Барово (Демиркаписко)
Барово | |
Патот низ селото | |
Координати 41°20′15″N 22°10′14″E / 41.33750° СГШ; 22.17056° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Демир Капија |
Област | Бошавија |
Население | 3 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1437 |
Повик. бр. | 043 |
Шифра на КО | 18001 |
Надм. вис. | 470 м |
Барово на општинската карта Атарот на Барово во рамките на општината | |
Барово на Ризницата |
Барово — село во Општина Демир Капија, во областа Бошавија, во близина на градот Демир Капија.
Потекло на името
[уреди | уреди извор]Името на селото првпат е документирано во турските документи од XV век. Името се поврзува со личното име Баро (Барбара, Бартоломеј, Бранислав).[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Ова село се наоѓа во областа Бошавија, во југозападниот дел на територијата на Општина Демир Капија, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Кавадарци.[3] Селото е сместено на рид над долината на левиот брег на реката Бошава, а на иста страна и од земјениот локален пат Демир Капија-Конопиште, кој поминува низ селото Бесвица. Селото е ридско, на надморска височина од 470 метри, а од градот Неготино е оддалечено 33 километри.[3]
Барово се наоѓа под висорамнината Витачево, сместено на тераса низ која поминува дол, а под селото поминува реката Бошава во средниот дел на Баровската Клисура. Во селото се наоѓаат неколку кладенци спроведени во чешми, додека пониско од селото е изворот Врело. Околу селото постојат повеќе извори.[4]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Страње, Чука, Гољак, Шумаст Рид и Голем Сурија.[4]
Селото има збиен тип и е поделено три маала: Горно, Сретсело и Чифлик.[4]
Барово се одликува со традиционална градителска архитектура.[5]
Историја
[уреди | уреди извор]Барово е старо село за што сведочат повеќе старини околу селото. Се сретнуваат повеќе месности каде се наоѓаат остатоци од некогашни активности на постарото население. Месноста Барова Црква е спомената и помеѓу прилозите на цар Душан на манастирот Трескавец од 1335 година.[4]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот има средна големина и зафаќа простор од 14,4 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 653,5 хектари, на пасиштата отпаѓаат 539,5 хектари, а на шумите 162,4 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[3]
Селаните живееле од земјоделство и сточарство. Покрај муслиманското население, и голем дел од христијанското население работело на свои ниви, додека останатите работеле на чифлици. Во минатото, покрај реката Бошава се наоѓале оризишта и постоеле три големи воденици, додека во самото село постоел дуќан и две ковачници.[4]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Барово имало 474 жители, од кои 220 Македонци христијани, 248 Македонци муслимани и 6 Роми.[6] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Барово имало 304 жители.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[8]
Барово е мало село во фаза на наполно раселување. Во 1961 година селото броело 263 жители, а во 1994 година само 28 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Барово имало 10 жители, од кои 9 Македонци и 1 Турчин.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 3 жители, од кои 2 Македонци и 1 лице без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 474 | 304 | 393 | 364 | 262 | 106 | 54 | 27 | 28 | 10 | 3 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
[уреди | уреди извор]Барово било мешано муслиманско-христијанско македонско село.[4]
Според истражувањата на Воислав Радовановиќ во 1924 година родови во селото се:
- Македонски христијански:
- Староседелци: Кралевци (2 к.), Пајдаковци (6 к.), Луковци (4 к.), Пилевци-Анѓелевци (5 к.), Тасевци (3 к.), Самоковци (2 к.), Кишовци (1 к.), Лазарковци (2 к.), Кривчевци (2 к.) и Деловци (2 к.).
- Доселеници: Осовци (3 к.), доселени се од селото Војшанци, а таму се доселени од Неготино; Китевци (1 к.), доселени се од селото Дуброво; Јовчевци (1 к.), доселени се од селото Прждево; Ѓоговци (1 к.), доселени се од селото Горни Дисан, а уште подалечно потекло од Долни Дисан; Бачовци (2 к.), доселени се од селото Чемерско; Стојанчевци (1 к.), доселени се од селото Драчевица; Меловци (3 к.), доселени се од селото Горна Бошава, а таму се доселиле од селото Мрежичко; Деловци (1 к.), доселени се од селото Бојанчиште, а таму дошле од селото Вешје; Витановци-Бојковци (3 к.), доселени се од селото Бојанчиште, а во Бојанчиште се доселени од селото Конопиште; Гроздановци (1 к.), доселени се од селото Горни Дисан, а подалечно потекло од Долни Дисан; Делковци (1 к.), доселени се од селото Вешје; Андовци (1 к.), доселени се од селото Драчевица и Пиперковци (2 к.), доселени се од селото Бохула, а таму се доселени од Арнаутлук во XVIII век.
- Македонски муслимани:
- Староседелци: Вејселовци (2 к.), Рамадовци-Бртевци (2 к.), Чолаковци (2 к.), Брлевци (1 к.), Смаовци (1 к.), Зеќовци (1 к.), Бошњаковци (1 к.), Коларовци (1 к.), Садиковци (1 к.), Дрмањовци (2 к.), Ипчевци (2 к.), Мутковци (1 к.), Рамановци (2 к.) и Далиповци-Аличковци (2 к.).
- Доселеници: Мегленци (1 к.), доселени се од селото Фуштани во Меглен; Чучуковци (1 к.), доселени од Долни Дисан; Вејзовци (1 к.), доселени од Стрмашево; Даутовци (1 к.), и тие се доселени од селото Стрмашево; Мемедовци (1 к.), доселени се од селото Бесвица; Прцевци (1 к.), доселени од Бохула; Јаревци (1 к.), и тие се од селото Бохула; Гевгелички (1 к.), доселени се од селото Бесвица, а таму од Гевгелија и Агошовци (1 к.), доселени се од селото Бохула.
- Турски Цигани:
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Во XIX век, Барово било село во Тиквешката каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Демир Капија, која била една од ретките општини која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од Општина Демир Капија.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Неготино. Селото припаѓало на некогашната општина Неготино во периодот од 1957 до 1965 година. Во периодот 1955-1957 селото влегувало во рамки на општина Демир Капија.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Крњево, во која покрај селото Барово, се наоѓале и селата Бохула, Бунарче, Горна Бошава, Долна Бошава, Конопиште, Крњево, Радња, Страгово, Стрмашево и Чемерско. Општината Крњево постоела и во периодот 1950-1952 во која влегувале селата Барово, Горна Бошава, Долна Бошава, Крњево, Страгово и Стрмашево.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 1248 според Државната изборна комисија, кое ги опфаќа селата Барово, Драчевица и Стрмашево, кое е сместено во зградата на основното училиште во селото Барово.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 11 гласачи.[16] На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 10 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[18]
- Грамаѓе — храм и некропола од римското време;
- Гробана — некропола од римското време;
- Дабот — некропола од доцноантичкото време; и
- Ридот — населба и некропола од римското време.
- Цркви[19]
- Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ — главна селска црква.
- Споменици
- Споменик во чест на НОБ
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Барово
- Александар Цандовски — свештеник и професор.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Куќа во селото
-
Куќи во селото
-
Долот Студенец низ селото
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 38. ISBN 978-608-220-026-2.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 20. Посетено на 21 август 2021.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Радовановиќ, Воислав (1924). Тиквеш и Раец. Белград. стр. 315–318.
- ↑ „Стратегија за развој на туризмот во Општина Демир Капија 2020-2024“ (PDF). Општина Демир Капија. Архивирано од изворникот (PDF) на 2021-05-21. Посетено на 22 август 2021.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 155.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 104-105.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 21 август 2021.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 21 август 2021.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 21 август 2021.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 224. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|