Требичино
Требичино | |
Координати 41°30′57″N 22°32′45″E / 41.51583° СГШ; 22.54583° ИГД | |
Општина | Општина Василево |
Население | 19 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2400 |
Шифра на КО | 27069 |
Надм. вис. | 520 м |
Слава | Света Петка |
Мреж. место | Требичино |
Требичино на општинската карта Атарот на Требичино во рамките на општината | |
Требичино на Ризницата |
Требичино — село во Општина Василево, во околината на градот Струмица.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Требичино се наоѓа во југоисточниот дел на Република Македонија, во северозападниот дел на Струмичка Котлина и припаѓа на Општина Василево. Од најблискиот град Струмица е оддалечен 16 километри.
Трибичино се наоѓа во североисточните падини на планината Еленица, на надморска височина од 520 метри. Поради својата надморска височина селото има планинска клима. Селото зафаќа површина од 9,2 км2. Од нив 745 хектари се шуми, 135 хектари се обработливо земјиште[2]
Историја
[уреди | уреди извор]Ран период
[уреди | уреди извор]За настанокот на селото има повеќе легенди и преданија. Една легенда кажува дека името на селото е изведено од бројот три и од именката биче. За да опстои на сопствената местоположба, на почетокот населбата била заорана со три бикчиња. Во секавање на овој настан, кој долго време се паметел, новонастанатата населба била наречена Трибичино.
Според друга легенда, на просторот на денешно Трибичино, во дамнешно време се населиле тројца брака. Тие во шумовитото место во почетокот се занимавале со сточарство и со дрварство, а подоцна и со бичење на дрва. По цел ден со пили стругале и произведувале дрвени изработки, кои потоа ги продавале по градовите и побогатите околни села. Тие тука си изградиле кука, и со тек на времето на овој простор се населиле и некои нивни роднини и пријатели. Така била основана населбата, која во чест на првите жители на селото, односно на тројцата брака кои се занимавале со бичење на дрва, била наречена Трибичино[3].
Ова населено место е познато по археолошкото наоѓалиште Дервен и археолошкото наоѓалиште Дрибол. Наоѓалиштата претставуваат населба од доцноантичко и средновековно време. На 2,5 км југоисточно од селото, во нивите на Г. Веселинов се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси и покривни ќерамиди[4]. Третото археолошко наоѓалиште претставува осамен наод од римско време. Од непознато наоѓалиште во атарот на селото потекнува мала плочка од ситнозрнест мермер со релјефна претстава на воин, поставен простум и ан фас. Облечен е во долга кошула со куси ракави и долги панталони, на градите му виси медалјон, а во десната рака држи копје. Плочката се чува во Заводот и музеј во Струмица.
Отоманско Царство
[уреди | уреди извор]Во текот на XIX век, селото било чисто македонско. Во „Етнографија на Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. селото се состоело од 12 семејства и 38 жители Македонци[5][6] Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година селото имало 84 жители Македонци[5][7].
Селото било под влијание на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото живееле 96 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија[5][8].
Југославија
[уреди | уреди извор]По крајот на Првата светска војна, според Нејскиот мировен договор, селото било вклучено во составот на Кралство СХС. По крајот на Втората светска војна, Требичино било вклученo во НР Македонија, во составот на СФРЈ.
На 22 октомври 1944 година, група од околу 100 германски војници од селото Владиевци, преку Трибичино го нападнале селото Варварица, каде се наоѓала Командата на струмичкото воено подрачје, дел од членовите на Градскиот и Околискиот НО одбор и некои членови на Околискиот комитет на КПМ. Нападот бил извршен околу 6 часот наутро. Прво било нападнато селото Трибичино при што загинал еден борец од командата на подрачјето, а друг бил ранет. Потоа германските сили се упатиле кон Варварица, помогнати од минофрлачки оган од реонот на селото Требичино. Со одлучен отпор и противнападот од баталјонот на струмичкото воено подрачје, Германците биле одбиени и принудени да се повлечат кон Владиевци[9].
До шеесеттите години од 20 век селото имало 45 куќи. Со уништувањето на сточарството, бранот на миграцијата не го заобиколил и Трибичино[10].
Македонија
[уреди | уреди извор]По распаѓањето на СФРЈ, селото формално било вклучено во составот на Република Македонија. Според територијалната организација на Република Македонија, селото припаѓа на Општина Василево.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Некогаш Трибично било познато како село со најмногу стока во Струмичко. Во селото имало над 15.000 кози и 200 говеда,
Демографија
[уреди | уреди извор]Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[11]
Во 1961 година селото имало 274 жители. Во 1994 година во селото живееле 26 луѓе, сите Македонци[2]
Според пописот од 2002 година, селото има 19 жители. Следува табела на националната структура на населението[12] Целото население на пописот се изјаснило како Македонци со православна вероисповед.
Денеска, селото е пред целосно иселување бидејќи живеат помалку од 5 луѓе. Од друга страна покрај селото има изградено неколку викендици.
Националност | Вкупно |
Македонци | 19 |
Турци | 0 |
Роми | 0 |
Албанци | 0 |
Власи | 0 |
Срби | 0 |
Бошњаци | 0 |
останати | 0 |
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 1796 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Варварица.[13]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 13 гласачи.[14]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]Во селото се наоѓаат следните знаменитости
- Требичино — осамен наод од римско време.
- Дервен — населба од доцноантичко и средновековно време.
- Дрибол населба и некропола од доцноантичко[4].
- црквата Света Петка која била изградена во 1875 година.
- Илиева чешма. Според легендата, Илиева чешма е стара повеќе векови. Според преданието името го добила по овчарот Илија, кој бил погоден од гром додека го пасел своето стадо. На местото каде што удрил громот бликнала вода, од која се создал кладенец. Подоцна жителите направиле чешма, која ја користеле за поење на добитокот. Првпат била реконструирана во 1939 година[15].
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 Панов Митко, Енциклопедија на селата во Република Македонија, Патрија, Скопје, 1998. стр.290.
- ↑ „Моето село- Трибичино“. Посетено на 2013-05-01.[мртва врска]
- ↑ 4,0 4,1 Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ 5,0 5,1 5,2 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г., Македонски научен институт, София, 1995, стр. 186-187.
- ↑ Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 160.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 106-107.
- ↑ Манол Пандевски - Ѓорѓи Стоев - Трнката, Струмица и Струмичко низ историјата, Струмица, 1969, стр. 532.
- ↑ „Баба Агнија го чува аманетот“. Посетено на 2013-05-01.[мртва врска]
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Илиева чешма ја раскажува вековната легенда за овчарот“. Посетено на 2013-05-01.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Општина Василево Архивирано на 25 јуни 2008 г.
„Требичино“ на Ризницата ? |
|