Прејди на содржината

Паскал Гилевски

Од Википедија — слободната енциклопедија

Паскал Гилевски (1 јули 1939, Сетома, Костурско) — македонски поет, раскажувач, романисер, есеист, критичар и преведувач.

Биогарфија

[уреди | уреди извор]

Паскал Гилевски е роден во с. Сетома, Костурско, Егејска Македонија на 1 јули 1939 година. Завршил Филозофски факултет во Скопје. По Граѓанската војна во Грција, од 1948 до 1956 година живеел во Унгарија, а потоа се преселил во Скопје. Завршил прв степен на Академијата за ликовни уметности во Белград, како и Филозофски факултет во Скопје. Работел како ликовен рецензент во весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“. Од 1999 до 2002 година бил директор на Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, а бил и претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата. Некое време живеел во Париз, а престојувал и во Италија, Англија, Холандија, СССР, Чехословачка, Египет, Сирија, Јордан итн.

Гилевски е член на Унгарската академија на науките и уметностите, Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија (од 1970 година).[1]

Творештво

[уреди | уреди извор]

Гилевски активно се занимава со книжевно-преведувачка дејност. Притоа, тој има преведено шеесетина книги од унгарската, грчката и француската литература. Така, Гилевски има направено препев на поезијата на Шандор Петефи, Ендре Ади, Атила Јожеф, Ѓула Илјеш, Ласло Наѓ, Шандор Вереш, Ференц Фехер, Золтан Чука, Јожеф Пап, Карој Ач, Јоргос Сеферис, Одисеас Елитис, Јанис Рицос, Јанис Гуделис, Рита Буми Папа, Викторија Теодору, Виктор Иго, Пол Верлен, Жан де Лафонтен, Морис Карем, Вилем Рогеман, Мирко Андриќ-Гуџулиќ, Љубиша Ѓидиќ, Антон Густав Матош, Владимир Назор, Тин Уевиќ, Мирослав Крлежа итн. Освен тоа, Гилевски има преведено повеќе прозни дела, како:[2]

Заедно со Ташко Ширилов, во текот на 1971/1972 година, Гилевски бил основач и уредник на весникот „За македонцките работи“, а потоа и на ревијата „Огледало“. Според неговиот расказ „Глава“, снимен е краткометражен филм, во продукција на „Вардар Филм“.

Неговите песни и раскази се преведени на повеќе јазици, и тоа: српскохрватски, унгарски, грчки, италијански, француски, турски, словенечки, полски, англиски, украински итн.

Гилевски учествувал во подготовката на повеќе книги со македонска книжевност, објавени во Унгарија, Грција и Франција, а бил уредник на повеќе антологии и збирки, како: На минатото време гранката златна, (Антологија на современата унгарска поезија, „Факел“, ДПМ, 1972) Антологија на новогрчката поезија („Македонска книга“, 1977) Богови и херои (старогрчки митови и легенди, „Детска радост“, 1978)

Гилевски е автор на книгите:

  • Брегум - брегум (поезија, „Современост“, 1972)
  • Толкување на уметноста (есеи, „Македонска книга“, 1977)
  • Бегство (поезија, „Култура“, 1983)
  • Глава (раскази, „Македонска книга“, 1984)
  • Знаме во пазувите (поезија, „Наша книга“, 1985)
  • Животот на песната (поезија во препев на унгарски јазик, „Форум„“, Нови Сад, 1985)
  • Зоја (роман, „Македонска книга“, 1986 и 1988)
  • Стража (раскази, превод на српскохрватски јазик, „Багдала“, Крушевац, 1987)
  • Небесна и земна љубов (роман, „Мисла“, 1988)
  • Бездомници (раскази, 1989)
  • Ангели на прогонството (роман, 1993)
  • Ќорсокак (роман, 1993)
  • Поетика на два брега (есеи, 1995)
  • Двајца црнци зборуваат македонски (лирска монодрама, 1996)
  • Скомраз (роман, 1997)
  • Расчекор (раскази, 1999)
  • Избрани дела во пет тома (1999)
  • Меланхолија (поезија, 2000).
  • Нежниот бунтовник (роман, 2012)
  • Посмртна венчавка (роман, 2014)

За своето творештво, Гилевски е добитник на повеќе награди, како што се:

како и на повеќе награди за расказ на конкурсите на весниците „Нова Македонија“ и „Трудбеник“. Исто така, тој е добитиник на наградата за сликарство „Лазар Личеноски“ (1985).[2]

Лустрација

[уреди | уреди извор]

Во ноември 2012 година, Комисијата за верификација на фактите на Република Македонија утврдила негова соработка со тајните безбедносни служби на поранешната СФРЈ.[4] Од приложените документи, Комисијата утврдила дека Гилевски следел писатели, поети, уметници, артисти, режисери, новинари, повратници од странство и луѓе од неговото опкружување. Во задачата на денунцијант, којашто за тајните служби ја извршувал според псевдонимот „Глигор“, тој имал поткажувано голем број познати личности од светот на македонската култура и уметност. Меѓу нив се среќаваат имињата на Петре М. Андреевски, Јозо Т. Бошковски - Јон, Миле Неделкоски, Гане Тодоровски, Симон Дракул, Богомил Ѓузел, Бошко Смаќоски, Радован Павловски, Стојан Тарапуза, Иван Чаповски, Ташко Георгиевски, Влада Урошевиќ, Божин Павловски, Љубен Ташковски, Цане Андреевски, Петар Ширилов, Петар Т. Бошковски, Мето Јовановски, Србо Ивановски, Живко Чинго, Јован Котески, Матеја Матевски, Божо Софрониевски, Методија Фотев, Бранко Варошлија, Васил Пујовски, Ристо Јачев, Ташко Белчев, Јордан Грабулоски, Димитар Кондовски, Никола Мартиноски, Бранко Гапо, Илија Филиповски (режисер), Кирил Ќортошев, Вукосава Георгиева (артист), Миле Венко Марковски (новинар), Васко Атанасовски (уредник, новинар), Цане (Александар) Јанкулоски (уметник-сценограф) и др.[5]

  1. Паскал Гилевски, Бездомници, Култура, Скопје, 1989, стр. 139.
  2. 2,0 2,1 Паскал Гилевски, Бездомници, Култура, Скопје, 1989, стр. 140.
  3. „Врачени Рациновите признанија за 2014 година“. Посетено на 6 мај 2020.
  4. Решение бр.07-3606/1 на Комисијата за верификација на фактите
  5. Автентични документи од соработката на П. Гилевски со тајните служби