Николиќ
Николиќ | |
Воздушен поглед на селото Николиќ | |
Координати 41°15′46″N 22°44′47″E / 41.26278° СГШ; 22.74639° ИГД | |
Регион | Југоисточен |
Општина | Дојран |
Население | 520 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1485 |
Повик. бр. | 034 |
Шифра на КО | 06018 |
Надм. вис. | 205 м |
Николиќ на општинската карта Атарот на Николиќ во рамките на општината | |
Николиќ на Ризницата |
Николиќ (изворно: Николич) — село во Општина Дојран, во непосредна близина на Дојранското Езеро.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Името на селото првпат е споменато во XVI век во турски документи. Името се поврзува со личното име Николич, а Николич исто така било турски изговор за Николица.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа на крајниот североисточен дел на територијата на Општина Дојран, чиј атар се допира со државната гранична линија со Грција. Исто така, селото е сместено на северниот брег на Дојранското Езеро.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 205 метри.[3] Оддалечено е 12,5 километри северно од општинскиот центар Стар Дојран, 19,5 километри североисточно од Богданци и 29,5 километри североисточно од Гевгелија.
Селото се наоѓа во подножјето на планината Боска.
До селото води асфалтен пат, кој се води како посебен крак на регионалниот пат 1105.
Историја
[уреди | уреди извор]Подрачјето на Николиќ е населено барем од доцната антика, за што сведочат остатоци од населба на наоѓалиштето Лагер.[4]
Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[5]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото зафаќа простор од 14,6 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 767 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 406 хектари, додека на пасиштата 175 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција. Во него работат услужни објекти.[3]
Веднаш до самото село, меѓу последните куќи, се наоѓа фабриката „Дојран Стил“, која произведува најразлични челични производи.[6]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, селото Николиќ имало 21 домаќинство со 74 жители христијани.[7]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Николиќ живееле 160 жители, сите Македонци.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Николиќ имало 200 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци и 25 до 50 Турци.[10]
Селото е средно по големина, со пораст на бројот на населението. Така, во 1961 година Николиќ броело 427 жители, од кои 398 биле Македонци, а 24 жители Срби, додека во 1994 година, бројот се зголемил на 529 жители, од кои 513 биле Македонци, а 15 жители Срби.[3]
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 541 жител, од кои 527 Македонци, 13 Срби и 1 останат.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 520 жители, од кои 498 Македонци, 11 Срби и 11 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 160 | 200 | 320 | 343 | 427 | 470 | 521 | 540 | 529 | 541 | 520 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Подрачното основно училиште „Кочо Рацин“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Кочо Рацин“ - Нов Дојран
- Амбуланта
- Дом на културата
- Детско одморалиште „Титови пионери“, напуштено детско одморалиште, изградено во 1970-тите години
-
Амбулантата
-
Подрачното основно училиште во селото
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]На крајот од XIX век, Николиќ било чисто македонско село во Дојранската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Дојран, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Стар Дојран.
Во периодот 1955-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Гевгелија.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Дојран, во која покрај селото Николиќ се наоѓале селата Ѓопчели, Нов Дојран, Сретеново, Стар Дојран, Фурка, Црничани и Чаушли. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Нов Дојран, во која влегувале селата Ѓопчели, Николиќ, Стар Дојран, Сретеново, Фурка, Чаушли и Црничани.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0382 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 440 гласачи.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 437 гласачи.[19]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[4]
- Агизмо — сакрален објект од средниот век;
- Гробишта — црква со некропола од средниот век;
- Лагер - Стари Лозишта — населба од хеленистичко и доцноантичко време;
- Старо Село — црква и некропола од средниот век; и
- Црквиште — базилика од старохристијанско време.
- Цркви
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — главна селска црква; и
- Црква „Св. Петка“ — мала селска црква над селото.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Спасувачка кула на плажата
-
Спортско игралиште
-
Напуштеното одморалиште „Титови Пионери“
-
Главната селска црква „Св. Ѓорѓи“
-
Наколно живеалиште до плажата
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 113. ISBN 978-608-220-026-2.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 208.
- ↑ 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 102. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ „За нас“. Посетено на 2024-04-24.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 192-193.
- ↑ Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 164.
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905. рр. 100-101
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 23 април 2024.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 29 декември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 29 декември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 21 април 2024.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|