Прејди на содржината

Бегниште

Координати: 41°22′03″N 21°59′51″E / 41.36750° СГШ; 21.99750° ИГД / 41.36750; 21.99750
Од Википедија — слободната енциклопедија
Бегниште

Панорамски поглед на селото

Бегниште во рамките на Македонија
Бегниште
Местоположба на Бегниште во Македонија
Бегниште на карта

Карта

Координати 41°22′03″N 21°59′51″E / 41.36750° СГШ; 21.99750° ИГД / 41.36750; 21.99750
Регион  Вардарски
Општина  Кавадарци
Област Тиквеш
Население 251 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1430
Повик. бр. 043
Шифра на КО 11001
Надм. вис. 400 м
Слава Мала Богородица
Бегниште на општинската карта

Атарот на Бегниште во рамките на општината
Бегниште на Ризницата

Бегниште — село во Општина Кавадарци, во областа Тиквеш, во околината на градот Кавадарци.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Лозови насади во близина на селото и главната селска црква „Рождество на Пресвета Богородица

Селото се наоѓа во јужниот дел од Општина Кавадарци, односно јужно од градот Кавадарци, во областа Витачево, а чиј атар се допира со вештачкото Тиквешко Езеро.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 400 метри. Од градот Кавадарци, селото е оддалечено околу 11 километри.[2]

Атарот има средна големина и зафаќа простор од 14,7 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 727,6 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 498,5 хектари, а на шумите 134,1 хектар.[2]

Селото е од збиен карактер со разредени краеви, поделено на седум маала. На левата страна на долината се наоѓа Грижевско Маало, кое е раштркано. Од десната страна се наоѓаат останатите збиени маала. На главниот пат е Сретселото со школото, општината, кафаната и десетина дуќани и занаетџилници. Црквата се наоѓа под Тренчевско Маало. Останати маала се Роговско, Даскаловско, Ѓорчевско, Спанџовско и Тасевско.[3]

Историја

[уреди | уреди извор]

Во близина на селото се наоѓа зачуваната средновековна пештерна црква „Св. Лазар“ (позната и како Сопишка црква). Црквата е значаен архитектонски споменик со зачувани фрески од XIV век.

Селото било христијанско од полуварошки тип. Првите жители во селото се дојдени од велешката област Азот.[3]

Во XIX век, Бегниште било село во Тиквешката каза на Отоманското Царство.

Стопанство

[уреди | уреди извор]
Лозови насади во селото

Селото има мешовита полјоделско-сточарска функција.[2]

Селаните повеќе живееле од земјоделство, а дополнително се занимавале со сточарство.[3]

Во турско време, селото било чифлик, но селаните почнале да се ослободуваат од чифлиците и да ја откупуваат земјата, па така во селото се развила и мала чаршија со дуќани, а се појавиле и мајстори, кои граделе куќи во тиквешките села.[3]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948693—    
1953727+4.9%
1961732+0.7%
1971600−18.0%
1981469−21.8%
ГодинаНас.±%
1991418−10.9%
1994413−1.2%
2002369−10.7%
2021251−32.0%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Бегниште имало 860 жители.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Бегниште имало 1.360 жители.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 650 Македонци.[6]

Бегниште е средно село по големина, но со намалување на бројот на населението. Така, во 1961 година селото броело 732 жители, од кои 677 биле Македонци, а 43 жители Срби, додека во 1994 година бројот се намалил на 413 жители, од кои 404 биле Македонци, а девет жители Срби.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Бегниште имало 369 жители, од кои 368 Македонци и 1 Србин.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 251 жител, од кои 212 Македонци, 2 Албанци, 1 Србин и 36 лица без податоци.[8]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 860 1.360 693 727 732 600 469 418 413 369 251
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Како родови во Бегниште се споменуваат:[3]

  • Доселеници: Басаровци и Грижевци (3 к.), Штавовци (3 к.), Тренчевци (6 к.), Вилиповци (3 к.), Талевци (2 к.), Крачевци (2 к.), Ковевци-Пластевци (2 к.), Мишајковци (1 к.), Роговци (4 к.), Витановци (3 к.), Диневци (4 к.), Балтовци (2 к.), Ицовци (2 к.), Курчевци (21 к.), Ѓорчевци (14 к.), Зулумовци (16 к.), Дрдовци (3 к.), Илчевци (6 к.), Шумуловци (3 к.), Анѓелковци-Јасковци (5 к.), Трипуновци-Северовци (2 к.), Златевци (4 к.), Чолаковци (1 к.), Деловци (1 к.), Сивевци (1 к.), Милимишковци (3 к.), Чамевци (4 к.), Карабашовци (1 к.), Спанџовци (6 к.), Матејовци (1 к.), Ѓуровци (1 к.), Самарџијовци (5 к.), Чочковци (4 к.), Пикаловци (2 к.), Дуќанџијовци (2 к.) и Јовевци (2 к.) сите се доселени на крајот од XVII век од велешки Азот; Белегушковци (1 к.) доселени се на крајот од XVIII век, но не знаат од каде се доселени; Мијаковци (4 к.) доселени се на крајот од XVIII век од некое село во мијачкиот крај во Дебарско; Ѕверовци (4 к.) доселени се на крајот од XVIII век од селото Врпско во Мариово; Тасевци (7 к.) доселени се на почетокот од XIX век од селото Кошани, а таму од селото Куманичево; Ајровци (1 к.) доселени се кога и претходниот род однекаде; Даскаловци (4 к.) доселени се од селото Мал Радобил кај Прилеп во исто време со претходниот род; Барамачовци (3 к.) доселени во исто време, доселени се од селото Полчиште во Мариово; Крагујовци-Моклишовци (3 к.) доселени се од селото Моклиште; Јанколовци (2 к.) доселени се од селото Кошани; Пичуровци (1 к.) доселени се во 1820 година од Кавадарци; Мајсторовци-Бунарци (1 к.) доселени се од селото Бунарче околу 1821 година; Грковци-Ѓувтевци (5 к.) доселени се во 1821 година од околината на Бер во Грција; Меглевци (2 к.) доселени се околу 1830 година од селото Баово во Меглен; Бошковци (4 к.) доселени се однекаде; Струмичани (1 к.) доселени се од селото Ресава, а таму од Струмичко; Кулевци (1 к.) доселени се од селото Галиште во Мариово; Шалевци (3 к.) доселени се во 1896 година од селото Дабниште, а таму од Мариово; Пејковци (1 к.) доселени се од селото Ресава. А таму од селото Мравенево во Меглен; Добротинци (1 к.) доселени се од Добротино; Атанасовци-Ѓошовци-Бојанчишти (1 к.) доселени се од селото Бојанчиште во 1909 година, таму од селото Ресава, а во Ресава од селото Витолиште во Мариово; Парапанци-Бојанчишки (1 к.) доселени се од селото Бојанчиште, а таму од селото Полчиште во Мариово; Бојковци (1 к.) доселени се од Куманичево. А таму од селото Градиште; Калајџије (1 к.) доселени се од Прилепско; Чакаровци (1 к.) доселени се од Ваташа; Миновци (1 к.) по потекло се од селото Грбовец. Од таму се иселиле во северна Америка како печалбари, па кога се вратиле се населиле во селото Бегниште.

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Основното училиште во селото

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Кавадарци, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе била придодадена поранешната општина, Конопиште. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Кавадарци.

Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Бегниште, во која се наоѓале селата Бегниште, Гарниково, Дабниште, Драгожел, Кошани и Ресава.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната општина Бегниште, во која покрај селото Бегниште се наоѓале селата Гарниково, Дабниште, Драгожел, Кажани, Куманичево и Ресава.

Во периодот 1955-1965, селото било дел од тогашната општина Кавадарци.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кавадарци.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]
Главната селска црква „Рождество на Пресвета Богородица“

Селото е опфатено во склоп на избирачкото место бр. 0701 според Државната изборна комисија, кое ги опфаќа селата Бегниште, Драгожел, Гарниково и Кошани, кое е сместено во основното училиште во селото Бегниште.[14]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 278 гласачи.[15] На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 264 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Археолошки наоѓалишта[17]
  • Бела Тумба — средновековна населба;
  • Грамаѓе — населба од римското време;
  • Кула — утврдување од доцноантичкото време и старохристијанска црква;
  • Марково Кале — утврдена населба од римското време;
  • Мартиница — населба од доцноантичкото време;
  • Писан Камен — некропола од доцноантичкото време;
  • Почивало — населба од доцноантичкото време;
  • Рамниште — населба од римското време;
  • Сува Гора — населба и некропола од доцноантичкото време;
  • Црвено Брдо — средновековна населба; и
  • Чермец — населба од доцноантичкото време.
Цркви[18][19]
Споменици од НОБ

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
  • Џоломарите — пагански обичај, кој се прославува на 14 јануари (Василица), кога жителите на селото со посебни василичарски обичаи ги бркаат лошите духови. Освен за бркање на духовите, Џоломарите играат и за поплодна година. Во овој ритуал учествуваат околу 15 луѓе. Тие се избираат на тој начин кога на третата ден од Божиќ се состануваат и се прави список со доброволци кои ќе учествуваат во обредот на тој ден. Целата дружина се состои од 15 луѓе од кои има 2 невести и една баба. Џоломарите се будат во раните утрински часови да се спремат тие ги облекуваат своите алишта т.н чулавки го црнат лицето со пепел или жар ги ставаат своите вештачки мустаќи и брада и на крај ги ставаат клопотарците и ѕвонците на својата половина. Џоломарите треба да изгледаат пострашно за полесно да ги избркаат злите духови. После ова спремање сите тие се упатуваат кон центарот на селото. Истото утро секоја домаќинка меси баница со што ги дарува Џоломарите за здравје во нивната куќа.
  • Мала Богородица — селска слава

Личности

[уреди | уреди извор]
Родени во Бегниште

Култура и спорт

[уреди | уреди извор]

Фудбалскиот клуб Космос последен пат активно се натпреваруваше во сезоната 2007/08 во општинската лига на Кавадарци кога се откажа на полусезона.

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 22.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Радовановиќ, Воислав. Тиквеш и Рајец. стр. 424-428.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 154.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 104-105.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 5 февруари 2018.
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. „ООУ Тоде Хаџи Тефов“. Посетено на 4 февруари 2018.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 5 февруари 2018.
  15. „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 17 јуни 2020. Посетено на 5 февруари 2018.
  16. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 5 мај 2019. Посетено на 5 мај 2019.
  17. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 143. ISBN 9989-649-28-6.
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  19. „Цркви во Маренската парохија“. Повардарска епархија. Посетено на 5 февруари 2018.
  20. Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Државен архив на Република Македонија.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]