Жубрино
Жубрино | |
Поглед на селото со термоцентралата „Осломеј“ | |
Координати 41°35′12″N 21°0′37″E / 41.58667° СГШ; 21.01028° ИГД | |
Регион | Југозападен |
Општина | Кичево |
Област | Горно Кичево |
Население | 203 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 6254 |
Повик. бр. | 045 |
Шифра на КО | 12021 |
Надм. вис. | 696 м |
Жубрино на општинската карта Атарот на Жубрино во рамките на општината | |
Жубрино на Ризницата |
Жубрино — село во областа Горно Кичево, во Општина Кичево, сместено во околината на градот Кичево.
Во непосредна близина на селото се наоѓа РЕК „Осломеј“.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во областа Горно Кичево, сместено во Кичевската Котлина, во северниот дел на подрачјето на Општина Кичево, од десната страна на патот и железничката пруга Кичево-Гостивар.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 670 метри. Од градот Кичево е оддалечено 11 километри.[2] Жубрино се наоѓа на западните падини на планината Добра Вода.
Селото се наоѓа помеѓу рамното земјиште на исток и падините на возвишението Вардино на запад. Околни села се: Србица на исток, Арангел на североисток и Осломеј на југозапад.[3] Сместено е на патот помеѓу селата Осломеј и Поповјани.[4]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Селиште, Кафеџица, Млака, Ливадичиња, Долна Ограда, Кавгалија, Киша, Вардина, Кориште, Лаг, Варени, Крој Асани и Крој Адеми.[3]
Селото има збиен тип, поделено на три маала: Горно, Долно и Преку Река.[3]
Историја
[уреди | уреди извор]Жубрино е старо село и најпрвин било словенско-христијанско село. Првпат било забележано во историските извори во втората половина на XV век, кога во турските пописни дефтери било забележано со 2 куќи, христијански семејства.[5] Подоцна нивниот број се зголемил на 20.[3]
Старото село се наоѓало 500 метри западно од денешното во месноста Селиште. Денес, таму се наоѓаат ниви.[3]
Во XIX век, Жубрино било претворено во чифлиг од Албанецот Канла-ага населен во Кичево (по потекло од Калица во Северна Албанија). Изградил кула, штали и куќи за македонските чифчии. Се наоѓале на местото на денешното село, односно во самото поле. Поради ова, населбата во Селиште опустела.[3]
До 1880 година, во Жубрино имало Македонци чифчии. Македонците живееле на чифлигот на Алил-аге, син на споменатиот Канла-ага. Целата земја од 100 хектари (ниви и шума) била негова. Таа година, Македонците биле иселени, бидејќи сопственикот на чифлигот започнал да ја продава земјата на Арбанаси од околните села. Најпрвин се доселиле Арбанаси од Ќафа на планината Буковиќ, а потоа следеле и Арбанаси од други села. Последното парче земја била купена во 1912 година.[3]
Македонците имале своја црква во месноста Киша, покрај некогашната населба во Селиште. Тоа е обраснато од шума, а во непосредна близина се наоѓаат и старите македонски гробишта. Кулата со амбарот постоела на местото Чифлик, каде денес се наоѓа куќата на Салиовци.[3]
Во XIX век, Жубрино било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот е мал и зафаќа простор од 3,3 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 123,7 хектари, на шумите отпаѓаат 122 хектари, а на пасиштата 47,9 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото постои продавница.[2]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година, селото Жубрино имало 52 домаќинства со 150 жители муслимани и 50 христијани.[6]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото имало 260 жители, сите Албанци.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 150 Албанци.[8]
Жубрино во 1961 година броело 328 жители, додека во 1994 година бројот се зголемил на 405 жители, албанско население.[2]
Пописот од 1991 година не бил одржан во селото Жубрино, бидејќи неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.[заб 1]
Според пописот од 2002 година, во селото Жубрино живееле 547 жители, од кои 544 Албанци и 3 останати.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 203 жители, од кои 198 Албанци и 5 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 260 | — | 248 | 294 | 328 | 392 | 416 | 0 | 405 | 547 | 203 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
[уреди | уреди извор]Денес, Жубрино е албанско село, кое било населено од арбанашки родови од околните села.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се: Багардан (4 к.), првите албански доселеници. Се доселиле пред 85 години од селото Ќафа на планината Буковиќ. Се знае следното родословие: Исен (жив, на 54 години)-Шериф-Џафер, кој се доселил од Ќафа. Подалечното потекло им е од Северна Албанија; Губероски (15 к.), доселени се од Србица. И нивното подалечно потекло е од Матија од Северна Албанија; Тафалар (4 к.) и Пињалоски (9 к.), доселени се од Туин. Подалечно потекло од Северна Албанија; Фетоличи (4 к.), доселени се од Гарани. Подалечно потекло им е од Матија, Северна Албанија; Шегалари (3 к.), доселени се од Долно Строгомиште. Таму припаѓале на поалбанченото словенско население; и Чадороски (2 к.), доселени се од Црвивци. Подалечното потекло им е од Северна Албанија.
Според истражувањата, пак, на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[4]
- Староседелци: Џадоровци (1 к.), Багрдановци (3 к.); Гурбовци (2 к.); Шеговци (3 к.), Суловци (2 к.), Пињаловци (4 к.) и Рамадиновци (2 к.), никој не го знае потеклото; и
- Доселеници: Синани (3 к.), дошле од Ќафа; Видини (1 к.), дошле од Видин, Вељан-Раме (1 к.), дошле од Туин; Бељовци (7 к.), дошле од Србица и Куса (4 к.), дошле од Гарани.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Основно училиште „Ѓ.К. Скендербег“, подрачно петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Ѓ.К. Скендербег“ - Србица
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Осломеј.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Осломеј, во која покрај селото Жубрино, се наоѓале и селата Арангел, Гарани, Лазаровци, Мамудовци, Ново Село, Осломеј, Премка, Србица, Стрелци, Црвивци и Шутово. Во периодот 1950-1952, селото влегувало во рамки на некогашната општина Осломеј, заедно со селата Жубрино, Осломеј и Црвивци.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0792 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 426 гласачи.[16]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[17]
- Бунаричек — средновековна црква
- Цркви
Во минатото во селото постоел црковен храм во месноста Селиште.[4]
- Џамии[18]
- Џамија — главна селска џамија, која била изградена во 1934 година
- Споменици
- Споменик за НОБ
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Жубрино
- Бесим Селими (р. 1944) — македонски правник и уставен судија.[19]
Иселеништво
[уреди | уреди извор]По Втората светска војна, од селото се иселиле четири албански семејства: две во Кичево и две во Турција. Потекнуваат од родовите Губероски и Чадороски.[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 126. Посетено на 2 јануари 2021.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 49–50.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 Смиљанић, Тома, (1935) Кичевија, Насеља и порекло становништва. Београд, САНУ
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.239
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 90-91.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 256.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 2 јануари 2021.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 2 јануари 2021.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 11 ноември 2019.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 163. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „Судии“. Уставен суд на Македонија. Посетено на 2011-03-30.[мртва врска]
- Забелешки
- ↑ Во пописот од 1991 година, во населените места: Грачани, Никиштане, Ново Село (Боговиње), Раковец, Селце Кеч, Гургурница, Долно Јаболчиште, Клуковец, Добовјани, Врановци, Јажинце, Орашје, Равен, Спас, Богојци, Поум, Џепин, Долна Ѓоновица, Горна Лешница, Групчин, Добарце, Копачин Дол, Ларце, Мерово, Ново Село (Желино), Палатица, Рогле, Седларево, Стримница, Церово, Чифлик (Желино), Грешница, Длапкин Дол, Долно Строгомиште, Колибари, Речани - Зајаско, Вражале, Горно Седларце, Новаќе, Синичане, Мамудовци, Трапчин Дол, Горно Свиларе, Дворце, Рашче, Алашевце, Ваксинце, Виштица, Глажња, Гошинце, Злокуќане, Извор (Липково), Липково, Лојане, Оризари, Отља, Р’нковце, Руница, Слупчане, Стрима, Бибај, Богдево, Грекај, Нивиште, Орќуше, Рибница, Горјане, Градец, Ѓурѓевиште, Ломница, Арангел, Жубрино, Папрадиште, Ќафа, Црвивци, Бојане, Копаница, Паничари, Раовиќ, Чајлане, Патишка Река, Света Петка, Чифлик (Сопиште), Лакавица, Падалиште, Србиново, Страјане, Трново, Франгово, Шум, Алдинци, Горно Количани, Драчевица, Рамни Габер, Црвена Вода, Црн Врв, Нераште, Вејце, Селце, Корито, Блаце, Брест, Танушевци, Ѓермо, Порој, Бозовце, Бродец, Вешала и Шипковица, целото население не прифати да земе учество (го бојкотираше) во Пописот.