Прејди на содржината

Тремник

Координати: 41°26′21″N 22°09′12″E / 41.43917° СГШ; 22.15333° ИГД / 41.43917; 22.15333
Од Википедија — слободната енциклопедија
Тремник

Глетка од селото Тремник

Тремник во рамките на Македонија
Тремник
Местоположба на Тремник во Македонија
Тремник на карта

Карта

Координати 41°26′21″N 22°09′12″E / 41.43917° СГШ; 22.15333° ИГД / 41.43917; 22.15333
Регион  Вардарски
Општина  Неготино
Население 766 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1440
Повик. бр. 043
Шифра на КО 18029
Надм. вис. 120 м
Слава Духовден
Тремник на општинската карта

Атарот на Тремник во рамките на општината
Тремник на Ризницата

Тремник — село во Општина Неготино, во околината на градот Неготино.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Глетка од селото Тремник

Селото Тремник се наоѓа во средното Повардарие на јужната страна на територијата на Општина Неготино, чиј атар се протега од обете страни на реката Вардар.[2] Поточно селото Тремник се наоѓа од десната страна на Автопатот „Александар Македонски“ (коридор 10, Е-75) веднаш наспроти ТЕЦ „Неготино“.

Вовлечено е во еден долг и тесен сув дол наречен со правец на протегање исток-запад кој се отвора на краевите кон северозапад и пошироката долина на реката Вардар кон исток. Тремник е рамничарско село расположено на надморска височина од 120 метри.[2] Поради ваквата местоположба Тремник има вовлечен и издолжен изглед со куќи претежно на десната присојна падина од Вошлин Дол на неговиот излез во рамнината на долината на Вардар. Тремник денес е поделено во 5 маала: Чифлик, 6-те куќи, Долно Маало, Горно Маало и Сретсело.[3] Маалата Чифлик и Шесте Куќи се малку поиздвоени кон запад во рамнинското проширување, но сепак целото село Тремник е од збиен тип. Во минатото се делело на Алиловско, Шунтевско и Пашовско Маало во долниот дел, Зајковско, Бадевско и Долско Маало во горниот дел и издвоеното Чифлик маало.

Од градот Неготино, селото Тремник е оддалечено 10 километри.[2] Покрај клучката на автопатот, Тремник со Неготино и Демир Капија е поврзано со широк и добар асфалтен пат кој е старата траса и коловозна лента на патот за Гевгелија.

Атарот на Тремник зафаќа простор од 12,8 км2, на него преовладува обработливото земјиште кое што зафаќа површина од 812 ха, а на пасиштата отпаѓаат 290 ха.[2]

Нивите се наоѓаат над селото на потезите Градиште, Рашулица, Порои, Кавадаречки Пат, Аѓупка, Голјак, Цуцул, Мал Дол, Средни Рид, Камен, Вошли Дол, Суво Грло, додека под селото на атарот се наоѓаат потезите Заградиште, Платуник, Провалија, Вардар каде што има „лаки“ и „чаири“ - ливади и пасишта,[4] денес најголем дел под градинарски насади со пластеници и ораници.

Историја

[уреди | уреди извор]
Антички столб во гробиштата.

Значајната местоположба која ја има Тремник, на крстопатот на повеќе важни патишта во срцето на Повардарието и Тиквешијата условила во него да има живот и население уште од дамнешни времиња, за што сведочат и многубројните археолошки пронајдоци и наоѓалишта во недалечната околина кои датираат од VIII век пред нашата ера па сѐ до IV век од нашата ера. Во самото село Тремник на месностите Градиште, Чаир Рид и Орманков Дол пак биле најдени многу богати археолошки пронајдоци како златни монети со ликовите на Филип II и Александар III Македонски, a меѓу пронајдените предмети се и златната апликација со ликот на Посејдон, ситни копчиња од малависки тип со ѕвездести испапчувања, стотина алки, како и листести висулци за ѓердани.[5] Вкупната тежина на пронајдените предмети е околу 700 грама злато, но многу поважна е нивната специфична и исклучителна историска вредност.[6]

Постојат претпоставки дека наоѓалиштето Градиште во Тремник е едно од можните места на некогашниот старомакедонски град Антигонеја основан во II век пред нашата ера од македонскиот крал Антигон Гонат.[7]

Османлиско владеење

[уреди | уреди извор]
Темели на стара градба во гробиштата.

Првите пишани документи за селото Тремник потекнуваат од XVI век, каде се сретнува и под името Мал Тремник.[8]

Во однос на настанокот на сегашното село Тремник е едно од селата во Тиквеш, кое избегнало уништување и преместување во време на османлиското владеење.[4] Затоа, Тремник меѓу населението се смета дека е староземанско односно е настанало и постоело уште пред доаѓањето на османлиските владетели во XIV век.[4] Со доселувањето и колонизирањето на Јуруци во XVI век во Тиквешијата започнува првиот бран на исламизација на македонското христијанско население, при што први на удар биле сите старинечки села во котлинската рамнина, на преминот кон планинските падини и подножја и поважни важните патишта, меѓу кои било и Тремник.[4] Во тоа време постоело предание дека дотогашната селска црква била претворена во џамија.[4] За време на познатата Австриско-турска војна и Карпошовото востание на крајот на XVII век во 1689 година, при налетот на австриската војска таа дошла и во Тиквеш заземајќи го и утврдувајќи се на Чичевското Кале при што османлиската војска со еден паша морала да се повлече преку Црна Река и да се стационира во Тремник.[4]

До пред крајот на XIX век и на почетокот на самиот XX век Тремник било мешовито село со еден чифлик од кој во тоа време се иселиле последните христијани и од мешано, станало само муслиманско македонско село[4], но не за долго бидејќи веднаш по Балканските војни во 1912/1913 започнал големиот бран на иселување на муслиманското население при што истовремено и заедно со турската војска се иселиле 20 домаќинства. На негово место започнало да се доселува македонско христијанско население од повисоките тиквешки села под Кожуф и тоа најмногу од селото Рожден, а потоа и од Чемерско, Бојанчиште, Конопиште кои пред да се доселат во Тремник најпрвин живееле во демиркапиското село Бесвица, а потоа српската и кралска југословенска власт започнала да доселува и колонисти од села во горното изворишно подрачје на реката Пчиња во Кумановско, североисточна Македонија и крајниот пограничен дел на Јужна Србија и други краишта.[3] Со забраната на враќање на колонистите по Втората светска војна во Тремник продолжило доселување на Македонци од повисоките ридски и планински тиквешки села, а селото значајно го осовременило својот лик.

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]

Името на селото Тремник е со потекло од македонскиот јазик составено од именката трем и наставката ник, со значење место со тремови или тремно место. Именскиот дел трем можно е да доаѓа од зборот трем со значење на предворие или покриена отворена просторија пред собите на куќа, предворие илиалтернативно од дрвена плевна, шупа, штала.[8] Доколку се има предвид местоположбата, изгледот и особено на историјата на селото кога имало чифлик и куќи со големи тремови и предворја не е исклучено од таму да дошло и името. Дури и во денешно време речиси сите куќи имаат широки тремови. Други претпоставки кои ги наведуваат научниците се дека дека името Тремник доаѓа или означува: покриен дел пред црквата или од зборот трева и името Тревник кое со асимилација на -вн во -мн го добило денешниот облик.[8] Помала е веројатноста и можноста името да доаѓа и од зборовите: требење односно Требник -> Тремник - место каде биле „истребени“ (исечена) шума или (откопани) камења, како и од именката трмка што е дијалектен збор за улиште или кошница од плот - прачки и земја за одгледување на пчели, та некогаш селото да се викало Трмник што никаде не е забележано како такво. Меѓу населението отсекогаш селото било познато и нарекувано само како Тремник.

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Според составот на земјиштето на атарот селото Тремник има полјоделска функција.[2] Најзастапени гранки од полјоделствтото се одгледувањето житарици, лозарството и градинарството. Од земјоделството населението се занимава најмногу со одгледување пченица, обработување на лозја во Долни Дисан и други села, а голем број претежно помлади жители работат во новоотврената фабрика за автомобилска електроника „Дрекслермајер“ во Кавадарци.[3]

По самите краеви од сите страни над селото веднаш до куќите има пространи ниви со пченица и лозја, а на дното на долот на влажното земјиште има бројни пластеници под градинарски насади во кои се одгледуваат пиперки, домати (патлиџани), краставици, кромид, лук, марула, моркови, спанаќ, праз. Од житните култури во многу помали размери се одгледуваат и јачмен и пченка, додека од градинарските се одгледуваат и доста зелка и бостан - тикви, лубеници и дињи, а во помали размери и грав и компир. Поголемиот дел од населението кое е со потекло од планинските села во областа на горното изворишно подрачје на Пчиња поради непознавањето, неупатеноста и ненавикнатоста кон лозарството како и кон екстензивното долинско-котлинско земјоделско во средоземни и суптропски климатски услови се занимава со аргатување и помош при тешките физички земјоделски работи во обработката, копањето и кроењето на лозјата како и берењето на грозје во соседните лозарски села како Долни Дисан и Тимјаник. Ваквото занимање со аргатување во земјоделските работи е познато и кај жителите од Пепелиште и Криволак кои водат потекло од овие и други подалечни краишта од Тиквешијата. Жителите кои водат потекло од Рожден и другите поткожуфски села покрај со земјоделството се занимаваат и со сточарство односно со одгледување на овци, кози и крупни говеда како крави, телиња и волови, но во помали размери.

Во Тремник е доста развиено и живинарството односно одгледување на кокошки и мисирки. Дел од жителите на Тремник се занимаваат и со други услужни дејности како автопревоз на патнички и товарни возила, ѕидарство, градежништво, плочкарство и во фабриките и погоните на влезот на Неготино. Повеќето семејства живеат во нови и добро уредени куќи, но еден значаен дел од жителите кои не се навикнати и научени на обемно земјоделство живеат посиромашно во социјално загрозени услови и послабо уредени живеалишта и куќи. Во Тремник работат земјоделска задруга, неколку продавници и услужни објекти како угостителски дуќани.[2]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948533—    
1953661+24.0%
1961552−16.5%
1971639+15.8%
1981746+16.7%
ГодинаНас.±%
1991822+10.2%
1994818−0.5%
2002827+1.1%
2021766−7.4%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Тремник живееле 657 жители, од кои 554 Македонци муслимани, 93 Македонци христијани и 10 Роми.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[10]

Селото Тремник е населено со убедливо мнозинство Македонци и бележи постојан пораст на бројот на населението. Во 1961 година селото броело 522 жители од кои 306 биле Македонци, 210 Срби и 35 Турци, а во 1994 година бројот се зголемил на 818 жители од кои 613 Македонци, 191 Србин, 74 Турци и 5 Роми.[2]

Според пописот од 2002 година во Тремник живееле 827 жители од кои:[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 766 жители, од кои 578 Македонци, 3 Албанци, 84 Турци, 12 Роми, 43 Срби, 1 останат и 45 лица без податоци.[12]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Тремник:

Година Македонци Албанци Турци Роми Срби Ост. б.п. Вкупно
1948 533
1953 152 364 142 4 661
1961 306 35 210 1 552
1971 530 52 55 2 639
1981 455 86 197 8 746
1991 569 72 3 114 64 822
1994 613 74 5 119 7 818
2002 618 85 121 3 827
2021 578 3 84 12 43 1 45 766

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Тремник најпрво било македонско муслиманско село кое потоа станало населено со православно население.

Според истражувањата од 1920-1923 година, родови во селото се:

Македонско муслимански

  • Староседелци: Алиловци (4 к.), Дураковци (3 к.), Дервишовци (1 к.), Мехмедовци (2 к.), Шеховци (3 к.), Шунтевци (7 к.), Буховци (1 к.), Кара Усовци (1 к.), Црни Усовци (1 к.), Пашовци (9 к.), Фејзовци (3 к.), Зајковци (8 к.), Бадевци (4 к.), Мемишовци (4 к.), Азисовци (2 к.), Долчевци (2 к.), Паловци (1 к.), Музуровци (2 к.) и Хоџа Алијовци (1 к.)
  • Доселеници: Хаџи Пашовци (15 к.) доселени кон крајот на 18 век од Арнаутлук; Бесвичановци (3 к.) доселени кон крајот на 18 век од бесвичкото Старо Село; Дуборвци (1 к.) доселени од селото Дуброво во 1840 година; Зајимовци (1 к.) доселени во 1870 година од селото Тимјаник; Ленковци (1 к.) доселени во 1870 година од селото Долни Дисан; Реџеповци (1 к.) доселени во 1880 година од селото Тимјаник; Смајилковци (1 к.) доселени во 1900 година од селото Вешје, а по потекло од Вештина од крајот на 18 век; Котлевци (1 к.) доселени во 1909 година од селото Прждево. а по потекло од старото село Слатина од крајот на 18 век; Џевелковци (1 к.) доселени во 1912 година од селото Вешје, а таму во 18 век од Вештина; Пепелиштановци (1 к.) доселени во 1912 година од Кавадарци, а таму во 1880 година од селото Пепелишта; Чаушовци (1 к.) доселени се во 1920 година од селото Пепелишта; Палазовци (1 к.) доселени се во 1920 година од селото Пепелишта, а таму од селото Калањево во 1896 година, а по потекло се Јуруци.[4]

Во Тремник денес живее мнозинско македонско христијанско население кое по потекло половината е доселено од повисоките тиквешки села под Кожуф и тоа најмногу од селото Рожден, а потоа и од Чемерско, Бојанчиште, Конопиште кои пред да се доселат во Тремник најпрвин живееле во демиркапиското село Бесвица, а другата половина е со потекло од села во горното изворишно подрачје на реката Пчиња во Кумановско, североисточна Македонија и крајниот пограничен дел на Јужна Србија.[3] Тие во Тремник се доселени на местото на старото македонско муслиманско население кое се иселило веднаш по Балканските војни. Во Тремник живее и помал дел на македонски родови и семејства со потекло од блиските неготински повардарски села како Војшанци, Бистренци и села на Осогово во Кочанско и Радовишко. Македонски родови и семејства кои денес живеат во Тремник се: Честојнови или Честојанови, Јачеви, Ристови, Балтови, Ангелкови, Атанасови, Мицеви, Петкови, Милевски, Стефановски, Арсови, Станкови, Цветкови, Огнанови, Ѓореви, Чакови, Доневи, Јованови, Бинови (доселени од тиквешкиот дел на Мариово на североисточните падини на Кожуф), Маркови, Деловски, Петрови, Цветковски.

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Подрачното основно училиште „Гоце Делчев“ во селото

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во Општина Неготино, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Неготино. Селото припаѓало на општината Неготино и во периодот 1957-1962 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Долни Дисан, во која покрај селото Тремник, се наоѓале и селата Вешје, Горни Дисан, Долни Дисан и Прждево. Општината Долни Дисан постоела и во периодот 1950-1952 година.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1231 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[13]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 667 гласачи.[14]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Црквата.
Цркви[15]
  • Црква „Св. Троица“ — позната и под името „Св. Дух“, главна селска црква; изградена и осветена е во 1977/78 година.
Споменици
Археолошки наоѓалишта[16]

Редовни настани

[уреди | уреди извор]

Прослава на селската и црковна слава Духовден, на педесет дена од Велигден со голем општонароден собор.[3]

Култура и спорт

[уреди | уреди извор]

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Од селото е иселено речиси целото македонско муслиманско население. Уште веднаш по Балканските војни во 1912/1913 се иселиле 20 семејства во Турција во Мала Азија.[4] Својот врв и речиси потполното иселување на муслиманите се извршува во текот на педесеттите и шеесеттите години на XX век. За време на Втората светска војна дел од колонистите населени од окупаторските српски и кралски југословенски власти се протерани во Србија од странана бугарскиот фашистички окупатор. По седумдесеттите години на XX век па сѐ до денес не се забележани поголеми иселувања, со исклучок на неколку во градовите Неготино и Кавадарци.

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 300.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Според кажување на жители на Тремник. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и Никола Цибрев на 10 април 2015
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 4,8 Радовановиќ, Воислав (1914). Јасминка Јанева (превод) (уред.). Тиквеш и Раец (2011 (превод). изд.). Култура. стр. 185, 193.
  5. „Случаен наод кај Тремник-Неготино (со слики)“ (PDF). Управа за заштита на културното наследство. Скопје. Посетено на 17 февруари 2016.
  6. Богоева, Катерина (29 август 2014). „Златото од депото од Тремник е со врвна обработка“. Утрински весник. Скопје: МПМ Македонија. Посетено на 17 февруари 2016.[мртва врска]
  7. Јованоска, Анита (5 септември 2005). „Цел Тремник - археолошко наоѓалиште“. Вечер. Скопје: Вечер Прес. Посетено на 17 февруари 2016.[мртва врска]
  8. 8,0 8,1 8,2 Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 165–166. |access-date= бара |url= (help)
  9. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.154.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  16. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. стр. 236, Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  17. Ископувања на Мали Дол. Архивирано од изворникот на 2016-03-18. Посетено на 2015-06-26.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]