Битуше
Битуше | |
Поглед на селото од црквата „Св. Илија“ | |
Координати 41°37′0″N 20°35′17″E / 41.61667° СГШ; 20.58806° ИГД | |
Регион | Полошки |
Општина | Маврово и Ростуше |
Област | Долна Река |
Население | 161 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1254 |
Повик. бр. | 042 |
Шифра на КО | 07007 |
Надм. вис. | 1008 м |
Слава | Илинден |
Битуше на општинската карта Атарот на Битуше во рамките на општината | |
Битуше на Ризницата |
Битуше — село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Долна Река, во околината на градот Дебар.
Потекло на името
[уреди | уреди извор]Селото најпрвин запишано како Битуше се сретнува во 1467 година во турски документи. За значењето на името постојат повеќе објаснувања:[2]
- Од личното Бит, што доаѓа од старословенскиот јазик, кое пак се поврзува со латинското име Витус (Vitus)
- Придавно образување од личното име Битух (Битомир) или Битуш од старословенската основа „бит“
- Од синтагматската форма Битуша, што означува „село кое му припаѓало на Битух“
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Ова мошне интересно село според својата местоположба и развиток се наоѓа во областа Долна Река, во југозападниот дел на територијата на Општина Маврово и Ростуше, чиј атар се издига на источната падина на планината Дешат, каде што се допира со државната гранична линија со Албанија. Тоа е сместено во кањонскиот дел на реката Радика, од нејзината десна страна.[3] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 954 метри.[3]
Селото е сместено на повисока тераса, под врвот Крчин.[4] Оддалечено е 35 километри југозападно од Маврово и 20 километри северно од Дебар. Самото село е целосно сместено во атарот на националниот парк „Маврово“.[5]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Мравјаник, Драга, Ливаѓе, Јолменица и Велоска Ливада.[4]
Селото има збиен тип, куќите се наредени блиску една до друга на стрмнина.[4] Поделено е на две маала: Село и Ранчевци, а помеѓу нив се наоѓа третото маало Топузовци.[5]
Во непосредна близина на селото, односно на левиот брег од реката Радика, се наоѓа и познатиот Бигорски манастир. Битуше со соседните села Ростуше, Велебрдо и Требиште отсекогаш претставувал посебен крај со свои специфични белези и одлики.[5]
До селото води асфалтен пат, а поголемиот дел од куќите се во добра состојба. Поголемиот дел од куќите се на два или три ката, изградени од камен.[5]
Поради стрмниот предел, селото е изложено на опасност од свлечишта. Во 2002 година е забележано свлечиште при што биле уништени обработливи површини. Во близина на селото е активно и свлечиштето „Велебрдо“, кое последен пат било активно во периодот 1996-1999.[6]
Историја
[уреди | уреди извор]По предание за селото се верува дека е „старо“. Кога владеела чума, селото било преорано со две јуници близнаци и така било спасено. Тука живеел главатарот Јован Опута.[4]
Пишани докумени за селото и неговото настанување не постојат. Првпат селото е споменато во турските пописни дефтери од XV век, но сепак постојат сознанија дека Битуше е многу постара населба.[5]
Според некои, извесен Јован (или Иван) како еден од 70. ученици на Климент и Наум бил битушанец и дека тој бил всушност ктитор на Бигорскиот манастир, односно дека токму тој ја донел иконата на Свети Јован од изгорениот истоимен манастир во близина на селото Слатино, Дебрца, кој пак бил запален во почетокот на X век.[5]
Во XIX век, Битуше било село во Реканската каза на Отоманското Царство.
Битуше е единствено и меѓу 23. села од десната страна на Радика, разместени по огранките на Кораб и Дешат, во кое не била извршена исламизација на населението. Со векови постои како чисто христијанско село и не е познато поради која причина, отоманските власти не извршиле потурчување во селото. Сепак, селото со векови живеело во братска слога со останатите жители од овој крај.[5]
Во Битуше за време на народноослободителната војна, во ноември 1942 година, проработела првата партизанска печатница во Македонија. Целото село било на страната на НОИВ и ПОМ и од него излегло еден народен херој Тихомир Милошески–Тиќо и петмина носители на Партизанска споменица од 1941 година.[5] Вкупно 38 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Селото зафаќа простор од 6,2 км2. На него преовладуваат шумите на површина 287,9 хектари, пасиштата заземаат 210,2 хектари, додека на обработливото земјиште отпаѓаат само 70,7 хектари.[3]
Селото, во основа, нема некоја развиена аграрна функција.[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во „Етнографија на Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Битуше е село со 100 домаќинства и 327 жители.[8]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Битуше живееле 560 жители, сите Македонци.[9] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Битуше имало 576 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[10]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Битуша се води како чисто македонско село во Реканската каза на Дебарскиот санџак со 72 куќи.[11]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Македонци.[12]
Од Битуше се иселил добар дел од населението, така што тоа преминало од средно во мало село по големина. Во 1961 година селото броело 581 жител, а во 1994 година бројот се намалил на 172 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Битуше имало 96 жители, од кои 95 Македонци и 1 Србин.[13]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 161 жител, од кои 128 Македонци, 1 Албанец, 1 Турчин, 1 Србин, 29 останати и 1 лице без податоци.[14]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 560 | 576 | 530 | 579 | 581 | 431 | 291 | 174 | 172 | 96 | 161 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[15]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[16]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]
Родови
[уреди | уреди извор]Во Битуше отсекогаш живееле исклучиво православни Македонци. Според записите на Томо Смилјаниќ - Брадина на почетокот на XX век во Битуше живееле следните македонски православни родови распоредени во маала:[4]
- Ранчевско Маало: Тримовци, Јовановци и Постоловци, сите заедно имаат (30 к.);
- Средно Маало: Шапковци, Топузовци, Гиговци и Ќулумовци, сите заедно имаат (20 к.); и
- В’село: Камберовци, Дуровци, Дамчевци, Бабаровци, Митревци и Фидановци, сите заедно имаат (40 к.).
Родот Шапковци е доселен од Негуш во Грција (Егејска Македонија) во времето кога бил разорен градот (околу 1821 година). Нивниот предок бил откупен од главатарот Јован и бил донесен во селото. За останатите родови не се знае од каде се доселени.[4]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во рамките на новосоздадената Општина Маврово и Ростуше, која настанала со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната Општина Ростуша, која со измените во Законот за територијална поделба на Македонија била припоена со Општина Маврови Анови, со што двете општини ја создале новата Општина Маврово и Ростуше, во која денес се наоѓа селото.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар, додека во периодот по војната од 1957 до 1965 година се наоѓала во некогашната општина Маврово. Во рамките на општина Ростуша се наоѓало во периодот 1955-1957.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од Општина Ростуша, во која покрај Битуше се наоѓале и Аџиевци, Велебрдо, Галичник, Јанче, Присојница, Ростуша, Сушица и Требиште. Во периодот 1950-1952 година, селото припаѓало на Општина Ростуша, во која влегувале селата Битуше, Велебрдо и Ростуша.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0472 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватен објект.[19]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 54 гласачи.[20]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви[21]
- Црква „Св. Архангел Михаил“ — главната селска црква, се наоѓа сретсело;
- Црква „Св. Илија“ — црква во месноста Дабје (Добје);
- Црква „Вознесение Христово“ — црква во месноста Дабје;
- Црква „Св. Преображение“ — мала црква на Крчин, стара и нова; и
- Црква „Св. Кирил и Методиј“ — скит на Бигорскиот манастир, темелот му бил осветен на 31 мај 2014.[22]
- Споменици на културата
Во селото Битуше според евиденцијата во Регистарот на културно наследство на Управата за заштита на културното наследство на Македонија (УЗКН) прогласен е еден објект како споменик на културата и со тоа за културно наследство на Македонија:
- Партизанска печатница „Гоце Делчев“ — прва илегална партизанска печатница во Македонија, која работела во периодот ноември 1942 до јуни 1943 година
- Реки[23]
- Битушница — мала река која тече низ селото
Редовни настани
[уреди | уреди извор]Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во Битуше
- Јован Опута — ќеаја, еден од најмоќните и најбогати селски сточари и големопоседници во Мијачијата;
- Атанасије (Ташко) Николиќ — протојереј и старешина на Бигорскиот манастир;
- Иван Ангелов — мајстор, носител на орден „За храброст“ IV степен од Балканските војни;
- Никола (Нико) Гаврилов — мајстор, носител на орден „За храброст“ IV степен од Балканските војни;
- Серафим Павлов — ѕидар, носител на орден „За храброст“ IV степен од Балканските војни;
- Георги Рафаилов — ѕидар, носител на орден „За храброст“ IV степен од Балканските војни;
- Тримо Арсов — мајстор, носител на бронзов медал од Балканските војни;
- Алекса Китановиќ — градоначалник на општина Ростуше до 1939 година;
- Мино Миновски — првоборец, носител на партизанска споменица, учесник во НОБ и делегат на Првото заседание на АСНОМ, како и прв директор на градежното претпријатие Карпош;
- Љубица Апостолска — учесник во НОВ на Македонија.
- Митре Инадески — првоборец, учесник и автор на неколку книги за НОБ;
- Јанко Лазаревски — професор и декан на Земјоделско-шумарски факултет, Скопје;
- Русе Бошковски — гинеколог, асистент на Медицинскиот факултет во Скопје и директор на Здравствениот дом во селото Ростуше, кој денес го носи неговото име;
- Аритон Попоски — македонски филолог и етнолог;
- Милош Милошески — поранешен секретар на Македонска академија на науките и уметностите;
- Бранко Бишковски — македонски поет и пејач на народни песни;
- Лилјана Николовска — југословенска и хрватска пејачка на сплитската група Магазин;
- Кирил Рилски (1861-1946) — архимандрит, привремен управител на Дебарската епархија од 26 април 1916 до 18 декември 1918 година;
- Саре Илкоски (1865-1928) — градител, со својата тајфа изградил околу 40 цркви во Скопско, Гостиварско, Србија, Бугарија и во Егејскиот дел на Македонија;
- Тихомир Милошевски (1915-1984) — народен херој на Македонија, генерал-полковник и прв командант на македонските воени единици во текот на НОВ на Македонија;
- Блаже Павловски (1931-1987) — македонски поет;
- Никола Фидановски-Кочо (р. 1946) — академски сликар, добитник на наградата „Нерешки мајстори“, како и на највисокото признание за долгогодишни остварувања во областа на уметноста, државната награда „Св. Климент Охридски“;
- Гале Фиданоски (р. 1936) - македонски новинар и публицист;
- Ратко Топузовски - директор на осмолетката во с.Ростуше, писател и новинар во Македонско Радио - Радио Скопје, Нова Македонија, Вечер и Битушки весник;
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]Обичаи
[уреди | уреди извор]Селото Битуше се одликува со посебни обичаи. Особено интересен период е неделата помеѓу празниците Водици и Свети Јован Крстител. Традицијата е пренесувано од колено на колено и истата се одржува и денес. но сепак е недоволно позната во пошироката јавност.
Битуше поседува два крста, со што значи дека две куќи ги предаваат и ги земаат крстовите за овој празник. Во минатото имало еден, но некогаш се случило самиот кум да не доживее да биде кум. Поради таа причина, се решило селото да има два крста. Подготовките за овој празник започнуваат скоро цела година порано, односно на Атанасовден (31 јануари), кога новите кумови се зарекуваат за носители на селското кумство во главната селска црква „Св. Архангел Михаил“. Непосредните подготовки за празникот започнуваат на Василица, кога се замесуваат лебови. Ноќта пред Василица, малку по полноќ, девојка со живи родители или пак млада невеста облечена во свечена облека тргнува на една од селските чешми да налее вода во две стомни. На враќање крши три дренови гранчиња што ги става во стомните за водата да се дреноса, со што се верува дека ќе донесе здравје за семејството. Во домот водарката ја чекаат месариите, кои по нејзината враќање пеат песна.
„Добре ми дојде свети Јоване! - Добре те најдов еј нови куме!
Не уплаши се ток зарадви се, сам свети Јован заире носет,
заире носет бела пченица, бела пченица ведро ракија,
ведро ракија две ведра вино, две ведра вино крава јалова...“
Со донесената вода девојката/невестата ги замесувала првите пет леба, а месариите ги замесувале останатите лебови за самиот празник. Во поново време, се замесуваат само пет леба, а останатите се купуваат.
На самиот празник Василица постои посебен обичај наречен „На кумство“. Тогаш, девојки или млади невести од куќите кои го земаат крстот, свечено облечени и со „зовачки“ (специјални карти) го канат целото село да дојде „На кумство“, а другите девојки и младите невести се канат да бидат кумстарки. Вечерта на 17 јануари се повикуваат селаните во двете куќи што го испраќаат крстот, каде што како гости доаѓаат и новите кумови. За време на вечерата, две жени свечено облечени во народна носија, застанати во спротивните ќошови од куќата, поткачени на столчиња ја сучат врвката, со која ќе се заврзе крстот и босилекот. При сучењето се пее песна.
„Јадите, пите, веселите се, ова е софра свети Јованова.
Сам свети Јован заире носит. Носите го, носите го,
гравот од грашишќе, да го јадет, да го јадет,
овие чесни гости, чесни гости, чесни гости,
свети Јованови...“
Кога ќе се заврзе босилекот за крстот започнува опростувањето од крстот. Прв се опростува самиот домаќин, а потоа тоа го прават и домашните и гостите. Потоа, кумот зема бакарен сад полн со вода, во него го става крстот и ги поведува кумовите кон Бигорскиот манастир. Испраќањето се прави со песна. По пристигнувањето во манастирот, сите крстови се ставаат во голем котел полн со вода, каде што свештеникот ги осветува.
Утрото на 18 јануари со биење на камбаните, кумовите тргнуваат кон селото Битуше. Кај месноста Лајковец ги пречекуваат деца со лончиња, во кои кумовите им истураат од светата вода да се напијат на гладно срце и да однесат во домовите. Кумовите со крстот и светената вода одат во домовите на стариот и новиот кум, а потоа шетаат и низ целото село. Одејќи низ селото го перат тропарот „Во Јордање крештајутсја Тебја Господи...“ Во домовите на селаните се служи посна храна, каде главниот кум ја пресекува погачата, ја попрскува со вино, а потоа куќата со светена вода, додека еден од кумовите фрла сол во огнот, го распретува и благословува да се сили куќата. Ова се повторува низ целото село, а на крај котлињата со вода и крстовите се носат во селската црква.
Вечерта во домовите на новите кумови се изведува „одење по костење“. Тогаш се носат и таблите за кревање на кумството. На софрата, домаќинката со полна табла костени ги послужува гостите и секој зема толку костени колку што има членови семејство, како и едно за куќата и стоката, но нивниот број секогаш мора да е непарен. Ако некој не дојде, му се испраќаат костени дома. Ноќта во двете куќи на новите кумови се распоредуваат таблите, се создава колона на кумстарките, така што на почетокот се жените, а потоа девојките.
На самите Водици, уште рано наутро сите луѓе се упатуваат во селската црква, каде што има црковна служба, а потоа се земаат иконите, бајраците, крстовите и одат низ селото. Колоната оди низ селото по строго утврдена патека. Најнапред е свештеникот со бакарно котле со светена вода, со крстот и босилекот во водата, а по него селаните. Најпрвин се застанува кај Милошевска чешма, каде што се осветува водата, а потоа одат На Јаз, каде што крстот и се фрла во водата. При одењето низ селото поворката ја пее песната „Крсти носиме Бога молиме“. По фрлањето на крстот, тој се враќа во селската црква, по што девојките и невестите одат во домовите на новите кумови, каде што се изведува обичајот „Кревање кумство“. Секоја си ја зема таблата (со лебот во неа), кои се покриени со бела шамија. Сите тргнуваат кон црквата, а најнапред е домаќинката, чија табла е најголема и во неа има три леба и три гранчиња дрен. По пат се пеат водичарски песни, а потоа влегуваат во црковниот двор, каде се пее песна и се игра Јованово оро.
„Петар и Павле две ора водет, Петар Павлеве му се молеше:
- Покроткум Павле, покроткум брате, покроткум ви го витото оро,
ил се невести морни, уморни, ил се девојки морни уморни.
Цел ден денеска крсти носеме, крсти носеме, Бога молеме!
Да му е жива ...
(се редат имињата на машките членови на семејството според возраста).“
По орото, кумстарките од куќата на првиот кум одат во селскиот културен дом, каде што се остава лебот. По нив во црковниот двор влегуваат кумстарките од куќата на вториот кум, при што се повторува истиот ритуал. Истовремено, во селските дом мажите ги сечат лебовите и се спрема храната. Во меѓувреме, домаќинките од двете куќи одат во црквата каде што ги земаат крстовите. Свештеникот на сите присутни во црквата им дели кончиња од сучената врвка. Во домот крстот се остава пред иконата, а потоа доаѓаат кумстарките за кои е подготвена софра. По нив ручаат мажите.
Вечерта на Водици целото село оди „С поклон“ кај првиот стар кум, а нему му се носи леб и му се честата Свети Јован. Поклонарите пијат ракија и им се дава вечера. Следната вечер се повторува постапката кај вториот стар кум. Со тоа, празнувањето за Водици завршува.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Поглед кон селото
-
Споменикот од НОБ (по обновата)
-
Плоча на споменикот од НОБ
-
Стара куќа во селото
-
Црквата „Св. Илија“
-
Споменикот од НОБ (пред обновата)
-
Куќа во селото
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 57-58. ISBN 978-608-220-026-2.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 30. Посетено на 13 април 2020.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Смиљаниќ; Тома (1925). Mijaci, Gorna Reka i Mavrovsko Polje. Белград: Српска кралска академија. OCLC 28398861.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 „Битуше“. Македонска нација. Посетено на 2020-04-13.
- ↑ Група автори (2016). „Свлечишта“. Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (PDF). Скопје: Министерство за животна средина и просторно планирање. стр. 72. ISBN 978-9989-110-90-0.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 174-175.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900. стр. 263.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рp. 184-185.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 48.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 13 април 2020.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 13 април 2020.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2021-07-11. Посетено на 13 април 2020.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Се осветија темелите на храмот во чест на Светите Браќа Кирил и Методиј
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 13. ISBN 978-9989-2117-6-8.
Користена литература
[уреди | уреди извор]- Гале Фиданоски: Битуше — празници, традиции, верувања, Македонска ризница, Куманово, 2006.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|