Велебрдо
Велебрдо | |
Поглед на селото од црквата „Св. Илија“ во соседното Битуше | |
Координати 41°37′3″N 20°35′53″E / 41.61750° СГШ; 20.59806° ИГД | |
Регион | Полошки |
Општина | Маврово и Ростуше |
Област | Долна Река |
Население | 367 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1254 |
Повик. бр. | 042 |
Шифра на КО | 07011 |
Надм. вис. | 837 м |
Велебрдо на општинската карта Атарот на Велебрдо во рамките на општината | |
Велебрдо на Ризницата |
Велебрдо — село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Долна Река, во околината на градот Дебар.
Потекло на името
[уреди | уреди извор]Селото се верува дека го добило името од својот основач наречен Веле.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Велебрдо се наоѓа во областа Долна Река, во југозападниот дел на територијата на Општина Маврово и Ростуше, во долината на реката Радика, од нејзината десна страна.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 840 метри.[3]
Селото е сместено на средно висока тераса, над реката Радика.[2] Оддалечено е 2 километри од општинското средиште Ростуше, 20 километри од Дебар и 53 километри од Гостивар.
Селото има збиен тип и куќите се збиени на горниот дел од терасата, додека подолу се наоѓаат ниви.[2]
Во непосредна близина на селото, односно на левиот брег од реката Радика, се наоѓа и познатиот Бигорски манастир. До селото води асфалтен пат, а поголемиот дел од куќите се нови и современи.
Поради стрмниот предел, селото е изложено на опасност од свлечишта. Во близина на селото е активно и свлечиштето „Велебрдо“, кое последен пат било активно во периодот 1996-1999.[4]
Историја
[уреди | уреди извор]Во XIX век, Велебрдо било село во Реканската каза на Отоманското Царство.
Вкупно 4 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[5]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Селото зафаќа простор од 7,6 км2. На него преовладуваат шумите на површина 336,3 хектари, пасиштата заземаат 296,4 хектари, додека на обработливото земјиште отпаѓаат 61,1 хектари.[3]
Селото, во основа, нема некоја развиена аграрна функција.[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во „Етнографија на Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Велебрдо е село со 100 домаќинства и 216 жители.[6]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, етнографија и статистика“) од 1900 година, селото има 536 Македонци (156 христијани и 380 муслимани).[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Велебрдо имало 174 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Велебрдо се води како македонско село од мешана (муслиманска и православна) вероисповед во Реканската каза на Дебарскиот санџак со 113 куќи.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци.[10]
Во 1961 година, селото броело 775 жители, од кои 637 биле Турци, а 129 Македонци, додека во 1994 година бројот се зголемил на 860 жители, од кои 186 биле Турци, 97 Македонци, а 575 се запишани како останати.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Велебрдо живееле 750 жители, од кои:[11]
* Жителите кои се изјасниле како Турци, всушност претставуваат Македонци со исламска вероисповед, бидејќи најголем дел од нив се изјасниле дека македонскиот јазик им е мајчин.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 367 жители, од кои 31 Македонец, 8 Албанци, 85 Турци, 1 Бошњак, 222 останати и 20 лица без податоци.[12]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Велебрдо:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | 610 |
1953 | 444 | 11 | 128 | — | 104 | — | 687 |
1961 | 129 | 5 | 637 | — | 4 | — | 775 |
1971 | 311 | 0 | 448 | — | 36 | — | 795 |
1981 | 237 | 3 | 27 | — | 630 | — | 897 |
1991 | 106 | 1 | 21 | — | 841 | — | 969 |
1994 | 97 | 1 | 186 | — | 576 | — | 860 |
2002 | 609 | 6 | 132 | 0 | 3 | — | 750 |
2021 | 31 | 8 | 65 | 1 | 222 | 20 | 367 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1953-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
[уреди | уреди извор]Во Велебрдо отсекогаш живееле Македонци. Според записите на Томо Смилјаниќ - Брадина на почетокот на XX век во Велебрдо живееле следните македонски муслимански и христијански родови:[2]
- Муслимански родови: Билевци (7 к.), сместени на Чука, издвоени од другите; Исламовци (2 к.); Османовци (8 к.); Мавмутовци (4 к.); Саловци (4 к.); Вејсовци (5 к.); Селмановци (6 к.) и Садиковци (8 к.).
- Христијански родови: Митковци (10 к.); Алексовци (4 к.); Арсовци (1 к.); Николовци (1 к.) и Стојановци (1 к.).
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Основно училиште „Хајан Селмани“ (во минатото ОУ „Ѓорѓија Пулевски), подрачно основно училиште на ОУ „Хајан Селмани“ - Ростуше
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во рамките на новосоздадената Општина Маврово и Ростуше, која настанала со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната Општина Ростуше, која со измените во Законот за територијална поделба на Македонија била припоена со Општина Маврови Анови, со што двете општини ја создале новата Општина Маврово и Ростуше, во која денес се наоѓа селото.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар, додека во периодот по војната од 1957 до 1965 година се наоѓала во некогашната општина Маврово. Во рамките на општина Ростуше се наоѓало во периодот 1955-1957.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од Општина Ростуше, во која покрај Велебрдо се наоѓале и Аџиевци, Битуше, Галичник, Јанче, Присојница, Ростуше, Сушица и Требиште. Во периодот 1950-1952 година, селото припаѓало на Општина Ростуше, во која влегувале селата Битуше, Велебрдо и Ростуше.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0471 според Државната изборна комисија, сместено во простории на основното училиште.[13]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 862 гласачи.[14]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви[15]
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — главна селска црква
- Џамии[15]
- Џамија — главна селска џамија
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени или потекло од Велебрдо
- Хајан Селмани (1985-2019) — претприемач, стопанственик и иноватор
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Главната селска црква „Св. Ѓорѓи“
-
Поглед кон селото
-
Селската џамија
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Смиљаниќ; Тома (1925). Mijaci, Gorna Reka i Mavrovsko Polje. Белград: Српска кралска академија. OCLC 28398861.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 50. Посетено на 15 април 2020.
- ↑ Група автори (2016). „Свлечишта“. Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (PDF). Скопје: Министерство за животна средина и просторно планирање. стр. 72. ISBN 978-9989-110-90-0.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 174-175.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900. стр. 263.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рp. 184-185.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 49.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 15 април 2020.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 15 април 2020.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2020-11-25. Посетено на 15 април 2020.
- ↑ 15,0 15,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|