во струмичко-радовишкиот регион. Струмица: НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј. 2022. стр. 10.