Македонски јазик
Македонски јазик | |
---|---|
Застапен во | главно во Македонија, Грција, Бугарија, Србија, Албанија и македонската дијаспора. |
Подрачје | Македонија, Балкански Полуостров |
Народ | Македонци |
Говорници | непознато. Проценките се движат од 2 милиони (најмала проценка[1][2] па до 5 милиони (најголема проценка[3]) |
Јазично семејство | индоевропски
|
Дијалекти | северни, западни, југоисточни |
Писмо | кирилица (македонска азбука) |
Статус | |
Службен во | Македонија признат како малцински јазик во делови од: Албанија[4] Косово[5] Србија[6] Романија[7] |
Јазични кодови | |
ISO 639-1 | mk |
ISO 639-2 | mac (B) mkd (T) |
ISO 639-3 | mkd |
Распространетост на македонскиот јазик. |
Македонски јазик — јужнословенски јазик, дел од групата словенски јазици од јазичното семејство на индоевропски јазици. Македонскиот е службен и национален јазик во Македонија, а воедно е и официјално признат како регионален службен јазик во Горица и Пустец во Албанија каде што живее бројно македонско население, но и во Србија како официјален во општините Јабука и Пландиште, Романија и Косово. Македонски се зборува и во Австралија, Бугарија, Грција, Канада, САД, Црна Гора, Турција, во некои земји−членки на Европската Унија и останатата македонска дијаспора. Вкупниот број на македонски говорници е тешко да се утврди поради несоодветни пописи, но бројката се движи од околу 2,5 до 3 милиони луѓе.
Иако спаѓа во групата на словенски јазици, македонскиот во текот на својот историски развој, како резултат на повеќевековни допири и влијанија со соседните јазици, како што се грчкиот, албанскиот и ароманскиот, развил некои заеднички граматички, синтаксички и фонолошки карактеристики со овие несродни јазици. Овие јазици го сочинуваат Балканскиот јазичен сојуз.
Според ценетиот јазичарички извор Etnologue, македонски се зборува и во југозападниот дел на Бугарија[8][9] и Северна Грција, но нема податоци за бројот на луѓето. Сличен став имаат и BBC, Британика Архивирано на 24 декември 2007 г. и УНЕСКО.
Историја
Јазикот според јазичаричката категорија спаѓа во групата на јужнословенски јазици на словенските јазици. На територијата што денеска ја зазема, а што во блиско минато била поширока, македонскиот јазик се формирал од говорите на македонските племиња ја населувале територијата на етничка Македонија, па се длабоко во териториите на денешните Грција и Албанија, но со самиот развој на државите тој регион се стеснал и македонските говори во тие краишта полека почнал да се заменува со други јазици. Денес во Албанија, македонски јазик се зборува најмногу во Мала Преспа, Голо Брдо и скоро сите погранични места со Република Македонија. Во Приморска Македонија, македонскиот јазик се зборува најмногу во префектурите Воден и Лерин но и во другите градови и села во Приморска Македонија. Во Бугарија, македонскиот јазик се зборува во Пиринска Македонија (од помалку од 1 % од населението во современите политичко-општествени околности)[10] а во Србија се зборува во пограничниот регион со Македонија и во областа Гора во Косово.[11]
Канонски период (IX — XI в.)
Овој период е поврзан со почетниот период на развитокот на словенската писменост воопшто. Временски него го сместуваме меѓу втората половина на 9 в. и, најдоцна, првата половина на 10 в. Тоа е времето кога се создадени текстовите на првите преводи од грчки на старословенски односно на црковнословенскиот јазик, како и времето кога овие текстови се умножуваат со препишување. Се работи за преписи на старословенски (канонски) текстови што доследно го следат јазикот и стилот на првите преводи.[12]
Во поглед на фонологијата, македонските говори рано почнале да развиваат извесни црти што ги изделуваат како целост во однос на говорите на соседните јужнословенски јазици. Една таква црта e замената на силните ерови, и тоа: ъ > o, ь > e (сон, темно), настаната во 10 век и застапена во старословенските текстови од македонско потекло.[13] За разлика од македонскиот, во српскиот и хрватскиот јазик овие ерови се слеале во еден глас — а (сан, дан), а додека во бугарскиот се слеале во Ъ со таа разлика што пред Ь се чувал мекиот изговор на согласката (сън, дън).
Македонска редакција на црковнословенскиот јазик (XII — XIII в.)
Македонските говори околу Солун биле основата за формирање на старословенскиот јазик и писменост. Тоа што ја карактеризира историјата на македонскиот јазик е неговата коренита промена што настанала од X век па навака. Слични промени ги зафатиле и бугарскиот јазик и источните дијалекти на српскиот јазик. Тие темелни промени довеле до мала споделба на граматички црти помеѓу старословенскиот и македонскиот јазик[11], па како резултат на тоа се создала Македонската рецензија на старословенскиот јазик. Познати центри на Македонската рецензија се Охридската книжевна школа, Кратовската книжевна школа и Лесновската книжевна школа.
Во јазичен поглед, ракописите од македонската варијанта се надоврзуваат на старословенските ракописи настанати во Македонија. Основна карактеристика на македонската варијанта е традиционалноста. Таа доаѓа до израз, пред сè, во писмото. Иако се случила промена во употребата на азбуката, и наместо глаголицата се наложила кирилицата, во македонските ракописи дури и во XIII век се среќаваат цели редови со глаголица.[14] Пример за тоа е Битолскиот триод.
Основна правописна карактеристика на македонската варијанта е позната под името мешање на носовките. Имено во македонските ракописи се наложува посебно регулирање на носовките зад меките согласки. Така, зад ш, ж, ч, ц, ѕ, како и зад ј се пишувала голема носовка (ѫ) наместо мала (ѧ), а зад н', р', л', с' се пишувала мала носовка наместо голема.
Навлегување на српската редакција
Третиот период на развојот на писмениот јазик во Македонија се поврзува со крајот на 13. и почетокот на 14 в., кога во Македонија (и тоа тргнувајќи од нејзиниот северен дел, па одејќи кон југ), навлегува српската редакција на црковнословенски јазик која во Македонија, во однос на јазикот и стилот, многу поретко се јавува во својот чист вид, бидејќи се меша со јазикот на традиционалната македонски писменост.
Од процесите заеднички за македонскиот и српскохрватскиот јазик од особено значење е депалатализацијата на консонантите, во што македонскиот отишол најдалеку од сите јужнословенски јазици. Замената ѣ >е претставува исто така црта што ги сврзува македонските со српските екавски говори (таа проникнала и во западнобугарскиот).
Нов период
Четвртиот период од развојот на македонски писмен јазик е поврзан со почетокот на современиот македонски писмен јазик или, македонскиот книжевен јазик, врз народна современа (дијалектна) основа, во 16 в., кога се јавуваат текстови со црковнословенски и лаичка содржина подоцна именувани со заедничкиот наслов – дамаскини.
Почнувајќи од 18 в. кога во Македонија, преку ширењето на печатени книги од Русија, навлегува рускоцрковнословенската редакција, а со тоа и делумно и јазикот и стилот на оваа редакција во писмениот јазик.
Во првата половина на 19 в. во писмената практика се издвојуваат два стила на писмениот јазик: писмен јазик врз црковнословенска основа од мешан тип на руската, српската и македонската редакција во улога на висок стил и писмен јазик врз современа (разнодијалектна) основа и тој врши улога на низок стил. Освен ракописи пишувани на народен јазик со кирилско писмо, зачувани се и текстови пишувани на народен јазик, но со грчко писмо.
Грчкото влијание во некои делови на Македонија, особено некои јужни градови, до средината на 19 век, било толку силно што место кирилицата била распространета грчката азбука. Таа се употребувала за секојдневна преписка, но и за книжевни текстови.
- Јазичен развој
Македонскиот јазик покажал и посебен развиток и во однос на назалните согласки. Тука се појавила вокализација на еровите и промената на назалните согласки се хронолошки и по резултат одделни појави. Притоа, единствено во македонскиот јазик дошло до изедначување на Ѧ со Ѣ, по губењето на назалниот призвук, така што во текстовите од XII век и XIII век се наоѓале пример како: пѦтель за пѢтель, сѢмѢ за сѢмѦ и сл. Со други зборови овој развиток одел вака: Ѧ > Ѣ (ä)> е. Во некои западномакедонски говори, особено во Поградец и Горица во Албанија, сѐ уште е зачуван изговорот со ä, па така имаме: рʲäка за река.[11]
- Македонскиот јазик во пописната регулатива на САД
Во инструкциите за попишувачите во САД се наведува македонскиот јазик во различен контекст. Така на пример:
- Во пописните инструкции од 1910 година, во секцијата „ABILITY TO SPEAK ENGLISH“ став 137. стоело „Do not write 'Macedonian,' but write Bulgarian, Turkish, Greek, Serbian, or Romanian, as the case May be.“ — „Не пишувајте македонски, пишувајте бугарски, турски, грчки, српски или романски, според случајот.“[15][16]
- Во пописните инструкции од 1920 година, македонскиот јазик е додаден на листата со странски јазици како посебен јазик.[17][18]
- Во пописните инструкции од 1930 година македонскиот јазик повторно е на листата со странски јазици како посебен јазик.[19][20]
Со анализа на овие пописни инструкции може да се заклучи дека до 1910 година постоело едно гледиште во американското општество во врска со македонскиот јазик, а од 1920 година администрацијата го поддржува гледиштето дека македонскиот јазик е засебен јазик кој го говорат некои од емигрантите од Европа. Подоцна во листата "C2SS Language Codes" на македонскиот јазик му е придружен кодот 2630.
Стандардизација
Идејата за стандардизација на македонскиот јазик има свои корени во 19 век, но прв посериозен обид на научен пристап претставува објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков во 1903 г., на чија основа во 1945 г. и се извршила стандардизацијата на современиот македонски јазик. Оваа книга била остро дочекана од бугарската јавност, па била веднаш запленета и уништена. Останале само неколку примероци, од кои еден пронашол К. Неделковски во софиската библиотека.[21]
Викиизвор има текст за |
Врз основа на идеите за посебноста на македонскиот јазик и потребата од негова кодификација објавени од Ѓорѓија Пулевски, како и од дејноста на „лозарите“ (дочекани исто така со остри напади од бугарската јавност) и др. македонисти („сепаратисти“) во 19 век, Мисирков ги поставува темелите на современиот македонски јазик, а тоа се:
- дијалектна основа е централното наречје (Велес‒Прилеп‒Битола‒Охрид);
- фонетски правопис;
- лексички фонд од сите македонски говори.[21]
Кодификација
Кодификацијата на македонскиот јазик е поврзана со следниве историски настани:
- со решението на првото заседание на АСНОМ (2 август 1944) за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава
- со официјалното усвојување на македонската азбука
- со официјалното усвојување на македонскиот правопис
Македонската државност се зацврстува со историските решенија на Првото заседание на АСНОМ. Меѓу тие решенија од особено значење е Решението за воведување на македонски литературен јазик како службен во македонската држава.
Исто така, Президиумот на АСНОМ, како највисоко тело на македонската држава, во ноември 1944 година назначил комисија составена од македонски филолози и од општествени дејци кои требало да поднесат предлог за азбука и за правопис на македонскиот јазик. Прашањето за азбуката и правописот се решило во мај 1945 година. Заедно со ова прашање, членовите на комисијата разгледале повеќе прашања од особено значење за оформувањето на македонскиот литературен јазик.
Кодификацијата на македонскиот литературен јазик ја одразува македонската јазична практика. Блаже Конески има значаен придонес за кодификацијата на македонскиот литературен јазик и за стандардизацијата на литературно-јазичната норма.
Македонскиот јазик има сличности со другите словенски јазици, а најмногу со бугарскиот и српскиот јазик. Македонскиот и бугарскиот јазик се единствените од групата на словенски јазици кои со текот на развојот ги изгубиле падежните форми, а од нив останат е само вокативот (Македонијо; мајко; професоре итн.), како и во некои зборчиња (него; нему; скришум итн.).
За македонскиот јазик, Р. Г. А де Бреј вели:
„ | Како иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературен јазик, беа последни на кои им се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните бугарски и српски.[22] | “ |
Географска распространетост
Иако точниот број на говорители на македонскиот јазик како мајчин и како втор јазик не е точно познат, особено поради политиките на соседните држави и поради емиграцијата на населението, се претпоставува дека има помеѓу 1,4 милиони и 3,5 милиони луѓе кои го говорат македонскиот јазик како мајчин.[23][24] Според пописот во 2002 година, населението на Македонија изнесувало 2 022 547 жители, од кои 1 344 815 жители го пријавиле македонскиот како мајчин јазик.[25] Македонскиот јазик се изучува и се зборува на различни степени како втор јазик од сите етнички малцинства во државата.[24][26] Тој е втор јазик за околу 677 733 граѓани на Македонија, односно припадниците на малцинствата во државата (иако меѓу овие има голем број луѓе каде јазикот им е мајчин, особено меѓу Македонците-муслимани).
Надвор од Македонија, има мали етнички македонски малцинства во соседните држави кои го говорат македонскиот јазик како мајчин, вклучувајќи и 4 697 во Албанија (попис од 1989),[27] 1 609 во Бугарија (попис од 2011)[28] и 12 706 во Србија (попис во 2011).[29] Тешко е да се определи точниот број на говорители на македонскиот јазик во Грција поради политиката во државата, но бројот на словенски говорители се претпоставува дека бил помеѓу 50 000 и 300 000 во последната деценија на XX век.[30][31] Според проценките од 1964 година, околу 580 000 Македонци живеат надвор од државата, а најголем број мигранти има во Австралија, во Канада и во САД. Бројот на говорители на македонски јазик во овие држави изнесува 66 020 во Австралија (според пописот во 2016),[32] 15 605 во Канада (според пописот во 2016)[33] и 22 885 во САД (според пописот во 2010).[34] Има повеќе од 50 000 говорители на македонски како мајчин во државите од Западна Европа, главно во Германија, во Швајцарија и во Италија.[35]
Македонскиот јазик има официјален статус само во Македонија, но е признаен како малцински и службен јазик во делови од Албанија (Пустец),[36][37] Романија, Србија (Јабука и Пландиште)[38] и Босна и Херцеговина.[39] Има предлози македонскиот јазик да се изучува во некои училишта во Романија поради тоа што Македонците се официјално призната малцинска група.[40] Во Косово се зборува горанскиот дијалект кој некои јазичари го сметаат за македонски.
Македонскиот јазик се изучува и предава на повеќе универзитети шурум светот, како: Франција, Германија, Австрија, Италија, Русија, Австралија, Канада и САД (Чикаго и Северна Каролина).[41]
Македонистика
Македонистиката е наука што ги проучува развојот, правописот и другите одлики на македонскиот јазик. Почетоците на македонистиката се поврзани со политичките состојби на Балканскиот Полуостров во времето на османлиското владеење. Поради територијалните претензии на новосоздадените словенски држави Србија и Бугарија кон Македонија, кај нив се јавила потребата за докажување на културната поврзаност на населението на Македонија со она во нивните држави. Притоа македонистиката во најголем дел се развива како дел од политичките спорови околу припадноста на Македонците, а со тоа и припадноста на териториите коишто тие ги населуваат.
Својот вистински расцут македонистиката го доживува по обновувањето на македонската државност во 1944 година. Со кодификацијата на современиот македонски литературен јазик и основањето на низа образовни и научни установи чиј основен предмет на изучување е македонскиот јазик, се создаваат сите услови за непречено и објективно развивање на македонистиката како дел од светската јазичаричка наука.
Книжевност
Македонската книжевност или литература е поим кој ги опфаќа пишаните дела на македонски јазик. Првите книги напишани на македонски јазик или на некој од неговите дијалекти датираат од времето на Македонската рецензија на старословенскиот јазик, поточно од периодот на Охридската и Лесновската книжевна школа, која воглавно била религиска книжевност.[42]
Македонската книжевност е поделена на три големи периоди, кои понатака се делат на уште неколку. Периодите на македонската книжевност се:[43]
- Стара македонска книжевност — IX до XVIII в.
- од христијанизацијата на Македонија до турската инвазија — IX до XIV в.
- од турската инвазија до XVIII век
- Нова македонска книжевност — 1802 до 1944
- преродбенички период
- револуционерен период
- меѓувоен период
- Модерна македонска книжевност — 1944—
Дијалекти и дијалектологија
Македонската дијалектологија е посебна развиена гранка на македонистиката која се занимава со проучување, истражување, документирање и зачувување на македонските дијалекти. Како стабилна научна дисциплина во македонистиката, дијалектологијата се развила после кодификацијата на македонскиот јазик, но нејзиното присуство се забележува и пред 1940-те години. Дијалектологијата на македонскиот јазик е постара дисциплина и датира уште од првите научни трудови кои се занимавале со македонскиот јазик или од втората половина на XIX век. Како позначајни македонски дијалектолози се забележуваат Ватрослав Јагиќ, Ватрослав Облак, Виктор Григорович, Мјечислав Малецки, Зузана Тополињска, Божидар Видоески и други.[44]
Дијалектите на македонскиот јазик се варијации на стандардниот литературен јазик. Македонскиот јазик брои околу 27 дијалекти поделени во три главни групи. Главната граница помеѓу двата блока источните и западните дијалекти е планината Скопска Црна Гора, продолжува со реката Вардар па сè до Егејското Море (Бело Море). Главна особина за западните дијалекти е побавниот тоналитет на дијалектите, користење на тројниот член и акцентот паѓа на третиот слог од крајот на зборот. Заедничка особина за источните дијалекти е побрзиот тоналитет на зборување, кратење на зборови и променлива позиција на акцентот. Дијалектите се зборуваат на цела територија на Република Македонија, Пиринска Македонија, Егејска Македонија (Беломорска Македонија), Мала Преспа и Голо Брдо и југозападно Косово. Македонскиот јазик, со сите негови дијалекти има над 3 милиони говорници.
Карактеристични особини
Карактеристични особини на македонскиот јазик се:
- немањето падежи т.е. аналитичката деклинација преку користењето на предлозите при искажувањето на различни граматички поврзаности помеѓу различни делови на реченицата (на книгата; за книгата; во книгата; под книгата; со книгата)
- третосложниот акцент (`планина; пла`нината; плани`нарите)
- двоен предмет (него го видов; неа ја сакам)
- минато време со помошниот глагол ИМА (имам видено; немам јадено)
- минато време со помошниот глагол СУМ + глаголска придавка (не сум сменет; не сум јаден)
- минато-идно време (Те отепав, кога ќе те фатам!)
Правописен и правоговорен систем
Залагањето за создавање на македонски литературен јазик датира уште од почетокот на XIX век, со појавата на просветителите. Тие се застапувале за употреба на македонски народен јазик, на кој и ги пишувале своите книги и текстови, а првите книги се со религиска содржина за да ја приближат верата до народот.
Од големо значење се залагањата на Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ и Теодосиј Синаитски, а посебно се истакнуваат Ѓорѓија Пулевски и Крсте Петков Мисирков, кој во својата книга „За македонцките работи“ одвојува статија во која ги изјавува своите ставови за начинот на формирање на македонски литературен јазик. На Првото заседание на АСНОМ, 2 август 1944, е донесен решение за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава. Комисијата за азбука и правопис своите ставови ги формулирала во Резолуција, донесена на 3 мај, а усвоена на 5 мај 1945 година. Заслугата на Блаже Конески за кодификацијата на македонскиот литературен јазик е во тоа што создал „Граматика на македонскиот литературен јазик“, „Речник на македонскиот литературен јазик“, како и „Правопис на македонскиот литературен јазик“, подготвен заедно со Крум Тошев, кој е озаконет на 7 јуни 1945 година.
Низ историјата и низ својот развој, македонскиот јазик користел неколку писма за пишување. Така, македонскиот јазик користел повеќе писма меѓу кои: старомакедонската азбука, глаголицата, црковнословенската кирилица, илинденската азбука и преродбеничката азбука. Денес македонскиот јазик користи македонска азбука, односно кирилска азбука приспособена на македонскиот фонетички и фонолошки систем. Македонската азбука е заснована на реформите и азбуката на Крсте Петков Мисирков.
Фонетски и фонолошки систем
Македонистика |
---|
Граматика |
Правопис и правоговор |
· Азбука· |
· Транслитерација· |
- Фонетика и фонологија
Фонетиката и фонологијата се делови од науката за јазикот кои го проучуваат гласовното рамниште на јазикот. Тие се сродни науки, тесно поврзани една со друга и се дополнуваат меѓу себе. Во принцип, фонетиката го проучува создавањето на гласовите со говорните органи, познато како артикулација, и нивните звучни својства или гласови, познати како акустика. Од другата страна пак, фонологијата го проучува гласот како елемент кој има функција во јазикот да прави разлика меѓу две јазични единици. Со други зборови, фонологијата може да се нарече функционална фонетика. Двете науки во својот центар на внимание го имаат гласот и неговото формирање. Во тесна врска со овие две науки се правописот и правоговорот. Фонетиката и фонологијата ги изучуваат следните дисциплини: гласот и фонемата, говорните органи, поделбата на гласовите, гласовните промени, акцентот, акцентот на сложенките, отстапување од акцентското правило, акцентот на туѓите зборови и акцентските целости[45].
- Гласовен систем
Во македонскиот јазик самогласките се: а, е, и, о, у, додека согласките се останатите 26 гласови од македонскиот фонетски систем. Одлики на гласовите во македонскиот јазик се едначењето по звучност, обезвучувањето на крајот од зборот, удвојувањето на согласки и елизијата.
Самогласки
Предни | Средни | Задни | |
---|---|---|---|
Затворени | i <и> | u <у> | |
Средни | ɛ <е> | (ə) | ɔ <о> |
Отворени | a <а> |
Двоуснени | Уснено- забни |
Забни | Венечни | Венеч.- преднеп. |
Предно- непчени |
Задно- непчени | ||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Носни | m | n 3 | ɲ | |||||||||||
Избувни | p | b | t | d | c 1 | ɟ 1 | k | ɡ | ||||||
Слеани | t͡s | d͡z | t͡ʃ | d͡ʒ | ||||||||||
Струјни | f | v | s | z | ʃ | ʒ | x | |||||||
Приближни | ɫ 2, 3 | l 2 | j | |||||||||||
Трепетни | r 3 |
- Писмо
Македонската азбука е официјалната азбука во Република Македонија и единствено писмо за пишување на јазикот. Азбуката е заснована на кирилицата со мали прилагодувања согласно на фонетскиот и фонолошкиот систем на јазикот. Азбуката има 31 буква и е заснована на преродбеничката азбука на Крсте Петков Мисирков.
Големи букви | ||||||||||||||||||||||||||||||
А | Б | В | Г | Д | Ѓ | Е | Ж | З | Ѕ | И | Ј | К | Л | Љ | М | Н | Њ | О | П | Р | С | Т | Ќ | У | Ф | Х | Ц | Ч | Џ | Ш |
Мали букви | ||||||||||||||||||||||||||||||
а | б | в | г | д | ѓ | е | ж | з | ѕ | и | ј | к | л | љ | м | н | њ | о | п | р | с | т | ќ | у | ф | х | ц | ч | џ | ш |
- Акцент
Македонскиот акцент е динамичен или експираторен и определен. Македонскиот акцент секогаш паѓа на третиот слог од крајот на зборот за третосложни или повеќесложни зборови (пр. тáт-ко-то, тáт-ков-ци, тат-кóв-ци-те, Ма-кé-до-нец), на вториот слог на двосложни зборови (пр. дé-те, мáj-ка, тáт-ко) и на единствениот слог кај едносложните зборови (пр. рóг, с'рп, к'рв). При зголемување на бројот на слоговите кај еден ист збор, акцентот го менува слогот, при што пак се води сметка тој да биде на третиот слог од крајот на зборот. Така имаме: 'учител — уч'ителот — учит'елите и сл. Во македонскиот јазик има отстапувања од третосложното акцентирање во следниве случаи[45]:
- кај глаголските прилози: викáјќи, одéјќи итн.
- кај прилозите за време: годин'ава, лет'ово итн.
- кај туѓите зборови: клишé, генéза, литератýра итн.
Морфолошки систем
Морфологијата во македонскиот јазик] и во останатите јазици е дел од лингвистиката која се занимава со проучување на формите на зборовите, нивното градење и граматички значења. Самиот збор е од старогрчко потекло и во превод значи наука за формите. Главната цел на морфологијата е да ја проучува структурата на зборовите и правилата и принципите според кои самите зборови се обединуваат во групи. Многу сродна наука на морфологијата е морфосинтаксата на македонскиот јазик која се занимава со употребата на зборовите во реченица.[45]
Зборот во секој јазик, така и во македонскиот е изграден од неколку различни елементи. Некои од нив имаат значење односно се лексички, а некои немаат значење и се граматички или функционални. Како пример за ова може да се разгледа зборот „млекар“ поделен на неколку начини[45]:
- м + л + е + к + а + р — низа на гласови или познати како фонеми
- мле + кар — низа на слогови
- млек + ар — низа на значенски делови наречени морфеми
Зборовите во секој јазик претставуваат одделни единки, но според некои одлики тие се поврзани меѓу себе, формирајќи помали или поголеми групи. Така, тие можат да бидат поврзани според значење, според форма, според службата во реченицата итн. Така поврзаните зборови создаваат зборовни групи или класи. Во науката за јазикот има различен број класификации, но најчести се значенската или семантичка, формалната или морфолошка и функционална или синтаксичка класификација.[45]
Според морфолошката класификација, единаесетте зборовни групи се класифицираат во две групи и тоа на менливи и неменливи зборовни групи. Менливите зборовни групи ја менуваат својата форма заради морфолошките потреби, а неменливите не. Менливите зборови ги опфаќаат: именките, придавките, броевите, заменките и глаголите, додека неменливите ги опфаќаат прилозите, предлозите, сврзниците, честичките, извиците и модалните зборови.[45]
Според синтаксичката класификација зборовите се делат на полнозначни или отворени зборовни групи и службени или лексички и службени или функционални зборови. Во полнозначните се вметнуваат именките, придавките, броевите, заменките, глаголите, прилозите и модалните зборови, додека во службените се вметнуваат предлозите, сврзниците, честичките и извиците. Во вистинска самостојност се изделуваат именките, глаголите и дел од заменките (именските), а другите самостојни зборови имаат ограничена синтаксичка независност.[45]
Синтаксичен систем
Основна единица на синтаксата е реченицата. Врз реченицата е осврнато вниманието на синтаксата. Понатака реченицата може да е подели на две големи групи, односно проста и сложена реченица. Простите и сложените реченици во македонскиот јазик се составени од именски групи или наречени синтагми, но и од останати елементи како глаголи или прилози. Сите овие наведени елементи функционираат во најсложената јазична форма наречена врзан текст[45].
Следниот пример сликовито го презентира составувањето на врзаниот текст почнувајќи од најмалите единици:
- бран → голем бран → На крајбрежјето на Охридското Езеро се забележуваат големи бранови. → Гледајќи и фотографирајќи од Самоиловата тврдина, забележав дека големи бранови се приближуваа кон охридското крајбрежје. → Едно утро решив да се искачам на Самоиловата тврдина и да сликам фотографии по не знам кој пат. Иако одењето по старите и делумно стрми улици е тешко јас успеав и се искачив. Гледајќи и фотографирајќи од Самоиловата тврдина забележав дека големи бранови се приближуваа кон охридското крајбрежје.
Според ова, опширно основните синтаксички единици се[45]:
- Реченицата, било да е проста или проширена, е синтаксичка единица што содржи глагол со лична форма, како и останати елементи од кои најчести се именските делови.
- Именската група или синтагмата се среќава во рамките на сите членови на реченицата, освен во прирокот. Основен белег е тоа што мора да има именка во самата структура по која и го носи името оваа синтаксичка категорија.
- Сложената реченица е еден вид резултат на поврзување на најмалку две одделни реченици, што како резултат на тоа мора да содржи најмалку две самостојни личноглаголски форми.
- Врзаниот текст е надреченична целина кој содржи повеќе реченици и ги опфаќа сите претходно наведени елементи.
Фразеолошки систем
Зборовните групи што во јазикот се користат како една целина се нарекуваат фразеологизми, кои имаат посебни јазичарички одлики и вредности. Во реченицата зборовите можат да се поврзуваат, да се здружуваат во целости од различен вид. Така на пример, зборот орев може да оди со повеќе придавки како на пример „голем орев“ или „мал орев“, со глаголи како на пример „јаде орев, купува ореви“ и слично. Ова доведува до општите принципи на фразеологијата каде зборовите во реченицата можат слободно да се здружуваат односно да се наоѓаат во слободна врска. При ваква врска секој од зборовите си го задржува своето посебно значење, така што значењето на составот е еднакво на збирот на значењата на зборовите што влегуваат во тој состав[45].
Во македонскиот јазик зборовните состави можат да се наоѓаат и во неслободна врска, односно постојана врска. Така на пример, зборот орев во реченицата „Ова е тврд орев, не се крши со заби“ и зборот орев во реченицата „Ќе бидеме тврд орев за нашиот утрешен противник“ нема исто значење. Во составите на овој вид ослабува одделното значење на зборовите и се формира едно ново значење кое не е збир на значењата на составните елементи[45].
Ономастички систем
Ономастика по дефиниција е наука што ги проучува сопствените имиња. Самиот збор ономастика потекнува од грчкиот глагол „onomadzo“ што во превод значи „именувам“. Ономастиката е релативно нова јазичаричка дисциплина. Во Македонија и македонистиката почнала да се развива и да бележи конкретни резултати во XIX век. Самата научна дисциплина долго време се сметала за дел од останати науки како на пример географија, историја, етнографија и слично.
Наводи
- ↑ „Македонскиот јазик на UCLA“. Архивирано од изворникот на 2009-03-11. Посетено на 2013-02-01.
- ↑ Запис на Етнолог за македонскиот јазик
- ↑ Плевнеш, Јордан, „Македонскиот јазик во глобалниот свет“, стр. 7, Скопје, 2008.
- ↑ Hill, P. (1999) "Macedonians in Greece and Albania: A comparative study of recent developments". Nationalities Papers. 27(1)
- ↑ Focus News (4 јули 2003) Kosovo Government Acquires Macedonian language and grammar books for Gorani Minority Schools
- ↑ Macedonian language, official in Dužine and Jabuka
- ↑ „European Charter for Regional or Minority Languages“. Архивирано од изворникот на 2018-12-26. Посетено на 2009-09-06.
- ↑ Јазици во Бугарија:Ethnologue
- ↑ Minority Rights in Bulgaria, The Bulgarian Helsinki Committee, September 1999
- ↑ Попис 2001
- ↑ 11,0 11,1 11,2 Конески, Блаже (1967). Историја на македонскиот јазик. Скопје: Култура.
- ↑ Spasov, L. (2019). Периодизација на историјата на македонскиот писмен јазик и неговата стандардизација во дваесеттиот век. Philological Studies, 5(1), 229-235. Retrieved from https://journals.ukim.mk/index.php/philologicalstudies/article/view/765
- ↑ Конески 2021, стр. 18.
- ↑ Бојковска и др. 2008, стр. 55.
- ↑ IPUMS USA. „1910 Census: Instructions to Enumerators“. Посетено на 2007-06-07.
- ↑ Инструкции за попишувачите 1910
- ↑ IPUMS USA. „1920 Census: Instructions to Enumerators“. Посетено на 2007-06-07.
- ↑ Инструкции за попишувачите 1920
- ↑ IPUMS USA. „1930 Census: Enumerator Instructions“. Посетено на 2007-06-07.
- ↑ Инструкции за попишувачите 1930
- ↑ 21,0 21,1 Груевска-Маџоска, Симона (2020). „За стандардизацијата на македонскиот јазик во XX век од социолингвистички аспект“. Македонскиот јазик - континуитет во простор и време. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. стр. 241–242.
- ↑ Р.Г.А. де Бреј, “Водич за источнословенските јазици“, p.137.
- ↑ „Ethnologue report for Macedonian“. Ethnologue. 19 February 1999. Архивирано од изворникот 1 September 2012. Посетено на 7 August 2014.
- ↑ 24,0 24,1 Friedman & Garry 2001, стр. 435
- ↑ „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002“ (PDF). Book X. Скопје: Статистичко биро на Република Македонија. мај 2005. Архивирано (PDF) од изворникот 1 мај 2019. Посетено на 18 март 2020.
- ↑ Црвенковска, Емилија; Петроска, Елена. „Македонскиот јазик како втор и странски: терминолошки прашања“ [Macedonian as a foreign and second language: terminological questions] (PDF). Свети Кирил и Методиј. Архивирано (PDF) од изворникот 16 јуни 2012. Посетено на 18 март 2020.
- ↑ Artan & Gurraj 2001, стр. 219
- ↑ „Население по етническа група и майчин език“ [Population per ethnic group and mother tongue] (бугарски). Бугарско биро за попис. 2011. Архивирано од изворникот 19 December 2015. Посетено на 18 март 2020.
- ↑ „2011 Census – Mother tongue“. Статистичко биро на Република Србија. Архивирано од изворникот на 23 October 2014. Посетено на 20 јануари 2015.
- ↑ Hill 1999, стр. 19
- ↑ Poulton 2000, стр. 167
- ↑ „Language spoken at home - Ranked by size“. Profile ID. Архивирано од изворникот 26 December 2018. Посетено на 18 March 2020.
- ↑ „Data tables, 2016 Census“. Statcan.gc.ca. Архивирано од изворникот 20 февруари 2020. Посетено на 18 March 2020.
- ↑ „Detailed Languages Spoken at Home and Ability to Speak English for the Population 5 Years and Over: 2009-2013“. United States Census. Архивирано од изворникот 12 April 2020. Посетено на 18 март 2020.
- ↑ „Број на македонски иселеници во светот“. Министерство за надворешни работи. Архивирано од изворникот на 30 мај 2008. Посетено на 30 април 2020.
- ↑ Наумовски, Жаклина (25 јануари 2014). „Minorités en Albanie : les Macédoniens craignent la réorganisation territoriale du pays“ (француски). Balkan Courriers. Архивирано од изворникот 17 мај 2014. Посетено на 16 May 2014.
- ↑ „On the Status of the Minorities in the Republic of Albania“ (PDF). Софија: Албански хелсиншки комитет. 2000. Архивирано (PDF) од изворникот 3 March 2016. Посетено на 27 март 2020.
- ↑ Николовски, Валентин (30 октомври 2016). „Македонците во Србија ги уживаат сите малцински права, како и Србите во Македонија“. Сител. Архивирано од изворникот 26 March 2020. Посетено на 26 март 2020.
- ↑ „Reservations and Declarations for Treaty No.148 – European Charter for Regional or Minority Languages“. Совет на Европа. Архивирано од изворникот 8 декември 2015. Посетено на 25 април 2017.
- ↑ „European Charter for Regional or Minority Languages“. Council of Europe. Архивирано од изворникот 18 октомври 2015. Посетено на 8 јули 2014.
- ↑ Usikova 2005, стр. 105–106
- ↑ Macedonian literature - Britannica
- ↑ Ristovski, Blaže. Periodizacija na makedonskiot literaturno-kulturen razvoj. Skopje: Macedonian Academy of Sciences and Arts.
- ↑ Стојка Бојковска, Димитар Пандев, Лилјана Минова - Ѓуркова, Живко Цветковски (2001). Македонски јазик за средно образование. Скопје: Просветно Дело АД. стр. 413–454. Недостасува
|author1=
(help)CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link) - ↑ 45,00 45,01 45,02 45,03 45,04 45,05 45,06 45,07 45,08 45,09 45,10 Бојковска, Стојка; Лилјана Минова - Ѓуркова, Димитар Пандев, Живко Цветковски (декември 2008). Саветка Димитрова (уред.). Општа граматика на македонскиот јазик. Скопје: АД Просветно Дело. стр. 155–160. ISBN 978-9989-0-0662-7 Проверете ја вредноста
|isbn=
: checksum (help).CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link) - ↑ Friedman (2001:11)
- ↑ Lunt (1952:11–12)
Литература
- Конески, Блаже (2021). Историја на македонскиот јазик: Историска фонологија на македонскиот јазик (PDF). Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. ISBN 978-608-203-327-3.
- Бојковска, Стојка; Минова-Ѓуркова, Лилјана; Пандев, Димитар; Цветковски, Живко (2008). Општа граматика на македонскиот јазик. Скопје: Просветно дело. ISBN 978-998-900-622-7.
Поврзано
- Граматика на македонскиот јазик
- Правопис на македонскиот јазик
- Дијалекти на македонскиот јазик
- Македонска азбука
- Историја на македонскиот јазик
- Развојот на македонската азбука
Надворешни врски
Повеќе за Македонски јазик на збратимените проекти на Википедија | |
Дефиниции и преводи на Викиречник ? | |
Податотеки на Ризницата ? | |
Образовни ресурси на Викиуниверзитет ? | |
Новинарски известувања на Викивести ? | |
Мисли на Викицитат ? | |
Изворни текстови на Викиизвор ? | |
Прирачници на Викикниги ? | |
? | Информации за патување во Википатување ? ? |
- Документи
Надворешни видеоснимки Вардар филм — Низ Пиринска Македонија 1948 YouTube
- Речник на три јазика, Ѓорѓија Пулевски Архивирано на 5 март 2012 г. — 1875
- Zur Sprachlichen Beurtellung der Macedonischen slaven,Leonhard Masing Архивирано на 18 април 2011 г. — 1890, на германски јазик
- Zur Laut- und Akzentlehre der Macedonischen dialekte,Leonhard Masing Архивирано на 5 март 2012 г. — 1891, на германски јазик
- MACEDONISCHEN STUDIEN, Vatroslav Oblak Архивирано на 5 март 2012 г. — 1896, на германски јазик
- За македонцките работи, Крсте Петков Мисирков Архивирано на 22 ноември 2009 г. — 1903
- Абецедарот Архивирано на 5 март 2012 г. — 1925, Атина
- Dwie gwary macedońskie(Suhe i Wysoka w Soluńskiem) – Teksty , Mieczysław Małecki Архивирано на 5 март 2012 г. — 1934, на полски јазик
- Dwie gwary macedońskie(Suhe i Wysoka w Soluńskiem) – Teksty, Mieczysław Małecki Архивирано на 18 декември 2008 г. — 1936, на полски јазик
- Documents, Contes et Chansons Slaves de l'Albanie du Sud, Andre Mazon Архивирано на 14 август 2011 г. — 1936, на француски јазик
- L'Evangeliaire de Kulakia Un parler Slave du Bas-Vardar, Andre Mazon et Andre Vaillant Архивирано на 18 декември 2008 г. — 1938, на француски јазик
- Македонска граматика, Круме Кепески Архивирано на 24 септември 2011 г. — 1946
- Македонски правопис со правописен речник, Блаже Конески и Крум Тошев Архивирано на 24 септември 2011 г. — 1950
- Grammar of the Macedonian Literary Language, Horace Lunt Архивирано на 30 јуни 2017 г. — 1952, на англиски јазик
- Граматика на македонскиот јазик, Виктор Фридман — на англиски
- Un Lexique Macédonien du XVI siècle (француски)
- За македонски јазик
- Учи македонски online
- Дигитален архив на македонскиот јазик
- Институт за македонска книжевност (литературна база) Архивирано на 15 септември 2009 г.
- Блог за учење Македонски јазик (на англиски)
- Извештај на Ethnologue за македонскиот јазик (на англиски)
- The Macedonian Language (на англиски)
- La Macédoine et les Macédoniens Архивирано на 14 мај 2011 г. Едмон Бушје де Бел, Париз, 1922 (на англиски)
- Македонскиот јазик во јавното општење Архивирано на 18 јануари 2007 г., Марија Коробар-Белчева
- Македонскиот јазик Архивирано на 15 јануари 2007 г., Совет за истражување на југоисточна Европа на МАНУ
- Абецедарот, латиничен буквар за Македончиња, издаден од Министерството за образование на Кралството Грција, 1925 година Архивирано на 11 октомври 2007 г.
- Дигитален речник на македонскиот јазик, Толковник
- Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици , Блаже Конески
- Историја на македонскиот јазик ,(1986) , Блаже Конески
- Центар за изучување на македонскиот јазик
- Дијалекти на македонскиот јазик — Божидар Видоески — МАНУ Скопје 1999, ISBN 9989649634 Том [1] Архивирано на 20 јуни 2021 г., Том
[2] Архивирано на 12 јули 2020 г. и Том [3] Архивирано на 12 јули 2020 г.
|
|
Статијата „Македонски јазик“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |
|