Прејди на содржината

Горни Дисан

Координати: 41°25′40″N 22°05′44″E / 41.42778° СГШ; 22.09556° ИГД / 41.42778; 22.09556
Од Википедија — слободната енциклопедија
Горни Дисан

Глетка на Горни Дисан од патот за Вешје

Горни Дисан во рамките на Македонија
Горни Дисан
Местоположба на Горни Дисан во Македонија
Горни Дисан на карта

Карта

Координати 41°25′40″N 22°05′44″E / 41.42778° СГШ; 22.09556° ИГД / 41.42778; 22.09556
Регион  Вардарски
Општина  Неготино
Население 0 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1440
Повик. бр. 043
Шифра на КО 18007
Надм. вис. 420 м
Слава Св. Никола
Горни Дисан на општинската карта

Атарот на Горни Дисан во рамките на општината
Горни Дисан на Ризницата

Горни Дисан — село во Општина Неготино, во околината на градот Неготино.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Стара македонска куќа со трем - чардак, во Горни Дисан

Селото Горни Дисан се наоѓа во близина јужно од Неготино на околу 4 километри од селото Долни Дисан, а околу 12 километри од центарот на градот Неготино. Речиси до самото село води асфалтиран пат, кој понатаму како земјен пат продолжува до селото Вешје. Горни Дисан е ридско село, расположено на надморска височина од 420 метри.[2]

Сместено е на источната падина од висорамнината Витачево во подножјето на Кожуф, од левата страна во изворишниот дел на Дисанска Река. Самата Дисанска Река извира од еден силен и непресушен извор во долот непосредно јужно над самото селото од кого што пак е спроведена и водата за водоводот кој ги снабдува селата Горни, Долни Дисан и Вешје.[3] Над селото во месноста наречена Брегот, во околината на изворот постои чешма кој се напојува со вода директно од планината Кожуф.

Горни Дисан е село од збиен тип со разредени краеви („распрчкано“): Горното Маало е расположено под осојницата Град, Студена Вода и Катраница, Средното Маало е подолу и е раздвоено од претходното со теснецот односно клисурата Шуталец, а најниско е Долното Маало кое е раздвоено во две групи на растојание од околу 400 метри.[4] На атарот на селото се наоѓаат месностите Градот што претставува карпест гребен со потсечен врв и неколку не многу длабоки пештери меѓу кои Мечкина Пештера кои се особено забележителни. Атарот на Горни Дисан има средна големина и зафаќа простор од 14 км2, на кои преовладуваат пасиштата на површина од 968,4 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 358,9 хектари, а на шумите само 11 хектари.[2]

Сепак за разлика од околните места во неготинскиот дел на Тиквешијата, во околината на Горни Дисан има доста шума, која е претежно листопадна како даб, цер, бука, бреза, како и зимзелена и нискостеблести грмушки. Месностите во селскиот атар кои се наоѓаат на падината на Витачево ги носат следните имиња: Бошкова Падина, Церева Расја, Ѓорово Дапче, Мамутов Рид, Киселец, Букова Стена, Шапков Дол, Шабановско Дабје, Митково Трло, Мечки. Под селото се наоѓаат местата Мера, Завој, Крст, Локва, Биличен Дол, Лазовец.

Историја

[уреди | уреди извор]
Старото основно училиште, денес планинарски дом

Сместено во многу познат крај кој изобилува со многу археолошки наоѓалишта од древната историја, во околината на Горни Дисан население имало уште од најдамнешните антички времиња. Доказ за тоа се старините од постара населба се наоѓа во месноста Град која што се наоѓа во карпеститот гребен над селото и зафаќа простор од околу 20 „дунума“ (земјишна мерка колку може да се изора во 1 ден). Месноста Град е обиколена со разрушен ѕид со дебелина од околу 2 метри, а во неа има темели од градби.[4] Под местото Град има „селиште“.[4]

Сепак самото селото како Горни Дисан нема премногу долга и богата историја. Но, сепак, таа е прилично знаменита и единствена во однос на целиот неготински крај. Горни Дисан како село бил основан кон крајот на XVIII век, кога заедно со муслиманите од селото Долни Дисан заради чума избегале и христијаните — предци на староседелските родови — „темелии на селото“.[4] Македонците-христијани кои избегале од Долни Дисан заради чумата, останале тука сами на чифликот на Рибаровци и така се основало селото Горни Дисан.[4]

За разлика од сите останати околни села, Горни Дисан било единствено чисто христијанско село, населено само со православни Македонци и во него немало ниту една турска куќа.[3]

Селото Дисан во својот патопис за Тиквеш насловен како „Љубљано-Пеонија“ објавен на 12 февруари 1855 година го споменува и македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот.[5] Горни Дисан доста настрадало за време на Балканските војни, кога во 1913 година било запалено и целосно изгорело.[4] Во 1914 година селото севкупно броело 32 куќи од кои 18 во Горното и по 7 во Средното и Долното Маало. Бројот на домаќинства во Горни Дисан нараснал на 45-50 куќи кон средината на педесеттите и шеесеттите години на XX век, кога по основањето на колективот од кој била изградена и сточарската штала, а земјата национализирана, жителите започнале масовно да се иселуваат и да го напуштаат селото. Вршејќи собирање на оружје за востание, и работи на организирање на народот и подготовки за првиот одред при една негова таква активност на 11 јуни 1941 година во Горни Дисан заедно со неколку свои другари при агитацијата кон мештаните за отпор кон бугарскиот окупатор, откриени се при што во пукањето што настанува Диме Поп Атанасов паѓа смртно погоден. Диме Поп Атанасов бил учесник во НОБ и прва жртва на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, загинувајќи само месец и половина од окупацијата на Македонија. Во Горни Дисан сè уште се наоѓа неговиот споменик.

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]
Дисанска Река под селото

Потеклото и значењето на името Горни Дисан, доаѓа од македонскиот јазик најверојатно од глаголот дише, како што наведуваат толкувањата на преданијата за неговиот настанок. Според предание и толкување прибележано во селото, името Дисан доаѓа поради тоа што околината на селото изобилува со многу вода, која поради испарување (кондензација) прави местото да изгледа како да „дише“.[3] Во друго предание и толкување прибележано во соседното село Долни Дисан, некој поп од Мариово откако го посетил овој крај раскажувал за местата со најубав воздух, каде најубаво се дише, па оттаму настанало името Дисан.[3] Со оглед на природно-географските одлики на местоположбата во кои се наоѓаат селата Горни и Долни Дисан вовлечени во долот на Дисанска Река, богат со извори под шумовитите падини на ридот Венец во подножјето на висорамнината Витачево, овие толкувања за дишењето на убавиот воздух и вода, се сосема точни и не се далеку од вистината.

Стопанство

[уреди | уреди извор]
Кошници со пчели во една од куќите во селото

Иако во селото има малку постојани жители, сепак на неговиот атар се одвиваат доста обемни стопански активности, односно се обработуваат лозја и земја и се чува стока на имотите на некогашните иселени жители и нивните потомци. Според составот на атарот селото Горни Дисан има полјоделско-сточарска функција.

Како и во целиот крај во околината, главна стопанска гранка е лозарството, односно одгледувањето на винова лоза во бројни лозја околу селото, од чие грозје се прават многу вино и ракија. Горни и Долни Дисан се особено прочуени по убавото, квалитетно и питко црвено вино и жолта лозова ракија. Преостанатите жители во мали размери и претежно само за сопствените потреби одгледуваат и градинарски производи како патлиџан (домат), пиперки, кромид, лук, марула (зелена салата), компир.[3]

Во значајна мера е застапено и овоштарството односно одгледување на овошни насади од јаболка, сливи, круши, цреши. Во некои од дворовите на куќите има повеќе пчелни сандаци во кои се чуваат пчели и се произведува мед. Нивите и пасиштата во Горни Дисан во најголем дел се наоѓаат на падината на висорамнината Витачево во пределите Бошкова Падина, Церева Расја, Ѓорово Дапче, Мамутов Рид, Киселец, Букова Стена, Шапков Дол, Шабановско Дабје, Митково Трло и Мечки.[4] Денес во овие предели има повеќе новоподигнати лозови насади. На пределите Мера, Завој, Крст, Локва Биличен Дол и Лазовец во минатото и денес има само лозја.[4]

Порано сточарството било многу поважно занимање, а се живеело и од шумата која била целосно искрчена и во месноста Катраница се правел катран од борината од Витачево. На пространите и убави пасишта во околината на Горни Дисан се напасува и одгледува и доста стока, претежно овци и кози, како и крупни говеда кои се чуваат во соседното село Вешје.[3]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948281—    
1953315+12.1%
1961322+2.2%
1971173−46.3%
198159−65.9%
ГодинаНас.±%
199135−40.7%
199425−28.6%
200211−56.0%
20210−100.0%

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[6]

Според пописот од 2002 година, во селото Горни Дисан живееле 11 жители, сите Македонци.[7]

Горни Дисан е мало село кое е во состојба на целосно раселување. Односно, селото повеќе не е постојано населено во текот на целиот период на годината, туку е само посетувано од неговите некогашни жители во текот на викендите или во текот на летните месеци. Од средината на шеесеттите години на XX век бележи постојан пад на бројот на населението, па така во 1961 година тоа броело 322 жители, а во 1994 се намалил на 25 жители.[2]

Во основа селото денес повеќе не е населено, односно во него постојано живеат само десетина постари жители кои се занимаваат со овоштарство и сточарство. Сепак во Горни Дисан има неколку викендици и новоизградени куќи на некогашни жители и луѓе кои водат потекло од селото, а кои имаат лозја и земјоделски имоти коишто ги обработуваат. Во пролетниот, летниот и раниот есенски период селото има и до педесетина и повеќе привремени жители, иселеници во Неготино, Кавадарци и околните поголеми села, кои обработуваат лозја, овоштарници или чуваат стока.

Според последниот попис од 2021 година, во селото немало жители.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 448 280 281 315 322 173 59 35 25 11 0
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]

Селото Горни Дисан, отсекогаш било населено исклучиво со македонски православни христијански родови. Според податоци од 1914 година во селото живееле следните македонски родови. Најстари родови кои се основачи или „темејлии“, дојдени од Долни Дисан се: Ѓорговци, Ристовци, Марковци сите слават Свети Никола, Атанасовци, Карафилевци, Саботковци сите слават Свети Атанасиј.[4] Подоцнежни доселени македонски родови се: Тотковци дошле двајца втори братучеди од с. Бојанчиште под Кожуф во 1897 и 1919 година, Брдаровци дошле од с. Страгово во 1906 година.[4] Македонски семејства и родови од Горни Дисан се и Јанчевци, Шапчеви, Давчеви.[3]

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Поглед на влезот на црквата „Св. Никола“

Во селото Горни Дисан постојат следниве објекти на општествени установи:

  • Поранешно основно училиште — старото училиште денес е претворено во планинарски дом, со кој управува планинарското спортско друштво „Антигонеа“ од Неготино. Планинарскиот дом е дел од големата обележана планинарска патека, која од Неготино, минувајќи низ Горни Дисан, од кон селото Страгово и планинарскиот дом „Драгаја“ од каде што продолжува сѐ до врвовите Зеленбрег и Дудица и ски-центарот на падините на планината Кожуф.

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во Општина Неготино, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Неготино. Селото припаѓало на општината Неготино и во периодот 1957-1962 година.

Во периодот 1952-1955, селото се наоѓало во рамките на тогашната Општина Долни Дисан, во која покрај селото Горни Дисан, се наоѓале и селата Вешје, Долни Дисан, Прждево и Тремник. Општината Долни Дисан постоела и во периодот 1950-1952 година.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1230 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на месна зедница.[12]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 3 гласачи.[13]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Цркви[14]
  • Црква „Св. Никола“ - Горни Дисан — главна и единствена селска црква, изградена во XIX век. Се наоѓа на околу 400 метри во долот под селото, веднаш од десната страна над самиот пат.

Редовни настани

[уреди | уреди извор]

Селската слава е посветена на патрониот празник на светецот на црквата Свети Никола. Во минатото кога селото имало повеќе постојано население се прославувала зимната слава Свети Никола на 19 декември. Од пред 2-3 години, поради временските услови, некогашните жители со потекло од селото, се собираат и го прославуваат летниот празник Свети Никола на 18 мај.[3]

Личности

[уреди | уреди извор]

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Населението на Горни Дисан главно се раселило во подолното село Долни Дисан, Тимјаник[3] и во градовите Неготино и Кавадарци.

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 74–75.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Според кажување на Димо Димов (р. 1953) од Кавадарци и Вано Јанев (р. 1951) од Неготино, со потекло од селото. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и Никола Цибрев на 10 април 2015 г.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 Радовановиќ, Воислав (1914). Јасминка Јанева (превод) (уред.). Тиквеш и Раец (2011 (превод). изд.). Култура. стр. 330–331.
  5. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр. 71
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  11. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  12. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]