Лавци (Битолско)
Лавци | |
Воздушен поглед на селото Лавци | |
Координати 41°0′52″N 21°18′9″E / 41.01444° СГШ; 21.30250° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Битола |
Област | Пелагонија |
Население | 291 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7000 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02067 |
Надм. вис. | 760 м |
Лавци на општинската карта Атарот на Лавци во рамките на општината | |
Лавци на Ризницата |
Лавци — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]За името на селото Лавци има две толкувања. Според првото толкување, во селото се чувале големи стада овци, а со овците имало и кучиња. Ноќе кога сите спиеле доаѓале волци, а кучињата лаеле по нив за да ги бркаат, па селото го добило името по нивниот лаеж.[2] Според второто толкување, во селото се доселиле влашки семејства, па името е изведено од Власи, т.е. Ласи.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во средишниот дел на територијата на Општина Битола, припаѓајќи на групата потпелистерски села на планината Баба, чиј атар и се издига високо во планината. Лавци е сместено во југозападниот дел на Битолското Поле, недалеку од градот Битола, на оддалеченост од неколку километри, со што припаѓа на неговата рурбална зона.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 760 метри.[3]
До селото води асфалтен пат, кој започнува во близина на битолската болница. Помеѓу селото и градот во изминативе години се подигнати голем број на нови градби, со што може да се смета дека Лавци скоро би станало битолско предградие.[2]
Селото се наоѓа во непосредна близина на градот Битола, во подножјето на Баба Планина. Најблиски околни села се Брусник, Буково и Орехово. Во минатото, водата за пиење се добивала од две селски чешми.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Грамадница, Селиште, Пилкаш, Рудина, Старо Лавци, Плење, Калојца, Широка Падина, Мечкини Дупки и Волчи Камен.[4]
Селото има збиен тип и е поделено е на четири маала, Долно, Горно, Трајановско и Белкоско Маало. Маалата се незначително оддалечени едно од друго.[4]
Историја
[уреди | уреди извор]Селото се споменува во отоманските документи од 1639 година (помеѓу 17 и 27 јуни), во една изјава дадена од забитот на село Лахци пред група жители од истото село, дека од населението на име ушур и други давачки примил 21.000 акчиња.[5][4]
Месноста Селиште се наоѓа пониско од денешното село, каде денес се наоѓаат ниви. Сепак, во народната традиција не се зачувало ништо за ова селиште. Лавци се смета дека е старо пелистерско село и за него се говори дека најпрвин се наоѓало на месноста Плење. Оваа месност се наоѓа повисоко на падините, помеѓу денешното село и соседното Буково. На месноста се наоѓале остатоци на стари гробови.[4]
Населбата на месноста Плење подоцна се преселила на друго место наречено Старо Лавци, помеѓу денешното село и соседното село Брусник. Денес, таму се наоѓаат винови лози. На Старо Лавци, мештаните имале проблем со водата, бидејќи имало само една слаба чешма (Маноа Чешма), па затоа преминале на денешната местоположба.[4]
Втора светска војна
[уреди | уреди извор]На 5 април 1942 година била донесена одлука за создавање на битолски партизански одред, а оваа одлука била спроведена на 22 април 1942 година. Тој се создал на планинските падини над селото Лавци. На 3 мај 1942 година, одредот бил разбиен од страна на бугарската фашистичка војска и полиција при што дел од неговите членови загинале. Постои спомен-плоча на местото каде што се случил настанот.
Како резултат на бугарските окупациски сили, во селото било создадено читалиштето „Просвета“. За да се наруши работењето на читалиштето, Тодор Ангелевски-Даскало им препорачал на лавчани да влезат во управата со што би се саботирала работата. Во читалиштето имало 26 книги и 59 членови, од кои многумина биле само на список, а ти не знаеле за нивното „членство“. На чело на управата бил Ставре Костадиновски, а на него му помагал Ѓорѓи Бошевски-Боше.
Лавци во текот на народната револуција било едно од најактивните. Меѓутоа, во првите месеци од 1943 година од скоро сите членови останала само Лена Ташкова. Таа и натаму одржувала партиски контакти со раководството на партиската организација во Битола и овозможувала во селото да престојуваат и работат високи партиски функционери како Кузман Јосифоски-Питу, Блаже Талевски и други. Во селото била создадена нова партиска ќелија на 13 мај 1943 година.
Паралелно со општите успеси на НОВЈ и КПЈ во септември 1944 година во Лавци бил создаден Антифашистички фронт на жените. Покрај другите активности, членките на АФЖ од село Лавци решиле да направат големо црвено знаме и да извезат срп и чекан на него. Целта им била штом ќе биде ослободена Битола да слезат во градот со знамето. Претседател на АФЖ во Лавци била Анча Ристевска.
После долги тормозења и застрашувања од окупаторската власт, селаните од Лавци во почетокот на октомври 1944 година формирале свој орган на власт, т.е. народноослободителен одбор. Иницијативата за тоа ја дал Димче Милевски-Добри.
Вкупно 5 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[6]
-
Споменик од НОБ во селото Лавци
-
Спомен-плочата каде што е разбиен одредот
-
Местото каде што е разбиен одредот
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото зафаќа простор од 9,9 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 492 хектар, на обработливото земјиште отпаѓаат 231 хектар, а на шумите 149 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во селото работеле услужни објекти.[3]
До 1912 година, земјата под селото во најголем дел припаѓала на битолските Турци. Подоцна, земјата ја купиле селаните.[4]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Лавци живееле 610 жители, сите Македонци.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Лавци се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 100 куќи.[8]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Лавци имало 960 Македонци, патријаршисти. Во селото функционирало грчко училиште.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.[10]
Лавци е средно село по големина, но со намалување на населението. Така, во 1961 година броело 620 жители, а во 1994 година 339 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 селото брои 338 жители, од кои 336 Македонци и 2 останати.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 291 жител, од кои 273 Македонци, 2 Власи, 1 останат и 15 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 610 | 960 | 700 | 684 | 620 | 574 | 517 | 504 | 339 | 338 | 291 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]
Родови
[уреди | уреди извор]Лавци е македонско православно село.[4]
Според истражувањата од 1951 година, родови во селото:
- Родови староседелски и доселенички со непозната старина се: Бабамовци (6 к.), Илчовци (5 к.), Стојчевци (5 к.), Окрои (3 к.), Рамановци (3 к.), Цаковци (2 к.), Ѓафкиловци (2 к.), Жабовци (4 к.), Даскаловци (4 к.), Кечовци (3 к.), Наковци (3 к.), Саламовци (3 к.), Ѓолевци (3 к.), Србиновци (2 к.), Секуловци (2 к.), Митревци (1 к.), Јовчевци (5 к.), Трајчевци (3 к.), Јанкуловци (3 к.), Нечовци (2 к.), Анѓелковци (5 к.), Пафтаровци (10 к.), Илкановци (4 к.), Маринковци (1 куќа), Ѓоршевци (5 к.), Николовци (3 к.), Гудовци (17 к.), се делат на Марковци и Костадиновци, Митановци (4 к.), Дурбаковци (4 к.) и Сидеровци (2 к.).
- Доселени родови со позната старина се: Карчановци (3 к.), доселени се во XIX век од селото Трап; Доневци (4 к.), доселени се од селото Егри.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]За време на Првата светска војна иселеници од Лавци имало во Битола (13 семејства). Во периодот 1960-1970 се отселиле над 20 семејства.[4]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Подрачното основно училиште „Климент Охридски“, петгодишно основно училиште во мирување, во состав на ОУ „Св. Климент Охридски“ - Битола
- Поранешна амбуланта
- Поранешна пошта
- Месна заедница
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]На крајот од XIX век, Лавци било чисто македонско село во Битолската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Битола.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1957 до 1965 година, селото најпрвин било дел од тогашната општина Дихово, но подоцна било припоено кон Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1957 година, селото било во рамките на тогашната општина Дихово.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната општина Дихово, во која покрај селото Лавци се наоѓале селата Братин Дол, Брусник, Дихово, Магарево, Нижеполе, Снегово и Трново. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Лавци, во која влегувале селата Брусник и Лавци.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0126 според Државната изборна комисија, сместенo во просториите на месната заедница.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 270 гласачи.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 277 гласачи.[19]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви[20]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква; и
- Црква „Св. Илија“ — манастирска црква.
- Манастири
- Лавчански манастир — мал манастир над селото
- Параклиси
- Параклис „Св. Наум Охридски“ — параклис над селото.
- Споменици
- Споменик во чест на НОБ
- Спомен-плоча за разбивањето на битолскиот одред
- Реки
- Лавчанска Река — река низ селото
-
Манастирската црква
-
Лавчанска Река
-
Параклисот „Св. Наум Охридски“
-
Главната селска црква
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Лавци
- Наум Лавчанец (1875-1924) - македонски револуционер;
- Веца Ангеловска-Гудова (1920-1958) — учесник во НОВ на Македонија.
- Тодор Ангеловски (1908-1943) - партизан, учесник во НОБ;
- Сотир Брбевски (1914-1944) - партизан, учесник во НОБ;
- Панде Јовчевски-Кајзеро (1923 - 1943) - партизан, учесник во НОБ;
- Фана Кочовска (1927-2004) - партизан, учесник во НОБ.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Мост на Лавчанска Река
-
Селската чешма
-
Мост на Лавчанска Река
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2021-07-19. Посетено на 2024-08-31.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 172. Посетено на 31 август 2024.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 4,8 Трифуноски, Јован (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 221-222. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ, серија прва (1980). Скопје: Архив на Македонија. Стр.47
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Кѫнчовъ, Василъ. Македония. Етнография и статистика. София, Българското книжовно дружество, 1900. ISBN 954430424X. с. 238.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 12.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 166-167.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 31 август 2024.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Државна изборна комисија. Посетено на 13 октомври 2021.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 31 август 2024.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]Викиизвор има текст за |