Прејди на содржината

Јанче

Координати: 41°35′12″N 20°37′41″E / 41.58667° СГШ; 20.62806° ИГД / 41.58667; 20.62806
Од Википедија — слободната енциклопедија
Јанче

Поглед на селото од регионалниот пат

Јанче во рамките на Македонија
Јанче
Местоположба на Јанче во Македонија
Јанче на карта

Карта

Координати 41°35′12″N 20°37′41″E / 41.58667° СГШ; 20.62806° ИГД / 41.58667; 20.62806
Регион  Полошки
Општина  Маврово и Ростуше
Област Долна Река
Население 102 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1254
Повик. бр. 042
Шифра на КО 07036
Надм. вис. 760 м
Слава Голема Богородица
Јанче на општинската карта

Атарот на Јанче во рамките на општината
Јанче на Ризницата

Јанче — село во Општина Маврово и Ростуше, едно од мијачките села во областа Долна Река, во околината на градот Дебар.

Потекло на името

[уреди | уреди извор]

Името на селото првпат е споменато како „Јаниче“ во 1583 година во турските дефтери. За потеклото на името постојат повеќе претпоставки:[2]

  • присвојна придавка од исчезнатата именка „јана“, што означува река или поток, бидејќи коренот „ја-“ означува тече
  • од личното име Јанек, Јанец, Јанислав или Јане
  • турски изговор за Јаница

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Јанче од далечина, заедно со планината Бистра

Јанче се наоѓа во областа Долна Река, во југозападниот дел на територијата на Општина Маврово и Ростуше, непосредно од левата страна на реката Радика и на патот Гостивар-Дебар. Селото е сместено на југозападната падина на планината Бистра.[3] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 760 метри.[3] Селото е оддалечено од градот Дебар 16 километри.

Селото е сместено на тераса над левиот брег на реката Радика, под Скала на присојно место. Над куќите се наоѓа шума, додека под селото се наоѓаат ниви и ливади, а преку реката се наоѓаат лозја.[4]

Месности во атарот на селото се следниве: Рупа, Садишта, Стари Врт, Поље, Лениште, Дамјаница, Ливаѓе, Песја Горица, Степанова Кошара, Големи Дол, Млака, Бубелица, Св. Илија и Бела Вода.[4]

Селото има збиен тип и куќите се наоѓаат покрај патот.[4] Самите куќи се скалесто наредени, поради што добива изглед на орловско гнездо среде планинските врвови.

Историја

[уреди | уреди извор]
Селото во 1930-тите години

Според легендата, првиот жител на селото бил човек со име Јане, по кого се сметало дека селото го добило името.

Постојат мал број на пишани документи за ова село, од кои се гледа дека Јанче се наоѓало во месноста Јанечки Ливади, скриено заради честите качачки пљачкосувања. Подоцна селото се преместило поблиску до патот за полесна комуникација со останатите населени места.

Селото првпат се споменува во османлиските пописни дефтери од 1467 година, кога имало само 1 христијанско семејство (Ѓерѓ Илиевиќ). Потоа се споменува и во 1536/39 година со 6 семејства и во 1583 година со 8 семејства и 3 неженети.

Јанче е една од најстарите населби во мијачкиот регион од пред повеќе од пет века во долнореканскиот крај, која се споменува уште во документацијата на архивот на Истанбул.

Во XIX век, Јанче било село во Реканската каза на Отоманското Царство.

Вкупно 3 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[5]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Селото нема голем атар и зафаќа простор од само 4,8 км2. На него преовладуваат шумите на површина 469 хектари, додека на обработливото земјиште отпаѓаат само 31 хектар, а на пасиштата 27 хектари.[3]

Селото, во основа, нема некоја развиена аграрна функција.[3]

Во минатото, главна стопанска дејност во селото било сточарството, но во последно време се забележува дека растечка гранка е туризмот и искористување на природните благодети во областа.

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948375—    
1953395+5.3%
1961165−58.2%
1971181+9.7%
1981186+2.8%
ГодинаНас.±%
1991165−11.3%
1994155−6.1%
2002165+6.5%
2021102−38.2%

Во делото „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Јанче било село со 100 домаќинства и 255 жители, од кои 130 муслимани и 125 христијани.[6]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Јанче живееле 400 жители, сите Македонци, од кои 240 православни и 160 муслимани.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Јанче имало 256 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Јанче се води како македонско село од мешана (муслиманска и православна) вероисповед во Реканската каза на Дебарскиот санџак со 62 куќи.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[9]

Јанче е мало село, коешто во 1961 година броело 165 жители, а во 1994 година 155 жители, од кои 133 биле Македонци, 9 Турци, 2 Албанци и 11 останати.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Јанче живееле 146 жители, од кои:[10]

* Жителите кои се изјасниле како Турци и Албанци, всушност претставуваат Македонци со исламска вероисповед, бидејќи најголем дел од нив се изјасниле дека македонскиот јазик им е мајчин.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 102 жители, од кои 17 Македонци, 1 Албанец, 32 Турци, 1 Србин, 42 останати и 9 лица без податоци.[11]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Јанче:

Година Македонци Албанци Турци Срби Ост. б.п. Вкупно
1948 375
1953 360 0 7 0 28 395
1961 71 5 88 0 1 165
1971 65 1 112 0 3 181
1981 39 1 0 0 146 186
1991 41 1 7 0 116 165
1994 133 2 9 0 11 155
2002 111 2 33 0 0 165
2021 17 1 32 1 42 9 102

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Во Јанче отсекогаш живееле Македонци. Според записите на Томо Смилјаниќ - Брадина на почетокот на XX век во Јанче живееле следните македонски муслимански и христијански родови:[4]

  • Христијански родови:
    • Денешни: Тортевци, Негриовци, Мирчевци, Јанкуловци, Гиговци, Костовци и Сарџовци,
    • Во минатото: Симоновци, Коловци, Петревци, Дичовци, Трајановци, Поповци,, Тасевци,Трифуновци и Вељановци.
  • Муслимански родови: Адем, Феим, Билали, Абдураман, Ибрахим, Реџеп, Јакуп и други.

А во селото постоеле и родовите Марковци, Каравеловци, Дојчиновци, Мановци, Ташовци, Арсовци, Трифуновци и Сиљановци.

Општествени установи

[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во рамките на новосоздадената Општина Маврово и Ростуше, која настанала со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната Општина Ростуша, која со измените во Законот за територијална поделба на Македонија била припоена со Општина Маврови Анови, со што двете општини ја создале новата Општина Маврово и Ростуше, во која денес се наоѓа селото.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар, додека во периодот по војната од 1957 до 1965 година се наоѓала во некогашната општина Маврово. Во рамките на општина Ростуша се наоѓало во периодот 1955-1957.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од Општина Ростуша, во која покрај Јанче се наоѓале и Аџиевци, Битуше, Велебрдо, Галичник, Присојница, Ростуша, Сушица и Требиште. Во периодот 1950-1952 година, селото припаѓало на Општина Присојница, во која влегувале селата Аџиевци, Јанче, Присојница и Скудриње.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0467 според Државната изборна комисија, сместено во простории на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Галичник.[12]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 129 гласачи.[13]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Главната селска црква „Пресвета Богородица“
Археолошки наоѓалишта[14]
Цркви[15]
Џамии[15]

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
  • Сурова Василица — се слави на 14 јануари, а некогаш се празнувал на 1 јануари или Нова Година или попозната како Василица. Еден ден пред празникот, децата стануваат рано пред изгрејсонце, собираат дренови прачки и прачки од некои плодородни дрвја. Децата прачките им ги даваат на некои девојки да прават суровица. Девојките ги групираат прачките и им даваат босилок, па ги завиткуваат околу за да не се гледаат заедно со босилокот што симболизира божило (виножито). На врвот се става крвче од дренова прачка завиткано со шарени коприрени и срмени конци. И на краиштата му се ставаат топчиња и една сребрена пара. Во народниот календар нема друг датум што има собрано толку многу обичаи како овој празник.
  • Водопост — се слави на 5 јануари. На тој ден не се мрси и жените одат во црква, земаат крстена вода во шишенце од која пијат сите домашни, а остатокот ја чуваат за преку целата година, и ако некој се разболи го мијат со неа за здравје.
  • Водици или Богојавление — се слави на 19 јануари. Јанчани велат ако во текот на тој ден водата не замрзне годината ќе биде лоша и ќе има многу болести, а ако пак биде студено годината ќе биде добра и плодородна.
  • Свети Јован — на 20 јануари. На тој ден секое маало одделно го празнува и домаќинот во своето маало приготвува јадење за сите, а останатото население носи погачи, тави со месо, риби и вино. Подароците од маалците се подаруваат на Св. Јован, кога јадењето ќе се послужи на трпеза во дворот станува еден од гостите и изјавува дека тој догодина ќе го служи св. Јован, односно ќе биде кум.
  • Благовец — на 7 април. Се верува дека во пресрет на Благовештенија на полноќ се отвора небото и се јавува Господ. Сите дрвја во тоа време се пополнувале до земја. Ако пак во тој момент човек е буден може да побара сè што сака од Бога и тој ќе му даде. На Благовештенија девојчињата над 10 години за прва пат почнуваат да месат. Тоа се прави на Благовец за да им биде благ лебот. Од таа погача се раздава на другарките и комшиите за здравје.
  • Велигден — во турско време, христијаните по полноќ оделе во црква. Девојќите оделе подоцна, по литургијата да се причестат, секоја девојка со себе носи едно црвено јајце за да биде здрава, бела и црвена. Поздрав со луѓето е „Христос Воскресе“ – „Ваистина Воскресе“. Со првото, црвено фарбано јајце мајката прави круг на лицето на децата и домашните и кажува „црвено, бело, дебело“ и тоа се чува цела година, а старото од претходиот Велигден се закопува во земја.
  • Свети Илија — се празнува на 2 август и јанчаните веруваат дека кога грми Св. Илија ја брка ламјата да ја убие. По 1903 година тој стана национален празник со патриотска возвишена цел, бидејќи на тој ден се кренало Илинденското востание. Јанчани вечерта пред втори август одат во црквата Св. Илија каде им оддаваат почит на мртвите кои се закопани во дворот на црквата. Постарите остануваат долго во ноќта, а младите и до раните утрински часови.
  • Голема Богородица — се празнува на 28 август. Меѓу позначајните празници што маќедонскиот народ ги празнува со големо внимание се и неколкуте празници на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Голема Богородица е селска слава на Јанче и на овој ден во селото се подготвува голема веселба проследена со звуците на зурли и тапани. Во трпезаријата на црквата Успение на Богородица се приготвува ручек. На прославата на празникот во селото доаѓаат многу иселени јанчани како и гости, пријатели и роднини од соседните села.

Личности

[уреди | уреди извор]
Родени или потекло од Јанче

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Печалбарството било и е карактеристично занимање или стопанска гранка на жителите на Јанче и воопшто на Мијаците. Печалбарењето како дејност се појавило во втората половина на XVII век. Тогаш цели тафи мајстори од најразлични профили како градежници, копаничари, зографи, трговци и различни занаетчии заминувале низ Балканот и земјите во Европа, па дури и во земјите на Мала Азија. Кај Мијаците, печалбарството доживеало експанзија во втората половина на XIX век и станало основен извор за приходи за живот на семејствата од овие краишта кое пак уште повеќе се етаблирало како основна професија по ослободувањето на Србија, Романија, а подоцна и на Италија и Бугарија, како и по Илинденското востание и Балканските војни. Почетоците на луѓето што го напуштале сточарството и оделе на печалба им биле многу тешки. Никој од нив немал капитал за да отворат дуќан па поради тоа тие се делеле во две групи едни останувале сточари, а другите отворале дуќани и така полесно се снаоѓале и успевале.

Благодарение на вековната солидарност меѓу Мијаците, многумина од нив, од печалба успеале да остварат сигурна издршка за своите семејства дури и за следните поколенија. Поспособните и поснаодливите кои заминале на печалба и отвориле дуќан подоцна ги прифаќале новодојдените печалбари од нивниот крај кои останувале и работеле кај нив сè додека не стекнат искуство и сопствен капитал за да можат и тие да станат сопственици на некоја работилница или дуќан. На печалба оделе домаќинките и машките деца од 8 до 12 годишна возраст, најчесто во Солун за да го научат јазикот. Ритуалното испраќање на печалба се подготвувало цел месец, а печалбарите најчесто барале и наоѓале работа во Гостивар, Скопје, Белград, Софија, Солун, Лариса, Москва, Каиро, Александрија, Букурешт, Бер, Сер и други.

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 97.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 140. Посетено на 28 април 2020.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Смиљаниќ; Тома (1925). Mijaci, Gorna Reka i Mavrovsko Polje. Белград: Српска кралска академија. OCLC 28398861.
  5. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  6. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 174-175.
  7. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рp. 184-185.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 49.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
  11. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  12. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 28 април 2020.
  13. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2021-01-13. Посетено на 28 април 2020.
  14. Димче, Коцо (1996). Археолошка карта на Република Македонија (прво. изд.). Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069.
  15. 15,0 15,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]