Никифорово
Никифорово | |
Поглед на Мавровското Езеро и на селото Никифорово | |
Координати 41°40′32″N 20°46′32″E / 41.67556° СГШ; 20.77556° ИГД | |
Регион | Полошки |
Општина | Маврово и Ростуше |
Население | 59 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1254 |
Повик. бр. | 042 |
Шифра на КО | 07055 |
Надм. вис. | 1260 м |
Слава | Свети Пантелејмон |
Никифорово на општинската карта Атарот на Никифорово во рамките на општината | |
Никифорово на Ризницата |
Никифорово (познато и како Ниќифорово) — село во Општина Маврово и Ростуше, сместено на брегот на Мавровското Езеро.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во Мавровската Котлина, на залив на источниот брег на Мавровското Езеро. Низ Никифорово него тече Петилепска Река која завршува влевајќи се во езерото. Административно претставува дел од Општина Маврово и Ростуше, западна Македонија, сместено во источниот дел на општината. Воедно, селото претставува и дел од Националниот парк Маврово. Се наоѓа во пониските делови на планината Бистра.
Селото е поврзано со асфалтниот месен пат P-413 со соседните села Леуново и Маврово, пат кој го обиколува Мавровското Езеро. Од градот Гостивар е оддалечено 32 километри.
Селото има околу 100 куќи, а поголемиот дел од нив се викендици.[2]
Историја
[уреди | уреди извор]Населбата Никифорово се верува дека има далечно минато. Доказ за тоа е местото „Црквичето“ во месноста Бор. Археолошките истражувања потврдиле постоење на манастирски комплекс, чие постоење потекнува од V-VII. Црквата на овој манастирски комплекс била во целосна употреба и се изведувале богослужби сè до нејзиното палење од страна на германските војници во 1943 година.[2] Покрај палењето на црквата, во пожарот изгорело и целото село. Денес наоѓалиштето е прогласено за културно наследство на Македонија.
Во XIX век Никифорово било чисто македонско село во Гостиварската нахија на Тетовската каза. Андреј Стојанов, кој учителствувал во Тетово од 1886 до 1894 г. напишал за Никифорово:
„ | С. Ничворово или Никифорово. — Ничворовската црква се нарекува „Св. Пантелејмон“ и е нова. Пред неколку години, додека оваа црква уште не беше осветена, на празникот на великомаченикот Пантелејмон никифоровци кај црквата колеа курбан, а по нејзиното осветување кај неа пак се коле курбан секоја година, но веќе не на храмовиот ден, туку за некој од летните празници, кога селаните се послободни. За курбан на никифорци им служат 2 или 3 овна кои ги земаат од овчари, на кои им се дава паша во планината. Месото од закланите овни се вари и пече, па се јаде од селаните кај црквата. Секој сам си носи леб и вино.[3] | “ |
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Никифорово се состоело од 450 Македонци христијани.[4][5] Целото население било двојазично, при што покрај домашниот македонски го владеело и албанскиот јазик.[6]
Сето население на Никифорово било под врховенството на српската црква, која потајно работела под формално покровителство на Цариградската патријаршија. Во селото се правеле значајни напори за ширење на српската пропаганда, при што со сета патријаршиска област началствувал скопскиот митрополит Фирмилијан од Шабац, кој во 1902 г. забележал дека Никифорово имало 60 „српски“ куќи.[7] Според патријаршискиот митрополит Поликарп Дебарски и Велешки во 1904 г. во Никфорово исто така имало 60 куќи, кои и тој ги нарекува „српски“.[8] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Никифорово имало 464 Македонци[4] „србомани“ и работело српско училиште.[9]
Во 1906 г. е заведено дека во селото имало 77 куќи кои, под притисок на српската пропаганда ја признавале Цариградската патријаршија за своја црква.[10]
Афанасиј Селишчев во 1929 г. Никифорово го завел како село во Леуновската општина на Горнополошкиот срез со 62 куќи од вкупно 343 жители Македонци.[11][12]
Во поновата историја, од Никифорово потекнуваат бројни борци во НОБ за Македонија, меѓу кои најистакнат е Видое Смилевски - Бато, народен херој и политичар. Учествува на Првото заседание на АСНОМ, бил потпретседател на Владата на НР Македонија како и претседател на Президиумот на Народното собрание на НРМ. Вкупно 16 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[13] Врз селото Никифорово и неговите селани е извршено злосторство (палење на селото Никифорово) од страна на албанските балисти и италијанските фашисти на 21 август 1943 година,[14] при што биле запалени 62 домаќинства, покуќнина, добитокот и биле убиени неколку жители на селото.[15]
Чеде Филиповски - Даме е учесник во НОБ, офицер и народен херој на Македонија.
За двајцата има изградено спомен-куќи во селото.[2]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[16]
Населението во селото започнало да се намалува по првите реформи и индустријализацијата на земјата во времето на Југославија, кога жителите започнале да се иселуваат по градовите, со што бројноста на селото започнала драстично да се намалува. Неповолно кон бројот на жители се одразило и потопувањето на Мавровската Котлина, како и плодното земјиште на селото.
Според пописот од 2002 година, во Ниќифорово живеат 10 жители, сите Македонци.[17] Според последните проценки за население (2007 г.) се појавила бројката од само двајца постојани жители.[2]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 59 жители, од кои 48 Македонци, 1 Србин и 10 лица без податоци.[18]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 450 | 464 | 205 | 224 | 145 | 35 | 22 | 11 | 9 | 10 | 59 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[19]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[20]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[21]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[22]
Родови
[уреди | уреди извор]Никифорово е македонско село.
Според истражувањата од 1920-тите, родови во селото се:
- Староседелци: Николовци (3 к.), Трпевци (3 к.), Децковци (3 к.), Марковци (10 к.), Џегуловци (4 к.), Мицовци (3 к.), Тримчевци (5 к.) и Шеретовци (2 к.)
- Доселеници: Мацановци (9 к.), Матошовци (10 к.) и Тримовци (4 к.) доселени се од областа Матија во Албанија; Бежовци (5 к.) доселени се од селото Бежово (денес не постои) во Горна Река; Трифуновци(4 к.) доселени се од мијачкото село Јанче; Петревци (2 к.) доселени се од селото Беличица во Горна Река, каде припаѓале на родот Затаковци.[23]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Спомен-куќа посветена на народниот херој Видое Смилевски - Бато;
- Спомен-куќа посветена на народниот херој Чеде Филиповски - Даме.
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во рамките на новосоздадената Општина Маврово и Ростуше, која настанала со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната Општина Маврови Анови, која со измените во Законот за територијална поделба на Македонија била припоена со Општина Ростуша, со што двете општини ја создале новата Општина Маврово и Ростуше, во која денес се наоѓа селото.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар, додека во периодот по војната од 1957 до 1965 година се наоѓала во некогашната општина Маврово. Во рамките на истата општина се наоѓало и во периодот 1955-1957.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на истоимената општина, во која покрај Ниќифорово се наоѓале и Маврово и Леуново. Самата Општина Ниќифорово била дел од Гостиварската околија. Општината Ниќифорово постоела и во периодот 1950-1952 година.
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви[24]
- Црква „Св. Пантелејмон“ — главната селска црква;
- Црква „Св. Пантелејмон“ — манастирска црква.
- Археолошки локалитети[25]
- Борче — ранохристијанска базилика;
- Езера
- Мавровско Езеро — вештачко езеро.
- Реки
- Петилепска Река (Никифорска Река) — поминува низ Збориште (сретсело);
- Гинова Река — во средината на селото се спојува со Петтилепска Река и заедно се влеваат во езерото.
- Врвови
- Сандакташ — врв (1981 м) до кој води патека од Збориште.
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Свети Пантелејмон — селска слава која се прославува со традиционален марш до изворот Петти леб на 8 август, вечерна литургија во очи на празникот и главна прослава на 9 август со утринска литургија.
- Водици (Богојавление) — тридневен обичај кој кулминира со фрлање на осветениот крст во реката Петилепска или „Петтилебска“ на 19 јануари. Претходниот ден кумовите поминуваат со крстот низ сите куќи и ги осветуваат.
Личности
[уреди | уреди извор]- Видое Смилевски - Бато — народен херој, политичар, учесник на Првото заседание на АСНОМ, потпретседател на Владата на НР Македонија, претседател на Президиумот на Народното собрание на НРМ;
- Чеде Филиповски - Даме — народен херој, носител на партизанска споменица од 1941 година.
- Илка Василеска — македонска шивачка, комунистички деец и организатор на НОБ.
- Рукија Аврамовска — учесник во НОВ на Македонија.
- Цвета Аврамовска Милева — учесник во НОВ на Македонија.
- Душанка Манасиева — учесник во НОВ на Македонија.
- Станка Русева — учесник во НОВ на Македонија.
- Јелица Степанова — учесник во НОВ на Македонија.
- Вукица Андонова — учесник во НОВ на Македонија.
- Зојка Крстева — учесник во НОВ на Македонија.
- Доца Арсеска — учесник во НОВ на Македонија.
- Давитка Арсова Ташкова — учесник во НОВ на Македонија.
- Ана Арсова — учесник во НОВ на Македонија.
- Убавка Атанасиевска — учесник во НОВ на Македонија.
- Александар Филиповски (р. 1936) - сликар;
- Ефто Спироски (1951-2019) - виден македонски адвокат;
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]Во однос на културните установи, во селото се наоѓаат спомен-куќи посветени на народните херои Видое Смилевски - Бато и Чеде Филиповски - Даме.
Во однос на спортските објекти, селото располага со новоотворено повеќенаменско игралиште, кое било пуштено во употреба на 17 ноември 2014 година, изградено со поддршка од Владата на Македонија.[26] Игралиштето е со површина од 1300 м2 и со димензии 45 х 28 метри. Самото игралиште е осветлувано и во текот на вечерните часови.
Во селото постои регистрирано Здружение на граѓани "НИЌИФОРОВО" кое делува активно во сферата на подобрување на секојдневниот живот.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Поглед од село Никифорово
-
Дел од селото
-
Манастирската црква „Св. Пантелејмон“ во Никифорово
-
Споменик на НОБ во село Никифорово
-
Училиште во село Никифорово (во кое дел од првиот кат е спомен-дом на народниот херој Видое Смилевски - Бато)
-
Нов спомен дом на Чеде Филиповски - Даме во село Никифорово (изграден 2002 год)
-
Поранешен спомен дом на Чеде Филиповски - Даме во Никифорово (сегашна ски-школа, хостел)
-
Биста на Чеде Филиповски - Даме во Никифорово
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Киприновски, Петар; Филоповски Ацо (17 април 2013). „Прекрасното село Ниќифорово покрај брегот на Мавровското Езеро“. Игео-Портал. Скопје. Посетено на 11 декември 2015.
- ↑ Наведено во: Селищев, Афанасий (1929). „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. София: Издание Македонского Научного Института. стр. 67. Отсутно или празно
|url=
(help) - ↑ 4,0 4,1 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900. ср.213.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900. стр. 92.
- ↑ Извештај од скопскиот митрополит за бројот на куќите под негово владение
- ↑ Отчет на митрополитот Поликарп, 25 февруари 1904 г.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 124-125.
- ↑ Георгиев, Величко, Стайко Трифонов, История на българите 1878 – 1944 в документи, том 1 1878 – 1912, част втора, стр. 300.
- ↑ Нарекувајќи ги „Бугари“ под влијание на бугарската пропаганда.
- ↑ Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. – София, 1929, стр. 26.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ „Постхумно промовирана монографијата "Моето Леуново"“. Република Online. Архивирано од изворникот на 2023-01-04. Посетено на 2023-01-04.
- ↑ Синадиновски, Јаким; Груевски, Зоге (1976). Трите мавровски села. Скопје: Заедница на научните дејности. стр. 179–182.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Смилјаниќ, Тома. Мијаци, Горна Река и Мавровско Поле.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ за локалитетот
- ↑ „Пуштено повеќенаменско игралиште во село Никифорово, Општина Маврово Ростуше“. Агенција за млади и спорт. Скопје: Влада на Република Македонија. 17 ноември 2014. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 11 декември 2015.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Никифорово на Ризницата ?
- Страница за Никифорово
- Никифорово на Google Maps
|