Прејди на содржината

Шталковица

Координати: 41°59′46.47″N 22°17′08.27″E / 41.9962417° СГШ; 22.2856306° ИГД / 41.9962417; 22.2856306
Од Википедија — слободната енциклопедија
Шталковица

Куќи во селото Шталковица

Шталковица во рамките на Македонија
Шталковица
Местоположба на Шталковица во Македонија
Шталковица на карта

Карта

Координати 41°59′46.47″N 22°17′08.27″E / 41.9962417° СГШ; 22.2856306° ИГД / 41.9962417; 22.2856306
Регион  Источен
Општина  Пробиштип
Област Злетовско-пробиштипско
Население 11 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2210
Повик. бр. 032
Шифра на КО 21035
Надм. вис. 540 м
Шталковица на општинската карта

Атарот на Шталковица во рамките на општината
Шталковица на Ризницата

Шталковица — село во Општина Пробиштип, во Злетовско-пробиштипскиот регион, во околината на градот Пробиштип.

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]

Името на селото првпат е забележано во XVI век (1573 г.), најпрвин како Штавколица. Името се поврзува со личното име Сталко (или Стале), слично како што било именувано соседното средновековно село Ратковица (од личното име Ратко). Како друго објаснување за името е дека истото има саско потекло, односно од германскиот збор за челик (stahl = штал).[2]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Поглед на селото

Селото се наоѓа во источниот дел на територијата на Општина Пробиштип, од левата страна на Злетовска Река, а чиј атар се допира со подрачјето на Општина Кочани.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 540 метри.[3]

Селото Шталковица како и неговите соседни села Ратковица (денес историско), Зеленград, Јамиште, Емирица, Кнежево и други се изразито планински села од познатата историска Злетовска област. За разлика од претходно наведените села, Шталковица е на значително помала надморска височина, затоа што висовите од планината Пониква, западно од исто така познатата Раткова скала постепено преминуваат во поблаги висови кои по Злетово и Турско Рудари ја отпочнуваат брановидната алувијална рамнина околу Злетовска Река.

Самата населба е сместена, освен неколку домови, на десниот брег на Шталковска Река. Инаку селото има доста извори и во повисокиот и во понискиот дел, а климата поради влијанието од Брегалница и Злетовска Река е умереноконтинентална.

Историја

[уреди | уреди извор]
Стара куќа во селото

Подрачјето на Шталковица е населено уште од доцноантичко време, за што сведочат наоѓалиштата во неговата околина.[4]

Шталковица е едно од најстарите населби во Злетовската област. Самото име Шталковица зборува за тоа дека е од несомнено саско потекло. Имено, во периодот од владението на Деспот Оливер во Злетовска област е посебно развиено рударството. Така што во средината на XIII век Сасите отпочнуваат со рудокопи во Шталковица и соседното Рудари.

Инаку, и во самата селска традиција постои предание како селото првин се наоѓало во месноста Стара Шталковица, на просторот каде минувал стариот каравански пат за Пауталија (Ќустендил). Во истите преданија, овојпат потврдени и од историски извори, кои се однесуваат за Австриско-турската војна од 1689 година и Карпошовото востание, Стара Шталковица е изгорена, населението е уништено или разбегано во тешко достапните планински предели. Во поствостаничкиот период и амнестијата преживеаните шталковчани се населуваат на местото на сегашната населба.

Во околината на селото се сочувани траги од поранешни населби, и тоа во месностите непосредно до селото: Каралуково, Градиште и Стариград. На тие месности се откриени темели од стари згради, кастели и фрагменти од старовремска керамика. По народното предение селиштето Каралуково запустело поради подметнување на убиен Турчин во бунар, од страна на Турците од соседното село Турско Рудари, така да селаните поради крвнината и одмаздата се иселуваат. Меѓутоа, од историските документи гледаме дека Каралуково е едно од групата села кои сè до темел уништени и раселени за време на татарска наезда на овој крај, зимата 1689/1690 година.

Во месноста Селиште (2 километри југоисточно од Шталковица), на пример, на една заравнина се откриени темели од зграда, темели од дебел ѕид, остатоци од одбранбен бедем од времето на Римјаните. Недалеку од Селиште е месноста Градиште, купесто ритче, при што се сочувани темели од одбранбен бедем кој го обиколувал врвот, ѕидан од камење и старовремски тули и малтер. Таму се откопани, по кажувања на селаните и неколку големи питоси. Исто така, во месноста Стар Град, северозападно од селото, во суштина стрм планински огранок над Злетовска Река се откриени сочувани остатоци од стара тврдина. Од турските документи од XVI век гледаме како се појавуваат две села Шталковица, едното е во Штипската, а другото во Кратовската нахија, иако се работи за истото село: Шталковица.

Инаку, од турските пописни книги (дефтери), кои се однесуваат за Кратовската нахија, на пример, може да се види историјата и развојот на селото. Така, во 1519 година во Шталковица имало 28 семејства и 1 вдовица. Во 1530 година 27 домаќинства, а во 1550 г. 5 домаќинства повеќе (32), 8 неженети лица и две вдовици. Додека пак во пописот од 1570 година, има извесно намалување на населението, 28 домаќинства.

Како што гледаме од историските документи, Шталковица за време на Карпошовото востание како и речиси сите населби од овој дел од Македонија е уништена. Оттаму, и дислокацијата од месноста Стара Шталковиџа која е опожарена и запустена, на новата сегашна локација. Ако се има предвид дека тогаш Шталковица има околу триесетина куќи, раетско село и, главно занимање, на населението, адекватно на природно-географските околности, било сточарството, помалку земјоделство и дрварењето, не е тешко да се претпостави, и ако се знае системот на градба на домовите (плет, покрив од слама, огниште) во, најчесто, единствената соба, дека преселбата од една месност во друга не е некој посебен проблем.

Не е познато која година, но се памети дека султанот му подарил на селото една шума од стотина хектари. И таа шума подоцна кога на големо ќе отпочнат црковните и националистички пропаганди на Србија и Бугарија, меѓу населението од Шталковица, и зависта за пасиштата на Турците од соседното Турско Рудари ќе биде и посреден и непосреден повод за грабежи, насилија и опожарување, на уништување на имотот и човечки жртви.

За време на политичките пропаганди и обиди за денационализација на „рајата“ меѓу Бугарија и Србија, Шталковица иако село од триесетина домови не останало настрана. Еден селанец Стојо Шестопрстијо прв ја „донел“ српската пропаганда, односно српската партија со што селото ја прифатило Патријаршијата како свој духовен покровител. Во 1900 година, шталковчани некое време се откажале од Патријаршијата и ја прифатиле Егзархијата.

Во последните години од турското владение селото е трипати опожарувано од страна на комитите, убивани се и повидни луѓе, репресалии и грабежи со цел селаните да се откажат од патронатот на Патријаршијата и да преминат под Егзархијата. Посебно се драстични ограбувањата на сѐ што ќе им дојде до рака: храна, фураж за стоката, стока, живина и друго.

Шталковчани не минале подобро ни за перидот меѓу двете светски војни. Иако се од поодамна познати како припадници на „српската партија“, еден од значајните претставници од „Здружението за борба против бугарските бандити“, ѕверот во човекова кожа, како што го нарекувал народот, Мино Станковиќ на сила и со измама им ја одзел утрината „Осое“ од 100 ха за само тогашни 20 турски лири.

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот на селото зафаќа простор од 24,6 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 1.426 хектари, на пасиштата отпаѓаат 706 хектари, додека на обработливото земјиште отпаѓаат 206 хектари.[3]

Во основа, може да се каже дека селото има мешовита земјоделска функција.[3]

Иако атарот е најголем во Злетовската област, поголемиот дел од него припаѓа на шуми, утрини и пасишта, поради што основна стопанска гранка е сточарството, особено одгледувањето на козите. Имало семејства, до забраната на козарството после Втората светска војна, кои поседувале по 200, 300, па и 400 кози. По забраната на одгледување на козите доминираат овците. Така, на пример, во 1953 година во селото имало 1.230 овци, 228 говеда, 77 свињи, 92 магариња и коњи. Во наредниот попис на сточарството и земјоделството 1969 година, аналогно и со процесот на намалувањето на населението во Шталковица настанува и стагнација и намалување на сточниот фонд. Во таа пописна 1969 година, бројот на овци се намалува на 1.185 грла, во 1981 година на 757 и во 1991 година на 530 грла.

Следната позначајна стопанска активност на селаните е ткн. ситно дрварство, односно производство на дрвен јаглен, дрва за огрев и дрвена граѓа.

Полјоделството поради ограничените обработливи површини, како и традиционалниот начин на обработка на земјиштето е далеку понеразвиено од сточарството. Населението е ориентирано на производство на јачмен и пченка. Индустриски култури како поради почвата така и поради климата не се одгледуваат. Иако има многу природно погодни услови за развој на овоштарството, главно се одгледувале сливи (џанки) и нешто симболично лозја.

Со затворањето на погонот на експлотација на камен од страна на „Силекс“ од Кратово, иако со оглед на биогеографските погодности и одлики на селото, наместо напредок доживува голем степен на деградација, како на стопански така и демографски план.

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948273—    
1953305+11.7%
1961258−15.4%
1971222−14.0%
1981122−45.0%
ГодинаНас.±%
199168−44.3%
199464−5.9%
200244−31.2%
202111−75.0%

Од првите турски пописи на населението може да се забележи дека во 1519 година имала 28 домаќинства и 1 вдовица. Во 1530 година има 27 домаќинства, а во 1570 година 28 домаќинства,18 неженети и 2 вдовици. За време на Австриско-турската војна и Карпошовото востание во 1689 година и од осветата што следи потоа од Татарите, селото е опожарено, а населението делумно уништено, одведено како робје и делумно засолнето во тешко пристапните делови од планината или се придружило на реката бегалци на север, дури и преку Сава и Дунав. Од овој период, по опожарувањето на „Стара Шталковица“ преживеаните повратници се населуваат на сегашното место.

Ѓорче Петров на едно место наведува дека во 1880 година Шталковица имала 260 жители од кои 18 биле Власи.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Шталковица живееле 260 жители, сите Македонци.[5] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Шталковица имало 258 жители, од кои 240 Македонци патријаршисти и 18 Власи.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[7]

Селото е мало и населено со македонско население. Тоа, во 1961 година имало 258 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 64 жители.[3]

Историското село Ратковица е припоено од 1920 година кон Шталковица и се смета негово маало, па така неговите 30 жители во 1948 година се броени во бројот на вкупни жители на Шталковица.

Според пописот од 2002 година, во селото Шталковица живееле 44 жители, сите Македонци.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 11 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 260 258 273 305 258 222 122 68 64 44 11
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Шталковица е македонско село.[13]

Според истражувањата од 1970-тите, родови во селото се:

  • Староседелци: Савевци-Мечкарци (6 к.), Бошковци (2 к.), Веселиновци (2 к.), Голубовци (6 к.), Сламарци (3 к.), Дајковци (2 к.), Дамјановци (2 к.), Ќазимци (2 к.) и Ковачовци (2 к.).
  • Доселеници: Домазетовци (6 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Нивичани кај Кочани; Трендовци (2 к.), доселени се од селото Полаки кај Кочани; Трајчевци (2 к.), доселени се од селото Зеленград; Јордановци (1 к.), доселени се од селото Соколарци кај Кочани; Дедо Маневци (5 к.), доселени се од околината на Врање во Србија и Спасковци (3 к.), доселени се од некогашната населба Лопен.

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Поранешното основно училиште
  • Поранешно основно училиште
Иако селото е едно од помалите, просветната традиција е релативно стара. Првото училиште било отворено во 1850 година. Прв учител бил Димитар Крстев од селото Зеленград во периодот 1850-1855. Потоа учители биле Алекса Ангелковиќ од селото Пантелеј (1855-1860), а подоцна Љубо Тетовец и Арсо Миловановиќ до 1894 година. Со иселувањето на населението, основното училиште било затворено.

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век, Шталковица било село во Кратовската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Пробиштип, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што биле споени поранешните општини, Пробиштип и Злетово. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Злетово.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Пробиштип. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Пробиштип.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Злетово, во која покрај селото Шталковица, се наоѓале и селата Бунеш, Древено, Зеленград, Злетово, Јамиште, Лесново, Луково, Ратавица, Трипатанци и Турско Рудари.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1571 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватен објект.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 16 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 16 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Археолошки наоѓалишта[4]
  • Бели Брегови — некропола од доцноантичкото време;
  • Градиште — градиште и могили од доцноантичкото време; и
  • Стари Град — утврдување од доцноантичкото време и средниот век.
Цркви[17]
  • Црква „Св. Никола“ — главната селска црква, изграден на почетокот на XX век на место на постара црква, која се срушила по некој земјотрес.
Реки[18]

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 207. |access-date= бара |url= (help)
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 323.
  4. 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 323. ISBN 9989-649-28-6.
  5. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 222.
  6. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 130-131.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 2 декември 2022.
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. Апостолов Александар; Кондев Тодор; Апостол Керамидчиев (1974). Злетовска област-Географско-историски осврт. Скопје.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2022-12-03. Посетено на 3 декември 2022.
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 28.
  18. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 81. ISBN 978-9989-2117-6-8.
Литература
  • Стеван Симиќ, „Историја Кратовске области“, Годишница Н. Чупиќа, 1914.
  • Апостолов, Александар, Кондев, Тодор, Керамидчиев, Апостол, Василевски, Ангел, Арсениевски, Лазо и Домазетовски, Стоимир. „Злетовска област, географско-историски осврт“. Скопје, 1974.
  • „Пописи становништва и домаћинстава 1958-1981. Савезни завод за статистику БГД.
  • „Турски пописни дефтери“. Архив на Македонија. 1570.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]