Прејди на содржината

Долно Добреноец

Координати: 41°29′54″N 20°53′51″E / 41.49833° СГШ; 20.89750° ИГД / 41.49833; 20.89750
Од Википедија — слободната енциклопедија
Долно Добреноец

Поглед на селото

Долно Добреноец во рамките на Македонија
Долно Добреноец
Местоположба на Долно Добреноец во Македонија
Долно Добреноец на карта

Карта

Координати 41°29′54″N 20°53′51″E / 41.49833° СГШ; 20.89750° ИГД / 41.49833; 20.89750
Регион  Југозападен
Општина  Кичево
Област Копачка
Население 23 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6261
Повик. бр. 045
Шифра на КО 12016
Надм. вис. 710 м
Долно Добреноец на општинската карта

Атарот на Долно Добреноец во рамките на општината
Долно Добреноец на Ризницата

Долно Добреноец — село во областа Копачка, во Општина Кичево, на патот помеѓу градовите Кичево и Демир Хисар. До март 2013 година, селото било дел од поранешната Општина Другово, која била споена со Општина Кичево.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во областа Копачка, во јужниот дел на територијата на Општина Кичево, од левата страна на реката Треска, а на југоисточните падини на Бистра.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 710 метри. Од градот Кичево е оддалечено 5 километри.[2]

Селото е сместено во долината на реката Студенчица, лева притока на Треска. Околни села се: Горно Добреноец, Другово и Пополжани.[3]

Има заеднички атар со селото Горно Добреноец. Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Млаки, Гргул, Старо Село, Петро Село, Равен, Расаиште, Голема Млака, Јаорје, Гробои, Широка Нива, Речиште, Скалине, Метеризи, Гегоо Викало, Гоечко Биље, Кула, Јасика, Два Камена, Малезоа Рупа, Василеј Нивје, Пиој, Седлиште, Рибарица и Ранци.[3]

Селото има збиен тип. Не постојат маала, но има родовско групирање, како што се Дрмановци, Топузовци, Слабаковци, Крстески и други.[3]

Историја

[уреди | уреди извор]

Во близина на селото се наоѓа историското село Петро Село. Ова село било сместено на повисок терен, на границата со атарот на Другово. На селиштето се сретнуваат старини.[3]

Најпрвин постоело селото Добреноец, кое се наоѓало на повисок терен, во месноста Старо Село. Во тоа село живеел родот Дрмановци, староседелци. Кон крајот на XVIII век или почетокот на XIX век, во селото се населиле и тројца браќа, по потекло од Закамен. Во средината на XIX век, селаните се спуштиле во долината на реката Студенчица. Така, било основано ново село со две издвоени маала, Горно и Долно. Маалата од 1946 година функционираат како посебни села.[3]

Во XIX век, Долно Добреноец било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.

По кризата во 1989-90 за вода во Добреноец и сушење на речното корито на реката Студенчица, од тогашната експертска влада биле одобрени 13% од собраните средства да бидат префрлани на месната заедница Добреноец. Парите биле наменети за уредување на речното корито, за изградба на систем за наводнување, уредување на локалниот пат, кој води до изворот на реката и јавното претпријатие кое е задолжено за чување на изворот, но и за други потреби за селата Горно и Долно Добреноец. Но, поради централизирањето на власта овие средства биле укинати.

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот е заеднички со соседното село Горно Добреноец и зафаќа голем простор од 41,2 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 2.515,2 хектари, на пасиштата отпаѓаат 1.429,9 хектари, а на обработливото земјиште 140,5 хектари.[2]

Селото, во основа, има сточарско-шумарска функција.[2]

Во атарот на селото се наоѓа изворот „Студенчица“, со кој управува посебно јавно претпријатие.

Населението се занимава со земјоделство, риварство, пчеларство и со шумарство, а дел од младите се иселуваат барајќи подобри услови за живот во поголемите градови.

Почнува да се развива селски туризам благодарение на спотот на Милчо Манчевски, „Македонија вечна“. Исто така голем број посетители доаѓаат начесто поради природата што ја нуди селото: реката Студенчица, падините на Бистра, како и новоотворениот рибен ресторан „Добреноец“.

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948206—    
1953202−1.9%
1961120−40.6%
197192−23.3%
198170−23.9%
ГодинаНас.±%
199150−28.6%
199462+24.0%
200244−29.0%
202123−47.7%

Според податоците од 1873 година, селото Добреноец (Горно и Долно) имало 32 домаќинства со 139 жители христијани (Македонци).[4]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во двете села имало 500 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во двете села имало 488 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[7]

Селото е мошне мало и во 1961 година имало 120 жители, а во 1994 година 62 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Долно Добреноец живееле 44 жители, сите Македонци.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 23 жители, од кои 16 Македонци и 7 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 500 488 206 202 120 92 70 50 62 44 23
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Долно Добреноец е македонско православно село.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:

Родови во Долно Добреноец се: Дрмановци (6 к.), староседелци; Топузовци (6 к.), Слабаковци (5 к.), Крстески (5 к.), Мијовци (3 к.), Грујовци (1 к.) и Шорлевци (1 к.), сите овие родови потекнуваат од предците од Старо Село, кои пак таму дошле од Закамен.

Според истражувањата пак на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се: Дрмановци (4 к.), староседелци; Тировци (2 к.), дошле од Закамен; Топузовци (10 к.), Митревци (5 к.), Мечкаровци (5 к.), Митановци (10 к.), Чкоревци (11 к.), Станојовци (8 к.), Гроздановци (4 к.), Ќосевци (7 к.), Ѓешковци (3 к.), Ѓуровци (1 к.), Шишковци (8 к.), дојдени од старото напуштено село Студена, низ кое течела реката Студенчица.[14]

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Главната селска црква „Св. Варвара
  • Месна заедница

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Другово.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Другово, во која покрај селото Долно Добреноец, се наоѓале и селата Горно Добреноец, Другово, Јаворец, Лавчани, Манастирско Доленци, Подвис, Пополжани и Србјани. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната Општина Подвис, во која влегувале селата Горно Добреноец, Долно Добреноец, Лавчани и Подвис.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0763 според Државната изборна комисија, сместено во месната заедница.[15]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 40 гласачи.[16] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 39 гласачи.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 33 гласачи.[18]

Личности

[уреди | уреди извор]

Личности родени во Долно Добреноец:

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Цркви[19]
Реки[20]

Изворот „Студенчица“ се наоѓа на источната страна на планината Бистра на надморска висина од 965 метри и е оддалечен 5 километри од селото. Изворот има капацитет од 1.200 л/с. Благодарение на силниот капацитет што го нуди изворот, водата се пие во градовите Прилеп, Кичево, Крушево, Македонски Брод и во општината Кривогаштани, а 80 л/с користи и ТЕЦ „Осломеј“ за ладење на турбините.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Родот Милевци (3 к.) се иселил во кичевското село Рабетино. Родот Секулоски (1 к.) се иселил во прилепското село Дебреште. По Втората светска војна, неколку домаќинства се иселиле во кичевските села Другово и Староец, а потоа и во Кичево.[3]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 103. Посетено на 18 јануари 2019.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 81–82.
  4. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 90-91.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 256.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 154-155.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 18 јануари 2019.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Кичевија - Тома Смиљаниќ (1926) - Кичево“. Кичево. 2018-05-16. Посетено на 2018-11-25.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 18 јануари 2019.
  16. „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-08-08. Посетено на 18 јануари 2019.
  17. „Референдум 2018“. Посетено на 18 јануари 2019.[мртва врска]
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 69. ISBN 978-9989-2117-6-8.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]