’Ржаново (Струшко)
’Ржаново | |
Поглед на селото ’Ржаново | |
Координати 41°22′23″N 20°39′56″E / 41.37306° СГШ; 20.66556° ИГД | |
Регион | Југозападен |
Општина | Струга |
Област | Малесија |
Население | 0 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 6338 |
Повик. бр. | 046 |
Шифра на КО | 26021 |
Надм. вис. | 1.250 м |
’Ржаново на општинската карта Атарот на ’Ржаново во рамките на општината | |
’Ржаново на Ризницата |
’Ржаново — село во областа Малесија, во Општина Струга, сместено високо на падините на планината Караорман.
Потекло на името
[уреди | уреди извор]Името на селото првпат е споменато како „’Ржано“ во 1583 година. За името постојат повеќе варијанти од каде потекнува името:.[2]
- од ’Ржан (дол) или ’Ржана (нива), како и придавна форма на ’рж и -ово (село); и
- првобитната форма е ’Ржано, што е супстантивизирана придавка од ’рж (во селото најмногу се сеело ’рж), додека формата ’Ржанов е добиена по аналогија на соседното село Локов, додека обликот Аржаново е канцелариски творба настаната по аналогија на честите топоними образувани со наставката -ово, без да се води сметка за структурата на името.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во областа Малесија, во северниот дел на територијата на Општина Струга, на западните падини на планината Караорман.[3] Селото е планинско, на надморска височина од 1.250 метри.[3]
Од градот Струга е оддалечено 33 километри.
Помеѓу селата Збажди и ’Ржаново тече Збошка Река, која во текот на летниот период неретко пресушува. Се влева во Црн Дрим кај селото Глобочица.[4]
Историја
[уреди | уреди извор]Во XIX век, ’Ржаново било село во рамките на Охридската каза на Отоманското Царство.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Во селото во минатото постоела огромна земјоделска задруга во која се чувале овците од Струшкото Поле. Задругата била сместена на патот помеѓу селата Збажди и ’Ржаново.
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото ’Ржаново имало 360 жители.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во ’Ржаново имало 360 жители.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[7]
Селото е наполно раселено по 1961 година, кога што имало 128 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото ’Ржаново немало жители.[8] Истото било потврдено и на пописот од 2021 година.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 360 | 360 | 296 | 314 | 128 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]
Родови
[уреди | уреди извор]Ржаново било чисто македонско православно село, кое денес е целосно раселено. Сите родови во селото биле доселенички. И повеќето родови се многу стари доселеници.
Родови во ’Ржаново се: Влаовци и Мартиновци, кои се делат на Постоловци, Марковци и Стојановци (25 к.), нивните предци најпрво дошле во подрачјето на селото, се зборува дека однекаде избегал некој Влав сточар, па најпрво на местото Лаиншта си изградил привремено живеалиште, а после некое време подигнал куќа; Ќелешовци со Ќечовци и изумрените Лошановци (8 к.) се еден род, по потекло се од Вапила, Охридско, од каде најпрво отишле на чифлик во Корча, каде останале 17 години, па потоа преминале најпрво во Славила (раселено село во атарот на Селци) во Славила не останале долго, туку морале да бегаат од турските напади, има преку 200 години како живеат во ’Ржаново; Бирачовци и Јанковци (9 к.) потекнуваат од ист предок, по потекло се од селото Мислодежда, таму и сега има место, Бирачова нива, во Мислодежда бил некој пољак „Турчин“ од Зогаја или Лузнија во Долен Дебар, на служба во родот Бирачовци. Пољакот во една прилика и направил нешто лошо на жената на Тодор од Бирачовци и Тодор земал пушка и го убил пољакот. Потоа од страв се населил во Славило (раселено село). Ни неговиот брат Јанко не можел долго да остане во Мислодежда, каде во тоа време почнале да се населуваат Албанци, па пребегнал најпрво во Корча, а од Корча потоа преминал кај неговиот брат. Со нивното иселување Мислодежда престанала да биде македонско село. После уништувањето на селото Славила, се населиле во ’Ржаново, каде живеат преку 200 години; Џутевци (4 к.) се веројатно од селото Џутаит во Албанија. Ги има и во Пискупштина. Во ’Ржаново се доселени преку Глобочица; Павлевци (4 к.) доселени се од селото Присовјани, се доселил Трифун Шупуроски кој влегол во родот Вељановци, кои се изумрени по машка линија; Аџиоски Бајрам (1 к.) Ром ковач, во Ржаново дошол „одамна“ од Локов.[13]
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Луково.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото припаѓало на тогашната општина Луково.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Караорман, во која покрај селото ’Ржаново, се наоѓале и селата Богојца, Брчево, Глобочица, Збажди, Локов, Мислодежда, Поум и Присовјани. Во периодот 1950-1952 година, селото ’Ржаново било дел од некогашната општина Локов, во која влегувале селата Буринец, Локов, ’Ржаново и Селци.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1892 според Државната изборна комисија, кое е сместено во основното училиште во селото Присовјани, а во кое влегуваат населените места Буринец, Локов, Присовјани, ’Ржаново, Селци и Збажди.[14]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 22 гласачи.[15] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 19 гласачи.[16]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[17]
- Голем Кутел — средновековна населба;
- Дебелица — населба од доцноантичкото време;
- Добра Слива — средновековна населба.
- Цркви[18]
- Црква „Св. Недела“ — главна селска црква
- Реки[4]
- Збошка Река — помала река, притока на Црн Дрим
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 84.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја (I. изд.). Скопје: Патрија. стр. 259. ISBN 9989-862-00-1.
- ↑ 4,0 4,1 Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 31. ISBN 978-9989-2117-6-8.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 253.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 162-163.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 13 октомври 2018.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Годишен зборник на Филозофскиот факултет на универзитетот во Скопје. Историско-филолошки оддел. 1953. На
|first=
му недостасува|last=
(help) - ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 13 октомври 2018.
- ↑ „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-09-22. Посетено на 8 октомври 2018.
- ↑ „Референдум 2018“. Архивирано од изворникот на 2020-06-10. Посетено на 8 октомври 2018.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 397-398. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- ’Ржаново (Струшко) на Ризницата ?
- Роднокрајски записи - ’Ржаново Архивирано на 10 март 2016 г. — репортажа