Прејди на содржината

Градиште (Банско)

Координати: 41°23′1″N 22°44′36″E / 41.38361° СГШ; 22.74333° ИГД / 41.38361; 22.74333
Од Википедија — слободната енциклопедија
Бела вода

План на тврдината Градиште

Карта

Местоположба 41°23′1″N 22°44′36″E / 41.38361° СГШ; 22.74333° ИГД / 41.38361; 22.74333
Основни податоци
Место Банско
Општина Струмица
Тип

 тврдина


Период доцноантичко време
Портал „Археологија“

Градиште (Фрурион Термица ?) — регионална крепост (тврдина) во Банско, Струмичко[1]

Местоположба

[уреди | уреди извор]

Месноста „Градиште” лежи над јужниот дел на Банско, во подножјето на масивот на Беласица, 540 м н.м. Се издига 250 м високо над полето и има многу стрмни падини што паѓаат во две паралелни длабоки поројни долинки. Едно сосем тесно седло од југ го дели од повисокиот терен. Врвот му е тесен, зарамнет и населуван во минатото. Озгора се гледа поле-то многу километри на север, северозапад и североисток. На 0,8 км североисточно од Градиште, во подножјето, избива термална вода која била користена од дамнини; денес тука се наоѓа познатото термално лечилиште и хотелот „Цар Самуил”.

Најстари остатоци

[уреди | уреди извор]

Термалните извори ги привлекувале луѓето одамна. При чистењето на главниот извор за неговото каптирање во 1970 г., во него се најдени повеќе стотини антички монети во период од 4 век ст.е. до 4 век н.е. (во АМ Скопје и во приватни збирки, Скопје). Парите биле фрлани во изворот како заветен подарок, за оздравување. Околу врвот на Градиштето било подигнато цврсто обѕидие во доцната антика. Се гледаат два ѕидни појаси. Внатрешниот ѕид. граден со малтер, затвора простор од 240 × 50 м (1 ха). Неговиот северен дел што врти полукружно и деловите од источниот ѕид, разголени се во наше време со трасирање на шумскиот пат. Тука се разголени и повеќе мали внатрешни градби. Западниот ѕид се потпирал на вертикална скала. Според начинот на градење, обѕидието потекнува од IV век, со голема обнова во VI век. Тоа го потврдуваат и ситните наоди на овој простор.

Падините северно и источно од крепоста биле користени од цивилното население за градење на збег на тој простор, опфатен однадвор со послаб ѕид без малтер, голем 1,5 ха. На северниот крај, разголен од спомнатиот пат, се среќаваат парчиња од хеленистичка и доцноантичка грнчарија. Најдени се и монети од IV век. На тесното седло 100 метри пред јужното чело на крепоста, била подигната една предтврдина. Голема е 36 × 24 м, ѕидана исто така со малтер и ги блокирала нападите од југ.

Во северозападното подножје на Градиште откопани се неколку гробови со прилози, датирани во IV век. Кај термалните извори е откопана величествена бањска градба (балнеум) со повеќе засводени простории од IV век, обновена во VI век. Високо врз нејзините урнатини во турско време била изградена бања од ист карактер и по неа местото го носи името до денес. Во наше време тука е подигнато бањското лечилиште со хотелот „Цар Самуил”.

Средновековни остатоци

[уреди | уреди извор]

Веројатно поради термалните извори, старата крепост на Градиште била користена (со извесни обнови) и низ средниот век. Едно депо на византиски монети — бакарни скифати од XII и почетокот на XIII век (на Јован I, Мануил I и Андроник I Комнин, Исак II Ангел, Алексиј III Ангел, бугарски и латински имитации на Мануил I) била закопана на Градиштето во XIII век (речиси 1000 парчиња, најдени во 1956 г.; сега во Музејот во Струмица). Местото е обраснато со густа вегетација и е непроодно, поради тоа други површински наоди не се познати.

По познатата битка кај Беласица во 1016 г. следел походот на Давид Аријанит од Солун кон Струмица. Тој попат освоил две тврдини, Мацукион и Термица. Мацукион (денес МацукионМачуковоЕвзони) лежи 5 км југоисточно од Гевгелија. Не знаеме каде се наоѓала Термица. Меѓутоа, поведени од крајната цел на Аријанит — да ја освои Струмица — историчарите од наше време ги ставале двете крепости во близина на тој град. За Мацукион немаат право. Доколку Термица се наоѓала близу Струмица, тогаш можеме да го прифатиме логичното поврзување на овој фрурион со карактеристично име со денешното село Банско, каде лежат термални извори. Средновековните траги на Градиштето над Банско ја допуштаат оваа претпоставка како можна и веројатна.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069

Користена литература

[уреди | уреди извор]
  • А. Керамидчиев 1960, 111; — Т. Томоски 1970, 176; — И. Микулчиќ TIR, 21; — Ј. Ананиев 1987, 125—126.