Долно Мелничани
Долно Мелничани | |
Воздушен поглед на двете маала на селото Долно Мелничани заедно со Дебарското Езеро | |
Координати 41°30′56″N 20°34′24″E / 41.51556° СГШ; 20.57333° ИГД | |
Регион | Југозападен |
Општина | Центар Жупа |
Област | Мала Река/Жупа |
Население | 13 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1258 |
Повик. бр. | 046 |
Шифра на КО | 08017 |
Надм. вис. | 740 м |
Долно Мелничани на општинската карта Атарот на Долно Мелничани во рамките на општината | |
Долно Мелничани на Ризницата |
Долно Мелничани — село во Општина Центар Жупа, на граница на областите Мала Река и Жупа, во околината на градот Дебар.
Поради ваквата местоположба, врз основа на одликите на населението, кое е од мијачко потекло, Томо Смилјаниќ - Брадина селото го смета за дел од Мијачијата (или Мала Река), а врз основа на географските одлики географот Митко Панов смета дека тоа припаѓа на областа Жупа во Дебарско.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Своето име селото го добило според повремената река Мел(е)ница која тече крај селото, а чие име доаѓа од старословенскиот збор за воденица[2]. Името на селото настанало според занимањето на првобитните жители (мелничани), а за разликување од повисоко истоимено село било наречено Долно Мелничани[2].
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во северниот дел на територијата на Општина Центар Жупа, сместено на граница на областите Мала Река и Дебарска Жупа, под северозападната падина на планината Стогово.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 740 метри. Од градот Дебар, селото е оддалечено 8,5 километри.[3]
Низ самото село поминува регионалниот пат 2249.
Сместено е на средна терасеста површина околу 200 метри над долината на реката Радика, која денес е заезерена со водите на Дебарското Езеро, а под огранката на Стогово наречена Маруша.[2]
Синорот на селото граничи со селата Броштица на југ, Горно Мелничани на исток, Долно Косоврасти на север, Горенци на запад, додека делот од атарот преку Дебарското Езеро на север и северозапад граничи со Елевци и Рајчица.[2]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Кучев Рид, Сталеица, Остри Камен, Игралиште, Дуково Речиште, Греда, Мелница, Дрварски Пот, Мечкино Легало, Топала, Горна Штрбица, Средни Пот, Клакови, Требиш, Пороиште, Под-Мел, Лазишта, Присој, Габор, Под-Лојза, Лопушник, Лоиште, Сулеманица, Гробишта, Гаќерица, Горна Раен, Гнилишча, Леска, Кауѓери (рушевина на црква), Деспотова Нива, Торовје, Петрова Раен, Попов Дол, Грашишта, Јасиковица, Еѓуптинец, Голема Круша, Доброжен, Осој, Гумниште, Црвена Краста, Стол и Крстатна Бука.[2]
Земјиштето е составено од шкрилци, а преку нив има слој од „клака“ - наталожен гипс со дамари (пластови) од сулфур, кој е во врска со блиската Косоврашка бања,[2] над која се наоѓа големото наоѓалиште и ископ на гипс на „Кнауф“ со кристалната пештера Алчија.
Покрај селото поминува малата река Мелница, која извира на Маруша. Летно време скоро и да пресушува, но знае да биде изобилна за време на врнежи. Покрај реката, во селото се и изворите Речиште, Пеов Дол и Старшово Лојзе, како и чешмите Леска, Студенец, Долга Нива, Макреска Чешма и Горенечка Чешма.[2]
Селото има збиен тип, поделено на Долно и Горно Маало.[2]
Историја
[уреди | уреди извор]Запишано е дека ова село е поново од соседното село Горно Мелничани.[2]
Вкупно 6 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[4]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото е мошне мал и зафаќа простор од 3,7 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 255,3 хектари, на пасиштата отпаѓаат 40,6 хектари, а на обработливото земјиште само 20,5 хектари.[3]
Селото, во основа, нема некоја развиена аграрна функција.[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, селото имало 50 домаќинства со 164 жители, сите христијани (Македонци).[5]
Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Долно Мелничани живееле 250 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Долно Мелничани имало 280 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Долно Мелничане се води како чисто македонско село во Реканската каза на Дебарскиот санџак со 35 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 800 Македонци.[9]
Селото е мало, во фаза на наполно раселување. Во 1961 година селото броело 257 жители, а во 1994 година само 23 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, селото имало 11 жители, сите Македонци.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 13 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 250 | 280 | 293 | 290 | 257 | 69 | 31 | 17 | 23 | 11 | 13 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
[уреди | уреди извор]Во селото Долно Мелничани отсекогаш живееле исклучиво родови на Македонци од православна христијанска вероисповед.[2]
Според истражувањата на Томо Смилјаниќ - Брадина спроведувани на почетокот на XX век, во селото Долно Мелничани живееле следните македонски родови:
- Долно Маало: Ѓорѓиовци и Стефановци, кои дошле од селото Попоец од Брсјаците во Кичевско; Макревци кои дошле од Косоврасти; Јовковци и Огненовци; Спасовци кои дошле од пределот на Булчица преку градот Дебар; и
- Горно Маало: Петковци; Поповци; Силјановци; Митревци; Неловци; Јакшовци; Паликуќовци; Ќипровци; Потевци; Балковци, при што сите како слава го славеле празникот Воведение на Пресвета Богородица.
Брадина за родот Стефановци има запишано дека некогаш биле муслимани, како и други семејства во селото, но биле крстени во Бигорскиот манастир на почетокот на XIX век.
Во 1926 година во селото Долно Мелничани живееле следните семејства со вкупно 54 домаќинства: Китановски, Костови, Фидановски, Макревски, Велковски, Милошевски, Мијовски, Филиповски, Аврамовски, Спасеви, Доневски, Несторовски, Андоновски, Ангелкови, Ристеви, Досеви, Јаковлевски, Арсови, Јосифови, Зафирови, Апостоловски, Кирови, Стојанови, Силјанови, Герасимови, Гигови, Исакови, Тофилови, Тодорови, Стаматоски, Гавриловски, Ристевски, Серафимовски и Попевски.[15]
Кон крајот на деведесеттите години на XX век во селото постојано живееле 5 семејства со вкупно 10 члена и тоа: Василевски, Савевски, Момировски, Силковски и Јаковлевски, а повремено, но подолго време престојувало семејството Андоновски.[15]
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Кон крајот на XIX век, Долно Мелничани било село во Реканската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Центар Жупа, која била една од ретките општини, кои не биле променети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така припаѓало на некогашната Општина Центар Жупа.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Дебар.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Косоврасти, во која влегувале селата Горно Косоврасти, Горно Мелничани, Долно Косоврасти, Долно Мелничани, Могорче, Осој и Скудриње. Во периодот 1950-1952 година селото било дел на некогашната Општина Долно Косоврасти, во која влегувале селата Горно Косоврасти, Долно Косоврасти, Горно Мелничани, Долно Мелничани, Могорче и Осој.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0559 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во селото Горенци. Во ова избирачко место се опфатени и селата Горенци, Горно Мелничани и Пареши.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 296 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 318 гласачи.[18]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви[19]
- Црква „Воведение на Пресвета Богородица“ — главна селска црква, потекнува од XIX век (1884 год.)
- Споменици
- Споменик во чест на загинатите борци од НОБ
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави[2]
- Спасовден — селска слава
- Голема Богородица — црковна слава
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Поглед на Долно Мелничани со северното заезерување Дебарското Езеро во долината на Радика и селото Долно Косоврасти во позадината
-
Споменикот на НОБ во селото
-
Споменикот со главната селска црква
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 Смиљаниќ; Тома (1925). Mijaci, Gorna Reka i Mavrovsko Polje. Белград: Српска кралска академија. OCLC 28398861.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 107.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 176-177.
- ↑ Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 261.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 184-185.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 48.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 3 февруари 2023.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ 15,0 15,1 Јовчевски, Петко; Јовчевски, Методија (јули 2000). Рајчица и Рајчка парохија - крајот на XIX и првата половина на XX век; селата: Рајчица, Горенци, Пареши, Броштица, Кочишта, Вапа со Пеовци и Јанковци, Голем Папрадник и Праленик. Дебар: Графобимс. стр. 117-118. ISBN 9989-908-42-7.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2023-01-21. Посетено на 24 јануари 2023.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Долно Мелничани на Ризницата ?
|