Србјани
Србјани | |
Поглед на селото | |
Координати 41°29′8″N 20°56′58″E / 41.48556° СГШ; 20.94944° ИГД | |
Регион | Југозападен |
Општина | Кичево |
Област | Копачка |
Население | 518 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 6261 |
Повик. бр. | 045 |
Шифра на КО | 12068 |
Надм. вис. | 610 м |
Србјани на општинската карта Атарот на Србјани во рамките на општината | |
Србјани на Ризницата |
Србјани — село во областа Копачка, во Општина Кичево, во околината на градот Кичево. До март 2013 година, селото било дел од поранешната Општина Другово, која била споена со Општина Кичево.
Потекло на името
[уреди | уреди извор]Името на Србјани е многу старо, но сепак не се знае неговото потекло. За време на Првата светска војна, бугарската окупаторска власт селото го преименувало во Танево.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Ова село се наоѓа во областа Копачка, во јужниот дел на територијата на Општина Кичево, сместено во Кичевската Котлина, од десната страна на реката Треска.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 610 метри.[3]
Куќите на ова село се наоѓаат во една плодна низина околу Треска на север и повисоко шумско земјиште на север. Околу селото се: градот Кичево на север, Другово на запад, Манастирско Доленци на југ и други.[2]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Полатиште, Смиљаница, Гребен, Габер, Белчев Камен, Јастребец, Крешна, Кутел, Литурѓии, Осој, Орлов Камен, Солиште, Долно Поле и Јаз Беловоденички.[2]
Селото има збиен тип. Се разликуваат Горно, Долно и Чифлик маало. Првите две се најстари маала. Во Долно маало се наоѓаат куќите на торбешките родови, додека во другите две маала живеат македонските православни родови.[2]
Селото Србјани се наоѓа во областа Долна Копачка, на само 2 километри јужно од Кичево.
Историја
[уреди | уреди извор]Србјани спаѓа меѓу најстарите села во Кичевската Котлина. Животот во населбата не бил прекинат.[2] Првпат се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Кичевската нахија, кога имало 40 семејства, 3 неженети и 4 вдовици, сите христијани.[4]
Народната традиција наведува дека Србјани и подоцна имало само христијанско население. Меѓутоа, во понатамошниот период, дел од тие христијани се преобратиле во ислам и оттогаш населението е мешано, муслиманско и христијанско. Бројот на двете групи низ годините се менувал.[2]
Пред крајот на турската власт, во Србјани се наоѓал чифлик на Риза-бег од Ѓаковица. По заминувањето на Турците, неговото земјиште го добиле македонските родови (околу 15 к.). Додека бегот се наоѓал во селото настанало Чифлик маало, во кое се доселиле чифчии од други кичевски села.[2]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот зафаќа простор од 6,5 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 252 хектари, на шумите отпаѓаат 225 хектари, а на пасиштата 132 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година, селото имало 51 домаќинство со 126 жители христијани (Македонци) и 50 жители Македонци-муслимани.[5]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Србјани имало 454 жители, од кои 304 христијани Македонци и 150 Македонци-муслимани.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Србјани имало 288 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Србјани се води како чисто македонско село од мешана (муслиманска и православна) вероисповед во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 40 куќи.[8]
Една статистика, која ја подготвил кичевскиот училиштен инспектор Крсто Димчев во 1909 година, ги дава следниве податоци за Србјани:[9]
Домаќинства | Гурбетчии | Писмени | Неписмени | ||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
мажи | жени | вкупно | мажи | жени | вкупно | ||
40 | 35 | 34 | 2 | 36 | 99 | 105 | 204 |
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци.[10]
Селото е средно по големина, кое што во 1961 година броело 473 жители, од кои 400 биле Македонци, а 71 жител Турци. Во 1994 година, бројот се зголемил на 508 жители, од кои 298 биле Македонци, 138 Турци и 70 жители Албанци.[3]
Според последниот попис од 2002 година, во селото Србјани живееле 495 жители, од кои:[11]
*Населението е претежно македонско, но дел од македонското население со исламска вероисповед се изјаснило како Турци или Албанци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 518 жители, од кои 288 Македонци, 61 Албанец, 139 Турци, 1 Србин, 1 останат и 28 лица без податоци.[12]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Србјани:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Срби | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | 526 |
1953 | 477 | 0 | 83 | 0 | 5 | — | 565 |
1961 | 400 | 1 | 71 | 0 | 1 | — | 473 |
1971 | 355 | 19 | 120 | 1 | 1 | — | 496 |
1981 | 332 | 44 | 69 | 1 | 88 | — | 534 |
1991 | 287 | 39 | 143 | 0 | 6 | — | 475 |
1994 | 298 | 70 | 138 | 0 | 2 | — | 508 |
2002 | 281 | 47 | 164 | 0 | 3 | — | 495 |
2021 | 288 | 61 | 139 | 1 | 1 | 28 | 518 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1953-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
[уреди | уреди извор]Селото Србјани е населено во целост со македонско население, кое се разликува според верската припадност на православна и муслиманска вероисповед. Во селото живее воглавно староседелско население.[2]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:
- Македонски православни родови се: Крстевци (5 к.), Настевци (5 к.), Пулевци (4 к.), Марковци (3 к.), Миајлевци (1 к.), Таневци (2 к.), Влаовци (2 к.), Ѓурчиновци (2 к.), Трипуновци (3 к.), Дуковци (1 к.) и Даневци (1 к.), овие родови се староседелски; Ѓормалевци (6 к.), доселени се во турско време од селото Кладник, Долгачевци или Спировци ( 3 к.), доселени се во турско време од селото Брждани, Кршковци (5 к.) и Петревци (2 к.), доселени се од селото Карбуница, Плетикошаровци (2 к.), доселени се од селото Јудово, Матиќевци (2 к.), доселени се од селото Туин, Бинијовци (3 к.) и Жванковци (2 к.), не знаат од каде се доселени, Лавчанци (2 к.) и Ќипревци (2 к.), доселени се после Првата светска војна од селото Лавчани, Бржданци (2 к.) овде живеат од кога и претходните два рода, доселени се од селото Брждани.
- Македонски муслимански (т.н. „торбешки“) родови се следните: Даутовци (3 к.), Есатовци (2 к.), Кленчевци (2 к.), Мендевци (2 к.), Сулевци (1 к.), Имеровци (1 к.) и Расим Кукуш (1 к.), староседелски родови; Оџовци дојдени се во турско време од Кичево, Расимовци (2 к.) нив околу 1910 година ги населил газдата на чифликот Риза-бег. По потекло се од околината на Ѓаковица, порано домашниот јазик им бил албанскиот, но мешајќи се со Торбешите го примиле македонскиот јазик.
Според истражувањата пак на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[13]
- Македонски христијански родови: Чадоровци (4 к.), Марковци (4 к.), Кршаковци (12 к.), Саздановци (2 к.), староседелци; Влаовци (7 к.), биле Власи од Крушево; Биновци (3 к.), доселени од Охридско; Мијаиловци (3 к.), доселени од Охридско; Чормалевци (4 к.), доселени од селото Кладник; Блажевци (3 к.), доселени од Охридско; Кршковци (2 к.), доселени од Охридско; Мотичовци (3 к.), доселени од Горна Копачка; Пулевци (5 к.), доселени од Белица; Дабевци (1 к.), доселени од Орланци; Даневци (1 к.), доселени од Охридско; Филиповци (1 к.), доселени од Карбуница и Тупуровци (2 к.), доселени од Карбуница, исто така.
- Македонски муслимански родови: Љамовци (6 к.) и Алијевци (2 к.), староседелци; Адемовци (1 к.), дошле од Крушица; Кленчевци (7 к.), дошле од Кичево; Мивтаровци (2 к.), дошле од Дебар; Емин-аговци (1 к.) и Демир-аговци (1 к.), дошле од Кичево.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Подрачно основно училиште
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото било дел од некогашната Општина Другово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Другово, во која покрај селото Србјани, се наоѓале и селата Горно Добреноец, Долно Добреноец, Другово, Јаворец, Лавчани, Манастирско Доленци, Подвис и Пополжани. Општината Другово постоела и во периодот 1950-1952, кога во нејзе биле вклучени селата: Другово, Манастирско Доленци, Пополжани и Србјани.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0780 според Државната изборна комисија, сместено во училишната зграда.[14]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 434 гласачи.[15] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 432 гласачи.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 437 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[18]
- Баројца — доцноантичка населба и некропола.
- Цркви[19]
- Црква „Св. Петар и Павле“ — главна селска црква
- Џамии[19]
- Џамија — главна и единствена џамија во селото.
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во Србјани
- Стојан Илиоски (1927-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Ангеле Крстески (1924-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Стојан Крстески (1922-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Мирка Настеска (1918-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Киро Настески (1915-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Стојмир Стефаноски (1917-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Тане Цалески (1918-1943) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Мирослав Спироски (р. 1949) — македонски новинар и публицист.
- Мане Сиљанов Дукоски — македонски револуционер, Илинденец.[20]
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Од Србјани највеќе се иселувале македонските муслимански родови, кои бегале во Турција, во градовите Истанбул и Адапазар. Неколку семејства се иселиле околу 1913 година, некои после после Првата светска војна, а највеќе се иселиле после крајот на 1950-тите од XX век.[2]
Од македонските христијански родови, постари иселеници има во Бугарија, после Втората светска војна, неколку семејства се иселиле во Кичево.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 105–107.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 281. Посетено на 11 март 2019.
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.213
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.92-93.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 257.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 156-157.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 37.
- ↑ Стойчева, Станислава. Аспекти на грамотността на българското население в Македония (1878 – 1912), Македонски преглед, година ХХХVІІІ, 2015, кн. 2, с. 76.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 11 март 2019.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ „Кичевија - Тома Смиљаниќ (1926) - Кичево“. Кичево. 2018-05-16. Посетено на 2018-11-25.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 11 март 2019.
- ↑ „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2021-02-17. Посетено на 11 март 2019.
- ↑ „Референдум 2018“. Посетено на 11 март 2019.[мртва врска]
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка картаг на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ 19,0 19,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link)